Завршени вештачењата за смртта на Младенов | Македонија | DW | 03.04.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Завршени вештачењата за смртта на Младенов

Македонската министерка за внатрешни работи, Јанкулоска потврди дека е завршено вештачењето на возилото на загинатиот сопственик на неделникот Фокус. Се очекува извештај од истражниот судија.

Министерството за внатрешни работи ги завршило крим техничките вештачења на возилото на новинарот и сопственик на Фокус Никола Младенов, а Институт за судска медицина во вторникот го испратиле до судот својот извештај за причините за смртта на Младенов кој минатата недела загина во тешка сообраќајка на патот Велес – Скопје кај клучката кај Хиподром. Во текот на денот се очекува МВР да го презентира извештајот пред истражниот судија.

„Во однос на суштината и содржината на тоа што е утврдено во вештачењата, прашањата и одговорите ќе мора да ги упатите до истражниот судија кој е единствен надлежен во овој момент да ја води истрагата. Ние завршивме со крим-техничките вештачења и во текот на денов извештаите за кои добивме наредба да ги направиме ќе му бидат презентирани на самиот истражен судија. Потоа зависно од неговите согледувања и сите други информации со кои располага останува да процени кога, дали и во каква форма ќе ја информира јавноста за деталите на овој случај“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Од Основниот суд Скопје 1 велат дека не добиле ни еден извештај, ниту од МВР, ниту пак од Судска медицина, очекуваат деновиве да ги добијат извештаите и после ќе излезат со информации за јавноста.