1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Serbien Luftverschmutzung in Serbien
Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Балканот живее во отровен облак

ДТЗ /ДВ
23 јануари 2021

Шест земји од регионот ги здружија силите во заеднички крик против безмилосното загадување на животната средина.

https://p.dw.com/p/3oFnK

Западен Балкан буквално живее во отровен облак. Со години наназад жителите на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија и Северна Македонија дишат загаден воздух и речиси се подеднакво изложени на опасностите по здравјето и животот, коишто ги носи со себе неквалитетниот воздух. Со доаѓањето на зимата - доаѓаат и проблемите. Граѓаните од Западен Балкан се борат за трунка свеж воздух. Но, место тоа, најчесто ги заплиснува непријатна и тешка миризба при отворањето на прозорците, поради што се' почесто се затвораат во домовите меѓу четири ѕида, надевајќи се дека на тој начин колку-толку ќе го заштитат сопственото здравје. 
„Време е надлежните државни институции и граѓаните во регионот да спречат до 13.500 предвремени смртни случаи секоја година. Повеќето од овие случаи се припишуваат на изложеност на ПМ-честички, кои главно се произведуваат од електрани на јаглен Западен Балкан.“ Ваков повик упатија иницијаторите на кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“, кои одлучија да ги здружат силите во заеднички крик против безмилосното загадување на животната средина. 

Балканот се обединува со кампања

Граѓаните на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија и Северна Македонија се подеднакво изложени на загадувањето на воздухот. Дел од овие честички во воздухот произлегуваат од постројки за греење што користат фосилни горива, фабрики и застарената технологија за загревање на домаќинствата. Организаторите на кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ ја потенцираат регионалната соработка како неопходност за трансформација на енергетскиот сектор и системот за заштита на животната средина, со што ќе се подобрат и економијата и јавното здравје.

-повеќе на темата: Аерозагадувањето- заеднички проблем на Балканот

„Кампањата потекнува од групното незадоволство на граѓаните од сите балкански земји кои со децении се соочуваат со загадувањето на воздухот и чии животи се загрозени од тоа. Веќе подолго време се дискутираше ваква кампања меѓу еко заедниците и беше решено да ја започнеме во 6 земји од регионот (С.Македонија, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина). Таму, заедно со нашите пријатели, се обидуваме да ја направиме оваа кампања да биде една од најголемите вакви обединети кампањи, особено кога сме сред пандемија, каде што групното собирање, за жал, сè уште претставува проблем. Затоа, тука е интернетот, кој го користиме максимално во испраќање на нашата порака“, вели за Дојче веле македонскиот програмер Горјан Јовановски, познат еко-активист и креатор на апликацијата AirCare (МојВоздух).

Сите се во иста каша

Загадувањето e заеднички проблем за целиот Балкан. Во официјалниот извештај на Агенцијата за заштита на животната средина на Европската унија се наведува дека од осум смртни случаи во Европа, еден е поврзан со загадувањето на животната средина. Земји со најголем процент на смртни случаи како резултат на загадувањето се Албанија, Босна и Херцеговина, Романија, Црна Гора и Србија, се вели во извештајот. Од друга страна, бројот на предвремени смртни случаи предизвикани од загадување на воздухот во ЕУ се намалува, но иако е во постојан пад, бројот на предвремени смртни случаи е сè уште голем.

-повеќе на темата: Смртоносен воздух во Европа

Иницијаторите на кампањата укажуваат дека ПМ-честичките се поврзани со бројни болести, почнувајќи од оние кои влијаат на срцето и респираторниот систем, до дијабетес, неплодност и рак. Колку е помала честичката, толку полесно и подлабоко може да навлезе во телото. Владините буџети, според нив, не ги отсликуваат огромните трошоци за лекување на последиците од загадувањето на воздухот и изгубените години на живот кај граѓаните, а продолжуваат финансиски да поддржуваат проекти во секторот за јаглен. Освен тоа, опасните супстанции и соединенија што се пренесуваат преку воздухот ги зајакнуваат климатските промени, со поплави, суши и болести, што се појавуваат како последица.

-повеќе на темата: Ситните честички прашина го зголемуваат ризикот од Ковид-19

„Преку кампањата 'Обединет Балкан за чист воздух', ние бараме од носителите на одлуки да ги насочат своите политики и да преземат итни чекори за намалување на загадувањето на воздухот, во согласност со нивните заложби за Зелената агенда за Западен Балкан, усвоени во Софија на 10 ноември 2020 година“, објаснува Јовановски. Зелената агенда за регионот подразбира регулирање на прекуграничното влијание на загадувањето на воздухот, усвојување стратегии за подобрување на квалитетот на воздухот, зголемување и унапредување на системите за мерење на квалитетот на воздухот и вкупно елиминирање на субвенциите за јаглен. Напуштањето на употребата на јаглен за производство на електрична енергија е најважната мерка за подобрување на квалитетот на воздухот. Дополнително, замена на котлите за греење во домаќинствата со еколошки почисти решенија, субвенции соларни панели на покривите на куќите и зградите, како и проекти кои помагаат во подобрувањето на енергетската ефикасност, се чекори што исто така може да имаат значајна улога.

