Заветот на политиколошката гилда | Северна Македонија | DW | 23.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Заветот на политиколошката гилда

Во услови кога во општеството секоја шуша си дозволува да облече костум, да стави микрофон на кошулата и со сериозна поза да продава ум, нам ни требаат овие подзаборавени, разочарани луѓе. Пишува Гордан Георгиев

Живееме во свет на фејк њуз. Тука стигнавме речиси преку ноќ, преку радикална демократизација на јавниот простор, преку давања оружје секому да се искаже, преку мечкината услуга којашто ни ја направи Марк Закерберг, секој да може „квалификувано“ да го искаже својот став и тој став да има шанси да биде сфатен сериозно. Радикалната демократија радикално радикализира, ги турка луѓето кон краевите, во потрага по свој простор, свое време, свој став, повеќе лајкови. Радикалниот став е провокативен и интересен само по себе. Буди интерес. Еден повик за линч на ФБ е повреден во смисла на читаност и импакт отколку сто повици за помирување. Многу такви инстант ликови испливаа на површина, станаа релевантни, инфлуенсери, владини и пара-владини советници, директори и министри. Ја покажаа својата креативност во малку зборови, одбрани зборови, и со многу луцудност и талент да се наметнат во јавниот простор. Таквите се често искористени од разни агрегатори на вести, моќници во сенка, полу-јавни групации и со за нас нејасни цели, шпионски корпорации, држави...

Патем, струката изостана. А постои ли струката? Постои ли занаетот, кој бавно, темелно, вагајќи, двапати мерејќи и еднаш сечејќи го избрусува ставот, позицијата, алтернативите? Темелејќи го сето тоа на некакво структурирано знаење, однапред позната методологија, напластени искуства, интегритет.

Јавно или публикувано мислење?

Едмунд Берк одамна предупредуваше дека она што некогаш се нарекуваше „јавно мислење“, создавано од интелектуалците, всушност беше „published opinion“, она што се публикува, што е јавно достапно а со тоа и авторитетно. Кој одлучува дали е авторитетно? Тоа во најдобар случај е една мрежа од фактори, еден повеќеслоен филтер составен од уредници, публикувачи, читачи, комитети, признаени и почитувани етички стандарди. Денес со ФБ и со смртта на гореспоменатите фактори тоа го нема. Имаме море на нерелевантност и ретко препознаени капки релевантност.

Претходни колумни од авторот: 

- На што да се фатиме сега? 

- Другарите

- Згужван јуни

Лесно е да бидеш доктор, банкар, земјоделец или библиотекар. Биди политиколог да те видам. Никој не те есапи, никој не те признава, сите имаат познавања од твојата струка и сите те знаат, и сите имаат квалификуван став за она што е всушност твоја работа.

Замислете ја следнава секојдневна ситуација. Седите во друштво со ваши пријатели, еден е стоматолог, друга е уметница, а третиот е тракторист. Вие сте политиколог. Замислете одеднаш да почнете стручно да коментирате дека пародонтопатијата всушност потекнува од често јадење леб, дека само реализмот е уметност, а кубизмот и импресионизмот се ѓубре од уметност, или пак дека тракторот еднакво добро може да вози на кисела вода и не мора воопшто да му се става бензин. Или ќе ве прогласат за луд или ќе се изнасмеат на вашите тези и љубезно ќе ви објаснат дека не треба да зборувате за нешто што не ви е струка и не го разбирате. Така отприлика, без претерување, изгледа кога луѓе кои не ја разбираат струката а говорат за политичките феномени од свој стручен аспект. Политикологијата не е зезање пред кооперација и „абе-ја-ќе-ти-кажам“ дискурс. Таа е плод и резултат на долго, темелно, бескомпромисно, чесно и постојано навлегување во општествените феномени, откривање на нови и нови сознанија и вкрстување на таквите сознанија во нашиот постоечки хабитус, постојано испитување и пре-испитување на нашите навидум добро втемелени ставови. Таа не е уметност на можното, туку занает на посакуваното вградено и оценето низ постоечкиот и блиско-идниот контекст.

Чувар на вистината

Политиколог не е оној кој САМО завршил факултет по политички науки. Не, тоа не е доволно, иако парчето хартија наречено диплома ви ја овозможува титулата и ви создава услови да стекнете структурирано знаење. Бидејќи постојат многу случаи каде што дипломата е безвредна наспроти другите „вредности“. Тоа е како да сте завршиле средно браварско, а сте станале директор на јавно претпријатие за стопанисување со шуми или по партиска линија сте станале член на управен одбор на културно уметничко друштво. Политиколог во вистинската смисла на зборот е љубител на науката за политика, и достоинствен чувар на вистината која малкумина ја знаат а многумина мислат дека ја поседуваат.

Во анализирањето на политиката и политичките настани, политикологот има право и должност да се служи со знаењата, теориите и инструментариумот кои му стојат на располагање. Но овие знаења треба да ги употреби само во своите научни анализи, публикации, предавања и научни симпозиуми. Кога политикологот ќе стапне на јавна сцена (со изјава, дебата, настап) тој има должност да внимава што зборува и како ги употребува своите знаења и, а ова е особено важно, каков ефект ќе имаат овие знаења, теории и конкретни предлози врз политичките елити и врз остатокот од не-политиколошките граѓани. Политичарите можат да бидат што сакаат и да потекнуваат од која сакаат струка и провиниенција, но политикологот е секогаш и само политиколог.

