Заборавеното богатство на Македонија | Македонија | DW | 15.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Заборавеното богатство на Македонија

Кое е скапоценото културно богатство на Македонија, по кое таа би се препознала? Каде е творечката фантазија на младите уметници кои треба да понудат нови патишта, за да ја остварат синтезата на традицијата и модерното?

При последната посета на Скопје, седејќи во такси на патот од центарот на градот кон Автокоманда, се сетив дека кога бев дете, таму крај патот, на истата страна на која подоцна беше прочуеното бифе „Студент“, имаше едно ниско, долго здание, во кое беше сместена  фабриката што ја викаа „Ќилимарница“. Тоа беше на крајот на педесеттите, во југословенскиот социјализам, повеќе од една деценија по војната. Не знам дали фабриката за индустриски ткаеж на македонски килими била изградена по војната или постоела и пред неа. Но, дури и да била изградена во социјализмот, денес за мене тој факт сведочи дека тогашните Македонци имале многу појасна претстава за тоа што е драгоценото богатство на Македонија, кое мора да се негува, за да се сочува особеноста на македонското културно наследство. Културното наследство е најдрагоценото богатство на една земја. Тоа е една поинаква книга на историјата на еден народ. Таа сведочи за даровитоста и вештината на  нејзините предци. Народното творештво во земјите што имаат развиен и префинет културен вкус е исто толку драгоцено колку и модерното уметничко творештво. Најдобар пример за тоа се скандинавските земји. Таму модерните шведски дизајнери се инспирираа од традиционалното предание, ракоделие, килимарство. Потсетете се, за илустрација само, на боите на традиционалните шведски килими и на боите на декоративните модерни штофови на Маримеко. Веднаш се препознава белегот, типичен само за Шведска. 

А што е белегот, кој е особениот израз, типичен само за Македонија? Кој е нејзиниот естетски печат, шара или урнек, непроменет со векови, негуван со генерации? Кое е скапоценото културно богатство на Македонија, по кое таа веднаш би се препознала? Притоа, не мислам само на средновековните цркви и на нивниот прочуен по убавина фрескоживопис. Иако во многу лоша состојба, тие се, фала Богу, уште одржани. Само што има други нешта од вековното културно наследство на Македонија кои во последните децении полека исчезнаа од македонското секојдневие. Тоа се традиционалните вештини и занаети, преданието во творечка и естетска смисла. Еден ден ги снема македонските килими. Ги снема грнците и стомните, кои ги красеа со шаренилото пазарите во Скопје, во Охрид, во Битола. Ги снема казаните и ѓумовите од бакар. Ги снема дрвените садови, сандуци, ковчези изработени според старата вештина на македонските дрводелци. Можеби некаде ќе ги здогледате и денес, како ретки остатоци во излозите на престарените дуќани во Скопската чаршија, потонати во прашината како во длабок сон. Ги нема веќе ниту прочуените тешки, сребрени обетки на охридските филигранџии. Кичот и пластиката владее на пазарите во македонските градови. Селските куќи, во кои во минатото имало одаја со разбој, стојат најчесто празни. Оти и селата се напуштени и запустени. Сликата на внатрешноста на Македонија е тажна, разочарувачка. Заборавено е културното паметење кое сведочи дека на полињата во Велешко или Штипско, само пред нецел век, секоја година растел памукот и афионот. Заборавено е дека на тие денес пусти ридови и падини некогаш имало непрегледни лозја. Никој денес не помислува дека таму пак може да се обноват старите лозја и винарии. Дека на падините на Бистра пак може да има безбројни стада овци, како во Шкотска. Само ако има луѓе со ум и фантазија, со работливост и желба за успех на својата земја и во Македонија.  

И никој веќе не говореше за убавината на македонските килими...

Тоа што го знаеја македонските граѓани, кои на времето ја изградија килимарницата во Скопје, очигледно не го знаеја подоцнежните генерации, а уште помалку денешниве. Впрочем, тие дозволија да пропаднат такви нешта, како фабриката за индустриски ткаеж на килими. А паметам  дека во таа фабрика работеа неколку млади жени од соседството, но и една братучетка на мајка ми. Таа често раскажуваше за прекрасните килими кои се ткаеле по старите, традиционални урнеци и шари, кои државата ги извезувала како драгоцен македонски производ насекаде во светот, но, пред сѐ, ги продавала во другите југословенски републики. Еден ден застанаа разбоите во таа фабрика. И никој веќе не говореше за убавината на македонските килими. Сите повеќе сакаа да купат теписони и персиски теписи. Во осумдесеттите, кога, штотуку омажена, со мажот ми првпат бев во огромната продавница „ИКЕА“ во Бон, во Германија, во едно од одделенијата видов скандинавски килими. Цените беа многу пристапни. Традиционалниот дизајн беше збогатен со модерниот израз на апстрактната уметност. Мене тогаш не ми долетаа во умот само сликите на килимите од ткајачницата во прочуената „Баухаус" во Вајмар и Десау, во дваесеттите години во Германија. Се сетив веднаш на нешто што ми беше многу познато и блиско - македонските килими и „Килимарницата“ крај патот во Автокоманда. За македонските килими и за македонските традиционални ткајачки, за женското творештво воопшто, особено во времето кога жените немале пристап на ликовните академии, подоцна пишував во романот „Жените Гаврилови". 

Други колумни од авторката:

Чиј е Кафка, чиј е Прличев?

Алексис Ципрас – идниот Вили Брант на Балканот?

Паметам и нешто друго. Имено, дека во Охрид порано можеше да се купи најубавиот сребрен, филигрански накит. Секако, во малечкото дуќанче на „Деребан“, во чиј излог имаше стари, тешки обетки, кои се чинеа како да беа симнати од накитот од мозаичните фрески во црквите во Равена, со прикази  на источноримските царици и принцези. Внатре, во тесното дуќанче, на ѕидот беше закачена фотографијата со Тито и Јованка, направена при неговата посета на Охрид. А стариот Деребан постојано раскажуваше дека од југословенската влада во Белград постојано добивал нарачки за накит, кој се подарувал на високите државни гости. Пред неколку години попусто трагав во охридската чаршија по дуќанчето на Деребан. Го немаше. Исчезнало еден ден откако долго по неговата смрт стоело затворено, ми рече еден минувач. Никој повеќе не сака да работи такви нешта, рече тој, ниту наследниците на прочуеното семејство Деребан во Охрид. Така исчезнаа еден ден и дуќанчуњата на Бит Пазар, во кои секое лето купувавме традиционална македонска керамика. Уште во градината во Германија имаме ќупови за цвеќиња, купени таму, на Бит Пазар, но и на пазарот во Охрид. Македонското грнчарство нема помала уметничка вредност од тоа во Романија или во Мароко. Разликата е само во тоа што романската керамика уште се произведува, а со тоа се негува не само традиционалната уметност. Во Германија и денес може да се купат убави керамички садови изработени во Мароко. Но никаде во светот нема да наидете на нешто што потекнува од Македонија. Најмалку на македонска керамика, на македонски бисер или македонски сребрен накит. Најтажно е што такви нешта веќе не ќе можете да најдете ниту во Македонија. 

Ако е можно во Европа, зошто не и во Македонија?

А токму тоа е богатството што ни го оставија македонските мајстори на филигранот и ненадминатите по дарба и фантазија македонски ткајачки. За жал, денешните Македонци се далеку од нивната свест за драгоценоста на тие творци не само за преданието и за негувањето на културното паметење, туку, пред сѐ, за обликувањето на секојдневниот живот. Има ли класа за ткаеж и килимарство на ликовната академија во Скопје? Нема. На Баухаус, на пример, имало. Има ли класа за накит од сребро и злато, во модерен и традиционален дизајн, на таа академија? Секако дека нема. Затоа што современите ликовни уметници во Македонија немаат јасна свест за вредноста на традицијата и преданието. На Баухаус имало таква класа. А има такви класи на многу светски и балкански академии. На Баухаус имало и класа за порцелан, за керамика и за обработка на стакло. Идеите на уметниците на Баухаус ги реализирале во сериски производи работниците во прочуената фабрика за стакло „Цајс", во германскиот град Јена, кој е близу до Вајмар и Десау. И ден-денес може  да се купат убавите чајници од стакло, изработени по нацртите на Баухаус. Тоа е свест за традиција. Тоа е негување на вкус и естетска култура. 

Зошто тоа што е возможно во Европа, во Романија или во Шведска, не е возможно во Македонија? Мојата интуиција ми говори дека причината за тоа не е во недостигот на дарби и идеи кај македонските уметници, народни или академски. Причината е во некадарноста на државната организација. Но и во релативно ниското естетско и културно ниво на најголемиот дел од личностите кои се наоѓаат на функциите одговорни за овие области. Тие би требало да имаат визија и фантазија, професионална стручност, која во себе би ја вклучувала самосвеста за тоа што ни го оставиле предците како предание и за тоа што го нуди како израз модерната уметност и современата технологија на работа. Има ли таква визија за обновување на традиционалните занаети во Македонија кај денешните македонски политичари, иако најголемиот дел од нив потекнува од внатрешноста на земјата? Секако нема. Тие политичари, кои на високите државни гости им го покажуваат кичот изграден во времето на Груевски, докажуваат дека самите немаат естетска култура, а најмалку сознание за тоа што е вистинското богатство на Македонија. Оти да имаа сознание за тоа што е особеноста на македонското културно паметење и предание, надлежните политичари одамна финансиски ќе ја поддржеа рачната и индустриска изработка на македонски килими, македонска керамика и порцелан, македонски филигран. А тоа е богатството на Македонија за кое сведочи историјата. Како и дрводелството и обработката на металот. Ги паметите ли чудесните сандуци и ковчези за чеиз и ткаенини на нашите баби и прабаби? Ги паметите ли килимите и јамболиите по кои трчавме како деца? Се сеќавате ли на мелодијата што ја создаваше тропежот на разбојот, додека нашите баби во ноќта ткаеја черги од партали? Да, исти такви, дури и поубави од тие кои во ИКЕА денес може да се купат за само неколку евра. 

Синтеза на традицијата со модерните изрази во уметноста и индустријата

Има толку беда и сиромаштија во денешна Македонија. Има толку очајни луѓе, затоа што се без работа. Има толку жени селанки кои едвај врзуваат крај со крај. Има ли во политиката не само пратенички, чиј изглед во телевизиските студија покажува дека не знаат ниту што е вкус ниту мерка во шминкањето, туку и такви кои го паметат традиционалното богатство на Македонија? Ако има такви, ќе побараат ли тие македонската политика да иницира долгорочни програми за обновување на производството на македонски килими, керамика, дрводелство и накит по старите урнеци? Го пишувам ова со горчливо сознание дека такво нешто би било можно насекаде во светот, само не денес во Македонија. Знам од историјата на Македонија, од преданието и од семејното паметење дека кога државата и сиот заеднички живот не се доживува како нешто свое, како нешто големо, на кое сите припаѓаат и од чија стабилност зависи добросостојбата на секој граѓанин, тогаш таа држава не ќе биде водена домаќински, со совесно и одговорно работење. Таквото поведение, таквата етичка строгост како да исчезнала без трага во денешна Македонија. Ако не е така, како тогаш беше возможно во овие три децении чекање на признавање и на влез во ЕУ и НАТО толку да се разнебити и државната структура и општествените стандарди? Историјата нѐ учи дека такво нешто се случува во кризни времиња, затоа што тогаш умните и чесните замолчуваат, од страв и исплашеност за иднината, а во преден план излегуваат некадарните и неработливите, кои се во сите времиња оние кои бараат најкус пат до збогатување - со криминал, со кражба и  со корупција. Тие нешта, за жал, ја преплавија Македонија. 

Денес во македонското општество има многу очајни луѓе, кои веќе не веруваат во промени. Но очајот е штетен најмногу за тој што ја изгубил надежта. Затоа, се прашувам зошто нема граѓански иницијативи, творечки здруженија за иновативни идеи? Зошто повеќе луѓе не побараат од македонската политика да додели долгорочни и поволни кредити за обновување на селата? За формирање малечки фирми за обработка на сребро во селата околу Охрид? За да можат и туристите да ги посетуваат и селата, а не само Охрид. За да купуваат во грнчарските работилници стомни и ќупови. Зошто нема поволни кредити за обнова на производство на килими во напуштените куќи во Мариово и насекаде низ Македонија? Зошто македонските уметници не формираат во некое напуштено село македонско Ворпсведе или македонски Баухаус? За да ги обноват старите вештини, збогатувајќи ги со искуството на модерната уметност. Верувам дека тоа е возможно. Верувам дека има млади творци што би го сториле тоа. Треба само да им се дозволи од старите селски куќи да направат ателје за изработка на предмети за секојдневието, по стари и нови урнеци и вештини. Верувам дека македонските политичари би застанале зад таква визија. Иако денес се чини дека политичарите не се свесни за вистинското заборавено богатство на Македонија. Но, ако не знаат политичарите, тогаш каде се барем творците, уметниците, интелектуалците? Тие мора да знаат што е драгоцено во македонското предание. Каде се вистинските визионери за таквите обични, но толку важни нешта за убавината на секојдневниот живот, како килимите, како стомните, како бисерите од Македонија? Каде е творечката фантазија на младите македонски уметници? Тие треба да понудат нови патишта, за да ја остварат синтезата на старата традиција со новите модерни изрази во уметноста и во индустриската изработка на предмети за секојдневна употреба. Тие можат да извршат влијание и врз политиката. Само ако имаат јасна и силна творечка визија. 

DW.COM

Реклама