-повеќе на темата: Балкан: Најлошиот воздух во светот

Во ноември 2020 година, шесте земји заедно во Софија се обврзаа на Зелената агенда за Западен Балкан, со што презедоа обврска да ги следат политиките на ЕУ и нејзиниот европски зелен договор. Договорот предвидува достигнување на климатска неутралност, заедно со неутралност на јаглерод, до 2050 година. Јагленот полека останува само лошо сеќавање на глобално ниво, бидејќи сега е веќе поисплатливо да се градат соларни централи и фарми со ветерници, отколку да се одржува мнозинството од постојните термоцентрали. Опремата за производство на енергија од обновливи извори станува драстично поевтина. Компаниите што произведуваат и користат јаглен се соочуваат со зголемени трошоци за добивање лиценци за емисија на јаглерод диоксид и усогласување со еколошките прописи.

Аерозагадување - новиот симбол на Балканот

Иницијаторите на кампањата потенцираат дека во студијата објавена од HEAL, Sandbag, CAN Europe, CEE Bankwatch и Europe Beyond Coal, се наведува дека во 2016 година, 16 термоелектрани на јаглен на Западен Балкан, чијшто број останува ист до денес, испуштиле повеќе сулфур диоксид (SO2) од сите 250 вакви постројки што работат во Европската унија заедно. Додека термоцентралите во ЕУ се предмет на масовно затворање, Србија и Босна и Херцеговина остануваат посветени на своите планови за отворање нови.

Едукација за поквалитетен живот 

Главната цел на кампањата, според Јовановски, е едукација на граѓаните околу реалните последици од загадувањето по економијата, здравјето, најмладите, и други битни теми. „Последиците од загадувањето“, додава тој, „се гледаат на долг рок. Можеби нема денеска да завршам во болница ако вдишам загаден воздух, но за 20 години ќе почнат да се појавуваат проблемите, коишто многумина ги занемаруваат. Но, како и со глобалното затоплување, преку соодветна едукација, ова може да се надмине“, дециден е нашиот соговорник. 

Квалитетната и здрава животна средина е еден од основните предуслови за квалитетен живот на сите граѓани. Аерозагадувањето е најголемиот причинител на предвремена смртност и зголемен број на заболувања кај луѓето. Според податоците на СЗО, околу 400.000 прерано изгубени животи се предизвикани токму од аерозагадувањето. Загадувањето на воздухот добива најголемо внимание во јавноста во текот на зимскиот период. Почнува грејната сезона и се зголемува употребата на фосилни горива и бројот на возилата на улиците. Унапредување на квалитетот на воздухот подразбира структурни промени и самата транзиција во областа на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните бара заеднички напор на целата заедница. Инспекторите вршат контроли, се закануваат со казни и затворање на фабрики коишто не ги почитуваат стандардите за работење. Арно ама, фабриките пак загадуваат без филтри, а медицинскиот отпад го разнесуваат кучиња-скитници, загрозувајќи го здравјето на многумина. Надлежните најавија за 20 пати повисоки казни за загадувачите. Ќе имаат ли некаков ефект ваквите мерки?

Мапа на загадувачи

Јовановски смета дека загадувачите, барем генерално, се лоцирани веќе подолго време. Од домаќинствата до индустријата, загадувањето на воздухот доаѓа од многу страни. Затоа важно е да се започне со вистинска битка, заедно со државните институции, кои најчесто се глуви на овој проблем. Затоа, вели Јовановски, потребни ни се способни кадри на високите места во државните институции, кадри што не само знаат како да помогнат, туку имаат искрена желба, и можат да одолеат на сите понуди за корупција. 

-повеќе на темата: Фрчат казни и пријави- загадувачите си тераат по старо

Јовановски, кој ја освои Европската награда за најдобар млад иноватор 2020 во категоријата за млади до 30 години и стана познат во јавноста по својата апликација МојВоздух, која секојдевно ја кликаат стотици граѓани во обид да проверат каков е воздухот кој го дишат, вели дека дигитализацијата и отвореното објавување на секакви податоци поврзани со квалитетот на воздухот, игра клучна улога во содавање квалитетни и долготрајни решенија. 

„Со создавањето на 'мапата на загадувачи', полека дознаваме точно колку и кои се индустриски капацитети во Скопје, а потоа и низ државата, имаат дозвола да ја загадуваат нашата животна средина. Преку неа ќе може да се лоцираат извори, жаришта, и граѓани директно да пријавуваат проблеми до инспектори. Не треба да го занемариме дигиталниот свет и сите алатки што тој ги нуди за граѓанско владеење и следење на одговорноста кај институциите. Јас ќе продолжам да сум поборник за чист воздух, и да ја користам мојата пасија за технологија во таа борба“, вели Јовановски, кој наредниот период својот ангажман ќе го насочи кон регионалните активности, со цел здружена борба против отровниот облак кој надвиснува над Западен Балкан. 

Аерозагадување - Скопје се гуши во отровна магла

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Турција избори плакат
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница