Заев: Бугарија не е фашистичка земја, таа е наш пријател | Северна Македонија | DW | 25.11.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заев: Бугарија не е фашистичка земја, таа е наш пријател

Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој се борел за слободата на Македонија и за сите. И ова е апсолутна реалност“, вели премиерот во интервјуто за бугарска новинска агенција.

„Бугарија не е фашистичка земја, таа е наш пријател“, порачува премиерот Зоран Заев во најновот интервју за бугарската БГНЕС, во која одговара на повеќе прашања поврзани со актуелните историски спорови, заедничкото минато, но и европската иднина на двете земји. „Ние, двете земји, мора да бидеме доволно паметни да ја искористиме оваа заедничка историја за да изградиме мостови на пријателство. Затоа велиме дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој се борел за слободата на Македонија, за Одринско и за сите. И ова е апсолутна реалност“, дециден е Заев.

Документ

Тој во интервјуто информира дека е испратен документ во Бугарија во кој се потенцира дека С Македонија нема територијални претензии, дека нема да се меша во внатрешните работи на Софија и дека нема побарувања за малцинствата.

„Во Меморандумот што треба да биде одобрен од двете меѓувладини комисии стои дека немаме територијални претензии кон Бугарија и дека нема да се мешаме во внатрешните работи на земјата“, вели Заев и додава: „Ние испративме документ, којшто не е за премиерот Борисов или за министерката за надворешни работи Захариева, туку за Бугарите и за Македонците, за да знаат што се случува. Во него напишавме дека немаме територијални претензии и дека нема да се мешаме во внатрешните работи. Во тој документ јасно пишуваме дека немаме ‘малцински‘ претензии. Тој меморандум треба да биде одобрен од двете меѓувладини комисии“. Дополнително, владата на Заев веќе прифатила во заштитата на македонското небо, како дел од НАТО сојузот, освен Грција да се вклучи и Бугарија. 

Говор на омраза

Според македонскиот премиер, нема простор за говор на омраза во релациите меѓу двете земји и најавува казни за оние коишто ќе го поттикнуваат.

„Лично, ја потврдувам нашата позиција целосно да му се спротивставиме на говорот на омраза, што мора веднаш да запре. Активистот од ВМРО-ДПМНЕ, кој го запали бугарското знаме, ќе сноси одговорност“, вели Заев. 

-повеќе на темата: Маринов: Во Бугарија се уште живее сонот за „ребугаризација“ на Македонија

Тој додава дека веќе се сменети повеќе од 20 табли во Македонија, на кои што пишувало „бугарски фашистички окупатор“.

„Бугарија не е фашистичка земја, Бугарија е наш пријател“, истакнува Заев. Според него, политичарите од бивша Југославија ги држеле Бугарите и Македонците разделени.

Критики за опозицијата и Пендаровски

На забелешката дека опозицијата надвор зборува едно за Договорот, а во Македонија друго, Заев одговара дека тоа го правеле и кога биле на власт, а го прават и сега како опозиција.

„Ние постигнавме Договор со Бугарија, го постигнавме Преспанскиот договор со Грција. Ги решивме прашањата меѓу двете најголеми заедници во земјата, Македонците и Албанците. Тие не учествуваа во ништо и само создаваа проблеми. Нивната позиција е ‘колку полошо за државата, толку подобро за нивната партија‘, вели Заев. 

-повеќе на темата: Македонско-бугарски спор: Каноните на Тодор Живков

По изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека политиката на Бугарија е „живковистичка“, и забелешката дека тој веројатно знае оти Тодор Живков повеќе од 30 години не е на власт, Заев го правда Пендаровски дека е пријател на Бугарија, иако не е толку искусен политичар како него. Но, вели Заев, тој целосно е посветен на пријателството со нашите соседи и со Република Бугарија и се разбира на интеграцијата во НАТО и во ЕУ.

„„Верувајте, претседателот Пендаровски е пријател на Бугарија. Не е толку искусен политичар, како што е Зоран Заев. Тој е сериозен општественик и е ангажиран целосно на пријателството со нашите соседи и со Република Бугарија и секако на нашата интеграцијата во НАТО и ЕУ. Некој пат, верувам дека и јас, не само тој, не сме доволно внимателни со зборовите. Ви кажувам отворено, дека во неговата душа и неговиот памет, е комплетно желбата и сонот за големо пријателство, кое го имаме, но треба да го доизградиме и тој е голем поддржувач на договорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија“, вели Заев.

Гледај видео 26:25

Интервју Зоран Заев: Голема е горчината што нашите пријатели ни ставија блокада

DW.COM

Реклама