Заговор против јавноста | Северна Македонија | DW | 20.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заговор против јавноста

Без иронија, Македонија последниве години е лабораториско глувче врз кое се испитуваат најновите експерименти во градење, деградирање и супституирање на нација. Успешноста на експериментот е прашање на научен поглед.

Минатиот пат рековме, и не одрековме, дека целава играрија со државата личи на однапред смислен „пакет“ кој повеќе или помалку ги добива контурите. Рековме, и повторно не одрековме, дека правдата ќе биде жртвувана во име на мирот. Дури и рековме, и се скандализиравме од таа помисла, дека таа реалност би морале да ја прифатиме како најмалото од сите можни зла. Како некаков Фатум, кој во придружба на Крсто Мукоски, силно тропа на замандалените порти на нашата нечиста совест. Точниот поглед кон иднината никогаш не се исплати, бидејќи товарот секогаш си го носиме самите, а дури потоа сите сакаат да пијат од фонтаната на знаењето. Но погледот кон минатото секогаш се исплати, минатото се чини дека е полесно предвидливо од иднината.

Големите телевизиски мислители кои секојдневно ни го објаснуваат светот преку малите екрани останаа без суштинска работа деновиве откако Никола ја напушти својата татковина. Беспомошно претајќи со рацете од телевизиските студија, тие неволно мораа да и’ признаат на јавноста дека не поседуваат виспреност и аналитичност да ги објаснат феномените што се одвиваат пред очите на народот и пред носот на полицијата.

Секоја нивна анализа почнува со „јас не верувам во теории на заговор“ за потоа да следи стандардното рационализирање на „фактите“ кои, гледаш, емисијата уште не завршила, а тие (фактите), веќе и’ се измолкнале на вистината. Воспитани во духот на рационализмот и просветителството, каде што секое зошто мора да има свое затоа, а доколку тоа затоа не го гледаме денес, тогаш сигурно ќе го видиме утре. И просветителството во кое нема свети крави на тајната, туку само недообјаснети општествени феномени кои тие ги погаѓаат. Не е важно дали вчера рекле едно, денес друго а утре трето, тие се запоседниците на медиумскиот простор. Башка ако веќе ве поканиле на ТВ, па редно е да се каже нешто, макар било што. Не оди да го измолчиме од незнаење предвидениот еден час дебата. Иако ова последново би било вистинско освежување во нашиот медиумски простор: четворица поканети гости-експерти кои еден час молчат пред малите екрани. Да не се чудиме потоа зошто големото мнозинство граѓани ги гледаат Ѕвездите на Гранд. 

Расадник на конспиративни теории

Така „обичните“ граѓани, не по своја волја етикетирани како „обични“, кротко прифаќајќи ја таа силна диференцијација на обични и необични, овојпат беа во право, и тоа на една од најважните теми годинава, ако не и деценијава. Имено, теориите на заговор постојат, и не само што постојат туку токму нашава држава се покажа како расадник на таквите теории. А сите ние сме доброволни актери во таквите теории.

Други колумни на авторот:

-Подобро е Груевски да заминал

-Заев миропомазаник?

Неверојатно звучи, но анализите на „обичниот“ народ, оној кој нели по цели денови седи пред кооперација, се покажаа како исклучително прецизни и точни во поглед на политичката ситуација во Македонија, наспроти неподносливите дрдорења на политичките елити (стручно наречени дефокусација на јавноста) и наспроти сеопфатните анализи (сумирани во синтагмата „може и така, а може и вака“) на аналитичарите. А странците, таа нужна мирудија во македонската политичка чорба? Тие молчат. Толку не’ заглуши нивната гласност изминатава година, што сегашнава тишина би морала да не’ замисли. Прибе, амбасадори, државници од Москва до Вашингтон виа Будимпешта, правни држави, видео обраќања, па А-капела на тема „кризата заврши“, целувки и целофани, гиро и ајвар, историски договори, НАТО, ЕУ. А знаете ли зошто молчат? Бидејќи точно знаат дека сето ова што ни се случува е теорија на заговор спроведена во пракса. Пракса во која тие веруваат дека може да ги реши и нивните и нашите проблеми. Без разлика дали сите детали на заговорот се точни, факт е дека постои заговор. И тоа најгрд можен заговор, заговор против јавноста!

