Заврши гласањето, Македонија помина мирен изборен ден  | Македонија | DW | 15.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Заврши гласањето, Македонија помина мирен изборен ден 

Локалните избори поминаа во мирна атмосфера, со мали нерегуларности. Излезноста на гласачите до 17 часот била за 8 отсто помала во споредба со одѕивот на минатите локални избори

Со затворање на избирачките места во 19 часот заврши гласањето во првиот круг од шестите локални избори во Македонија. И според МВР, и според набљудувачите, избирачкиот процес помина без посериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Како што соопшти МВР, таму до 14 часот стигнале  26 пријави во однос на изборни нерегуларности (поткуп на гласачи, носење гласачи на избори, фотографирање на гласачко ливче и гласање за друг), а биле евидентирани десетина прекини на гласање на одделни избирачки места, каде што по краток застој од по 15 до 20 минути гласањето било продолжено. Од пријавите од граѓани - осум веќе биле расчистени и биле отфрлени како неосновани (две во радовишко, четири во валандовско и две во струмичко). Поради изборни нерегуларности полицијата во текот привела две лица: едно во скопски Мирковци кое гласало во име на неговата мајка, и едно во Кавадарци кое гласало и во име на неговата сопруга, што од Основното јавно обвинителство во Кавадарци било оквалификувано како кривично дело „злоупотреба на избирачко право“ (член161 од Кривичниот законик). На гласачкото место 2.052 во село Горно Седларце, тетовско, попладнето бил регистриран обид за физичка пресметка меѓу гласач и член на Изборачки одбор. Полицијата евидентирала и осум пријави за фотографирање на гласачки ливчиња, при што седум лица се приведени, од кои четири во Скопје, две во Охрид и едно лице во Жупа.


Забелешки од набљудувачите
Изолирани случаи на нерегуларности евидентираа и акредитираните набљудувачи, и тие се однесуваат на четири сегменти: Непочитување на постапката на гласање од страна на Избирачките одбори (давани гласачки ливчиња заедно со серискиот број, непроверка на гласачи со УВ-ламба, доделувани две ливчиња на еден гласач); Проблеми со изборниот материјал (на гласачкото место 1.718 во општина Струмица имало ливчиња за избор на градоначалник и совет на општина Велес, а на други места не функционирале УВ-ламбите); Проблеми предизвикани од неовластени лица (агитирање пред простории во кои се сместени гласачки места и вербални расправии меѓу активисти на партии); Непочитување на постапката на гласање и проблеми предизвикани од гласачи (фотографирање на гласачкото ливче, делење прехранбени продукти од различни партии во околината на основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид “ во општина Шуто Оризари, лепење пропаганден материјал).
Освен набљудувачите, забелешки имаат и некои од партиите. Од Движењето „Беса“ на прес-конференција изразија „загриженост за повеќето обиди на една партија да направи инциденти со намера да се оштети изборниот процес“. 
„Иако досега имаше разни проблеми - како што е случајот на затворањето на две гласачки места во Гостивар, заканувањето на неколку наши набљудувачи, обид за купување гласови во општина Сарај, неправилности во неколку избирачки места во општина Бутел и обид за правење инциденти во општина Чаир, но реакцијата на органите на редот досега докажува дека нема да се оштети изборниот процес. Исто така, имаме и точни информации за разни криминални обиди од група и банда на една партија која што е позната за овој начин на постапување, но овој пат се судрија со отпорноста на народот кој позитивно им одговара со излегување на гласање“, соопшти Фатон Фазлиу, портпарол на Централниот изборен штаб на „Беса“.


Помала излезност?
Во однос на излезноста, таа според официјални податоци до 17 часот била за 8 отсто помала споредено со одѕивот во истиот период на минатите локални избори. Како што соопшти ДИК, до 17 часот на ниво на Република Македонија излезноста била 49,14 отсто, а во  Скопје 50,58 отсто. Колку тој процент се зголемил од 17 до 19 часот, ќе се знае по 20 часот.    
До 17 часот најголема била излезноста во Вевчани, каде што гласале 72,05 отсто од регистрираните гласачи, потоа во Ранковце (71,36%) и Демир Капија (71,18%), а најниска во Маврово и Ростуше каде што гласале 31,19 отсто од гласачите. 

Реклама