Политикологот треба особено да внимава да не дава предлози и политички решенија кои се апстракции и/или конструкции, базирани само врз неговото/нејзиното „прочитано“ знаење низ стручната литература. Конструкции или апстракции кои се неостварливи или нивното остварување може да доведе до несакани последици, до хаос, до насилство, до непознати авантури претставуваат убиство на струката. Доколку политикологот е свесен за ваквите можни последици, тој треба да предупреди или да се огради од тоа. Два примера ми паѓаат веднаш на памет. Првиот е поврзан со антиквизацијата и со цврстата рака која му беше имплантирана на младиот лидер и просечен економист Никола Груевски. Луѓето кои тоа свесно го направија (а се работи за политиколози, филозофи и уметници кои сум ги напишал со име и презиме во други текстови) до крајот на животот ќе го носат товарот на неодговорноста и катастрофалните последици од таквиот проект по нацијата. Вториот пример е Шарената револуција која се покажа дека всушност немала „револуционерен патос“ и содржина, дека недостасувале револуционери или лажни револуционери го запоседнале престолот. И којашто сепак доби мала легитимност во ова општество на неспособни елити и возбудени граѓани.

Деградација на „занаетот“

Затоа, политикологот нема право да „лупета“, бидејќи дипломата и особено позивотго обврзува на тоа, а неговото „лупетање“ во јавност крајно го деградира целокупниот политиколошки занает. Доколку политикологот во коментарите на дневните политички собитија се служи со апстракции, непроверени и а-контекстуални поимања на општеството, тој или не е добар политиколог, или е платен од некаков центар на моќ за таа работа, или по своја или туѓа волја одработува некаква конкретна агенда. Трите наведени позиции не се спорни, но за последните две ние како јавност мораме да знаеме. Со еден збор, да ги етикетираме таквите „политиколози“. Тука доаѓа важната улога на новинарскиот занает. Имено, новинарите треба и мораат да знаат со кого си имаат работа кога бараат став за некоја тема, кому се обраќаат, зошто баш нему, а не на некој друг, како го претставуваат тој на којшто му се обраќаат, која му е евентуалната агенда и колкав му е капацитетот на соговорникот. Оваа филигранска задача останува на плеќите на новинарот, на неговиот капацитет и интегритет да процени, да отфрли, да обмисли и пресече. Јавноста мора да добие спакуван продукт, исчистен од плевелот. Во оваа симбиоза, во оваа фузија помеѓу политикологот и новинарот лежи зајакот на одговорно, квалитетно и непристрасно известување и формулирање на ставови кои јавноста потоа треба да ги конзумира.

Политикологот мора да биде и потполно буден и свесен за контекстот во кој ги дава своите предлози и мислења. Контекстот е пола завршена работа за проценка на одредена ситуација или за искажување на јавен став. Политикологот мора свесно и јавно да се огради од тези, прилики и ставови за кои нема доволно информации, знаење или способност да ги процени. Доколку повторно „лупета“ по секоја цена само за да мора да каже нешто, избиваат погрешни шумови во сигналот и информацијата или анализата излегува погрешна, некогаш драматично погрешна. Тоа не’ води кон заклучокот дека политикологот мора да има цврсто изграден интегритет, морална постура и свесност за лимитите на сопственото незнаење. Неколкупати сум бил во вакви ситуации и секогаш крајниот резултат бил катастрофален и штетен по јавноста и по мене лично и мојот интегритет.

Јавете се за списокот

Кога политикологот влегува во политика или стапува на јавна функција тој мора да го положи оружјето пред вратата на храмот на знаењето т.е. универзитетот, тинк тенкот или слична научна установа. Тој треба да и’ соопшти на јавноста дека веќе не е е тоа што бил до вчера, дека влегува во друга зона која е еднакво важна но различна од претходната, и дека ставовите ќе му бидат нужно различни, без разлика дали притоа ќе успее и ќе се труди да го задржи етосот на науката (што е многу тешко, речиси невозможно).

Политиколозите мораат да си ја вратат професијата назад, во свои раце. Да, рацете им се можеби делумно нечисти, но мора да се поврати довербата во науката за политиката, како сплет на знаења, теории, искуства и постојан trial & error. Само така ќе бидеме препознаени од пошироката јавност и третирани сериозно. Нашиот самопридонес во струката ќе биде придонес во општото добро, во борбата против лажните вести и лажните пророци, и општа стабилизација и еснафизација на јавниот простор. Новинарите ќе немаат друг избор освен да не’ следат. Доколку не се придржуваме кон заветот тогаш нема ни наука ни претензија за наука, тогаш сме ништо.

Верувајте, постојат многу вредни и добри политиколози кои заради горенаведените причини одбиваат да се појават во јавност, одбиваат да го споделат својот (вреден) став во студио или на ТВ дебата, и одбираат да останат нурнати во книгите и науката. Во услови кога во општеството секоја шуша си дозволува да облече костум, да стави микрофон на кошулата и со сериозна поза да продава ум, нам ни требаат овие подзаборавени, разочарани луѓе. И тоа е пред се’ улога на новинарите и на редакциите. Да ги пронајдат таквите луѓе, да им овозможат пристоен хабитус во студиото, релевантни и компетентни соговорници и добро подготвени новинари. Јас знам барем десетина такви луѓе од мојата генерација, а сигурно постојат и помлади сериозни луѓе кои се бават со политиколошкиот занает. Јавете ми се, ќе ви го дадам списокот.

 

DW.COM

Реклама