Заговорниците сами се издадоа патем, секој од свои побуди и од свои мотиви, но главно како одбранбено оружје против некој друг. Некои, како странците на пример, ги издаде и нивнот заглушувачки молк. Така дознавме дека Мијалков ги испазарил осумтемина пратеници (извор: ВМРО-ДПМНЕ-Вистинска), а потоа Заев договорил да ги помилува (извор: Заев лично и самите осуммина). Потоа полека дознаваме дека Груевски и самиот е дел од некаков пазар, иако се’ уште не знаеме дали е дел од пакетот за помирувањето, и до крај ќе се бориме да не поверуваме во тоа.

Македонија е лабораториско глувче

Ни мене, како ревносен ученик во духот на француското просветителство, не ми е дозволено да бидам склон кон теории на заговор. Но, соочен со фактите кои секојдневно се тркалаат пред мене, одлучно ги отфрлам правливите дебели томови на просветителите и со нескриено задоволство се нурнувам во теориите на заговор.

Без нималку иронија, Македонија последниве години е лабораториско глувче врз кое се испитуваат најновите експерименти во градење, деградирање и супституирање на нација. Успешноста на експериментот е прашање на научен поглед. За некои огромниот стаорец-глодар што изникнал во кафезот е очекуван резултат, за други пак минускулното глувче кое се протнува и низ иглени уши само за да преживее е задоволителен исход.

Еве ги фактите за најголемите класични заговори кои ги преживеа македонскиот народ последниве години.

Диво Насеље. Таа мала крвава одвратна војна која некој, не-знам-кој, ни ја приреди за да постигне одредени цели. Резултат: десетици загинати, брзи оставки на шефот на УБК и министерот за полиција. Судски процес кој нема никогаш да ги открие конспираторите. Извршителите секако и секогаш одат курбан.

27-ми април. Големиот заговор против државата и против демократската јавност. Настанот кој ни нанесе веројатно непоправливи лузни никогаш нема да биде расветлен до крај. Големината на овој заговор е таква  што премногу фактори се вклучени за да може ефикасно да се разреши мистеријата која-секој-ја-знае за тоа кој го организираше нападот на Собранието. Резултат: крах на ВМРО-ДПМНЕ, помирување кое преку помилување ќе ги запрета трагите, а европската и светската јавност ќе замижат пред очигледното.

Прислушкувањето. Класична завера против јавноста, џиновска по амплитуда во однос на Вотергејт на пример. Резултат: главните завереници се побегнати во Грција, а првоосомничениот и првиот и траен сопственик на бомбите е главниот гулаб на мирот и прогресот кон НАТО и ЕУ. Никогаш нема да се расветли до крај, а Рајнхард Прибе веќе никогаш нема да ја посети Македонија.

Името и промената на Уставот. Оваа завера е сепак Б-продукција во однос на останатите. Ги знаеме актерите, го знаеме „пазарот“ (самите актери ни го кажаа), го знаеме резултатот: територијата на која се наоѓа денешна Република Македонија по секоја цена мора да влезе во НАТО, и точка. Останатите детали се само плод на умешноста на заверениците и прагот на народот да го проголта залакот.

Бегството на Груевски. Завера која никогаш нема да биде откриена, бидејќи досега надвор од нашите видици. Иако веројатно само јас и Заев сме убедени дека Груевски ќе се врати, милом или силом, со никната брада и без пари. Се разбира, нашата споделена убеденост има различни исходишни точки.     

А што е со иднината која сите ја знаеме? Сите освен оние кои (ни) ја создаваат. Е таа иднина не е добра за никој од нив. Едноставно, толку многу заговори и ломови на толку мала територија ќе мора некому да му се удрат од глава. И природно е реките понорници да најдат ровка земја и да излезат на површина. Дали таа вода ќе бликне и дали цвеќе ќе никне, зависи од фертилизацијата на почвата и од количеството на осиромашен политички ураниум во нашите глави. Така се случува кога на децата не им е доволно да си играат џамлии со другарчињата од нивниот двор, туку сакаат да крадат цреши кај нервозниот комшија отаде плотот.

Резултат: Заверата против јавноста ќе се претвори во завера на јавноста. А против кого? Па против заверениците!

 

 

DW.COM

Реклама