Жестока дебата во Бундестагот за мигрантската политика | Свет | DW | 04.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Жестока дебата во Бундестагот за мигрантската политика

Канцеларката во Бундестагот го бранеше постигнатиот компромис во Унијата за мигрантската политика. СПД поставува свои услови за транзитни центри. АфД ја критикуваше Меркел и бара нејзина оставка.

Во т. н. генерална дебата во Бундестагот, на која тема е предлог-буџетот, но се користи обично за политички пресметки, канцеларката Ангела Меркел го бранеше постигнатиот компромис со ЦСУ, но истовремено инсистираше на европски одговори во мигрантската политика. Односот кон темата бегалци ќе одлучи околу опстанокот на ЕУ. Потребни се правно одржливи, реалистични, солидарни одговори кои нема да ги преоптоварат луѓето, истакна таа.

Германската канцеларка и партиска лидерка на ЦДУ се заложи за повторно воспоставување поголем ред при сите видови на миграција. Истовремено, таа во приоритетите го вброи „новиот пакт за Африка“, истакнувајќи го значењето на „Маршаловиот план“ за овој континент, изработен од германскиот министер за развојна политика, Герд Милер. Суштински е Африканците да бидат активно вклучени, а не да се зборува и дејствува зад нивен грб. „Миграцијата е глобален проблем и затоа е потребен глобален одговор“, рече канцеларката.

повеќе: 

Меркел се спаси со бегство во тврдината Европа

Кавга во коалицијата: СПД не сака да биде само нем посматрач

Опозициската деснопопулистичка партија АфД ја искористи дискусијата во парламентот за фронтален напад против Меркел.

„Канцеларка, на која со мака, чекор по чекор, треба да ѝ се укаже како да се воспостави правен ред, е и останува погрешно персонално решение на функцијата“, изјави шефот на пратеничката група на АфД, Александер Гауланд. Шефицата на АфД, Алис Вајдел ја обвини Ангела Меркел дека на ЕУ-самитот за мигранстката политика минатата недела во Брисел успеала да постигне единствено „грст неодредени најави за намери“ и тоа се обидува да го продаде како решение за бегалската криза. Од сидро на стабилност, Германија се претвори во фактор на хаос во ЕУ, а за тоа Меркел сноси одговорност, обвини Вајдел.

Deutschland | Andrea Nahles spricht im Bundestag (picture-alliance/dpa/B. v. Jutrczenka)

СПД со свои услови: Андреа Налес

Ставовите на СПД, изнесени денеска во Бундестагот и непосредно пред неговата седница, покажуваат дека кризата во германската влада, по компромисот за мигрантската политика меѓу ЦДУ и ЦСУ, не е готова - СПД поставува свои услови за транзитни центри.

Т.н. транзитни бегалски центри, кои Унијата (ЦДУ/ЦСУ) планира да ги подига на германско-австриската граница, според зборовите на шефицата на Социјалдемократската партија, Андреа Налес, не смеат да бидат од затворен тип.

„Со нас нема да има никакви затворени логори“, истакна Налес по седницата на пратеничката група на СПД утрово. И во генералната дебата во Бундестагот, таа предупреди дека не смее да се дозволат никакви национални еднострани чекори во бегалската политика. Генералниот секретар на СПД, Ларс Клингбајл претходно ги претстави партиските црвени линии во заострувањето на правото за азил и јасно ја истакна недореченоста на плановите на ЦДУ и ЦСУ од негов аспект. Според него, министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер прво треба да постигне соодветен договор со Австрија. „Ако не добиеме спогодба со Австрија, компромисот во Унијата во целина стои на стаклени нозе“, истакна Клингбајл по вонредната седница на пратеничката група на СПД.

Австрискиот канцелар очекува разјаснување од Берлин - што се подразбира конкретно под најновиот компромис за азилот на сестринските партии во германската влада, но во основа е критички настроен против враќањето бегалци од германската граница. Себастијан Курц најави интензивирање на граничните контроли на јужните австриски граници.

DW.COM

Реклама