Заев се вакцинираше: „Се чувствувам добро, ќе продолжам со работните обврски“ | Северна Македонија | DW | 06.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев се вакцинираше: „Се чувствувам добро, ќе продолжам со работните обврски“

Досега во С. Македонија се вакцинирани 74.076 граѓани. Последните податоци покажуваат дека 25% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.

Премиерот Зоран Заев денеска во скопската сала „А1 арена Борис Трајковски” се вакцинираше со кинеската вакцина „Синофарм”. Премиерот вели дека ја примил вакцината кој што била на располагање кога му дошол редот, согласно Националниот план за имунизација.

„Се чувствувам добро и ќе ги продолжам работните обврски. Ги повикувам граѓаните да се пријават за вакцинација за да може летово што поголем број лица да бидат имунизирани”, рече Заев.

Досега во С. Македонија се вакцинирани 74.076 граѓани. Последните податоци укажуваат дека 25% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина. Вчера се аплицирани 9.123 вакцини од кои 7.963 прва доза, а останатите се ревакцина.

-повеќе на темата: Веќе од сабота, повеќе слободи за вакцинираните Германци

Според податоците на Министерството, во државата вкупно вакцина и ревакцина примиле 92.253 граѓани. Според Националниот план за вакцинација, во моментов вакцинацијата се спроведува кај возрасни лица, граѓани што се пријавиле на веб-страницата vakcinacija.mk, како и вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку града во државата, и тоа во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид.

„Апелирам граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk и да се вакцинираат. Со ова темпо на вакцинација и капацитетите кои постојано ќе ги надградуваме имаме можност за релативно брзо време да постигнеме добар колективен имунитет“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.