1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден во посета на Анкара

В.Чејс, В.Дик/ сн24 август 2016

Американскиот потпретседател Џо Бајден денеска во Анкара ќе се обиде на Турција да ѝ покаже дека и покрај бројните меѓусебни разлики, САД и натаму се важен партнер во ова кризно време. Може ли да успее во тоа?

https://p.dw.com/p/1Jo0S
Фотографија: picture-alliance/dpa

Посетата на Џо Бајден доаѓа во момент во кој билатералните односи се на дното. Дури имаше и шпекулации за целосен раскин на децениското партнерство, кое досега преживеало неколку кризи.

„Односите меѓу САД и Турција отсекогаш имале извонредни и многу лоши периоди, и отсекогаш изискувале многу негување“, вели Озгур Унлухисарџикли, директор на германскиот Маршалов Фонд на САД во Анкара. „Денес повторно минуваме низ тежок период“.

Уште пред обидот за воен преврат во Турција на 15 јули, односите беа силно оптоварени поради различните ставови за Сирија, дури и откако Анкара презеде одлучувачка улога во коалицијата против Исламска држава предводена од САД. По обидот за пуч, тензиите дополнително пораснаа.

Турците го обвинуваат Вашингтон

Турското раководство како и широки делови од населението ги обвинија САД дека го заштитуваат, па дури и дека активно го поддржуваат исламскиот свештеник Фетула Ѓулен, кој живее во САД. Анкара смета дека приврзениците на Ѓулен се одговорни за обидот за пуч и поради тоа ги третира како терористи.

Турција затоа бара од САД да го израчат Ѓулен, кој раководи со непрегледна мрежа од училишта, хуманитарни организации и претпријатија. Анкара го обвинува движењето Ѓулен дека со децении ја поткопува државата и гради „паралелна држава“, на што Турција реагираше со масовни чистки.

Fethullah Gulen
Фетула ЃученФотографија: Reuters/C. Mostoller

Барањето за екстрадиција би била еден долг процес, кој изискува конкретни докази за вмешаноста на Ѓулен во обидот за пуч, за да успее пред американските судови. Исто така, неопходни би биле задоволувачки гаранции од Турција дека Ѓулен во земјата би го очекувал фер судски процес.

Има бројни индиции дека приврзениците на Ѓулен биле вклучени во обидот за пуч. Во силно поларизираното турско општество и политика е впечатливо дека сите партии застапени во парламентот му го припишуваат обидот за пуч на Ѓулен.

Турција, меѓутоа, сѐ уште им нема доставено на САД официјално барање за израчување на Ѓулен поради обидот за пуч, туку само документи, кои ги докажуваат наводните криминални активности на Ѓулен пред пучот. Турската влада движењето Ѓулен го прогласи за терористичка организација во 2013 година.

Како знак дека САД сериозно ја сфаќаат Турција, Вашингтон пред посетата на Бајден во Анкара испрати тим стручњаци од министерствата за правда и надворешни работи. Овој чекор- како и ветувањето на Бајден за продолжување на партнерството меѓу двете земји- би можел да помогне, барем малку да се намали напрегнатоста во односите.

„Посетата на потпретседателот Бајден е конструктивен чекор, за справување со проблемите, не само да се зборува за нив и да се обвинува другиот, туку вистински да се разработат критичните точки“, истакнува Рос Вилсон, поранешен американски амбасадор во Турција. „Тоа е исправно постапување, Тоа функционираше и во минатото и така се неговаат односите со пријателска земја“.

Syrien Krieg YPG kurdische Kämpfer der People's Protection Units
Курдските борци на ЈПГФотографија: Reuters/R. Said

Загатката Сирија

Втора точка на агендата на посетата на Бајден е борбата против ИД и меѓународните напри за политичко решение за граѓанската војна во Сирија. Турција е важен сојузник на САД во воените ангажмани во Сирија и во Ирак. Анкара на коалицијата предводена од САД ѝ дозволува да ја користи воздушната база Инџирлик, од каде се спроведуваат бомбардирања на ИД. Двата сојузника меѓутоа не се секогаш единствени околу исправната стратегија. Турција, на пример, е вознемирена дека САД ја зајакнале милицијата на сириските Курди - ЈПГ. Нејзиното политичко крило создаде курдска автономна област во Сирија по должината на турската граница.

Анкара ја смета ЈПГ за терористичка организација поради нејзините врски со, во Турција забранетата, Курдска работничка партија - ПКК. Вашингтон исто така ја категоризира ПКК за терористичка организација, но ја смета ЈПГ за самостојна организација. Турција во тој поглед не прави никакви разлики. За неа, ИД, ПКК, ЈПГ и движењето Ѓулен се терористички организации.

Турција и САД си се меѓусебно потребни

САД со својата воздушна сила ги поддржуваат арапско-курдските демократски борбени сили (СДФ), во кои најсилна е токму ЈПГ. На СДФ му успеа да ги потисне милициите на ИД на многу фронтови. Турција стравува дека САД поради приоритетната цел за справување со ИД, на Курдите им подарува премногу моќ, која му дава поттик ина курдското население во Турција во неговите стремежи за автономија.

Така Турција се обидува да ги поправи нејзините односи со Русија, Израел и Иран. Тоа меѓутоа, не значи раскин со САД или вртење кон Исток. Сирија е многу комплицирано борбено поле и Турција нема дипломатска, политичка и воена сила за самата да си ги осигура своите интереси во Сирија. Затоа САД како супер сила отсекогаш играле посебна улога за турските политичари. На САД им е потребна Турција , а и на Турција ѝ се потребни САД. „Алијансата високо се цени на двете страни“, истакнува политичкиот советник Вилсон.