Женска чанта „Да Винчи“ | Панорама | DW | 12.04.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Женска чанта „Да Винчи“

Дизајнерката Карла Брачалини од Фиренца е позната по необичните женски чанти со оригинални, уметнички мотиви. Таа неодамна изработи чанта според оригинален цртеж на Леонардо да Винчи.

default

Чантата според моделот на Леонардо да Винчи е наречена „Ла Прецјоса“, во превод - драгоцена. За пример и инспирација е земен 500 години стар цртеж од збирката скици и белешки на Да Винчи - Кодекс Атлантикус.

По налог на музејот „Да Винчи“, дизајнерот Карла Брачалини максимално верно до детали го изработи примерот од времето на ренесансата.

„За нас беше чест да креираме чанта според цртеж на Леонардо да Винчи, такво нешто не се случува секој ден. Тоа беше предизвик, човек се чувствува како дел од вреден проект“.

За да се задоволат денешните стандарди, за чантата е користена помека кожа отколку онаа вообичаена за времето на Леонардо да Винчи.

Занаетчиите направија мустра според историскиот пример, други го подготвија месинганиот затворач.

За да се направи ваква чанта, потребни се повеќе од два дена.

„Ова не е модна чанта. Би рекле, таа е универзална и вечна, како и генијалноста на Леонардо“, вели Брачалини.

Оригиналноста се плаќа

Една „Да Винчи“ чанта чини околу 3 илјади евра. Како и другите колекции на Брачалини, се произведува во седиштето на фирмата, кај Фиренца. Фирмата во 1954-та година ја основаше сега 81-годишната Карла Брачалини. Најпознати се нејзините чанти со мотиви: автомобили или животни, како на пример полжав, секоја е рачна работа. Тоа има своја цена, таквите чанти чинат по околу илјада евра. Првиот мотив е куќа. На идејатаза оваа чанта Карла Брачалини дошла пред седум години, кога и‘ била украдена чантата.

New York Fashion Week - Michael Kors

„Ја направив од забава, зашто во чантата всушност човек со себе ја носи цела куќа. Но, ваквите идеи треба да бидат и применливи, чантите мора да бидат и практични, за секојдневна употреба“.

Необично за една фабрика на чанти: Брачалини редовно организира сопствени модни ревии, како лани во Милано. Притоа секогаш во преден план се чантите со мотиви. Тие треба да се носат намигнувајќи, вели Карла. Оваа дизајнерка од Фиренца знае како функционира тоа, таа ни себе си не се сфаќа секогаш сериозно.

Се мисли и на развојот и иднината

Фирмата веќе 25 години произведува чанти и за реномирани дизајнери како Британката Вивиен Вествуд. Развој кој го насочува Лоренцо Брачалини. Тој работи во менаџментот на семејното претпријатие како еден од тројцата синови на шефицата на фирмата.

„Мајка ми главно се концентрира на нејзините сопствени производи, а не и на експанзијата. Ние, синовите, се разбира мора да мислиме и на идниот развој на производството и преферираме фирми со повеќе познати имиња“.

Почетоците на фирмата се лоцираат во средновековниот центар на Фиренца. Таму во 1954-та година беше создадена првата работилница, тука до денес се наоѓа една од 37-те сопствени продавници на фирмата, кои ги има ширум светот. 60 проценти од производството се извезува. Чантите со мотиви стекнаа светска слава.

„Овие се разликуваат од другите чанти. Ми се допаѓа да носам нешто вака разиграно“, вели една од муштериите во продавницата.

Leonardo da Vinci Selbstportrait

Леонардо да Винчи, инспирација и денес

„Мислам дека се прекрасни. Квалитетот на чантите е одличен, направени се со многу детали, необични се, нудат задоволство“, дополнува друга жена.

Кон групата Брачалини спаѓа и фирентинската традиционална марка Џерардини. Чантата „Да Винчи“, лимитирана на 99 примероци, ќе се продава со нивна етикета.

„На почетокот малку се сомневав, Леонардо да Винчи веројатно немаше да биде задоволен од мене. Конечно, неговите скици ги искористив за производство на комерцијален продукт“, нагласува Карла Брачалини.

Но, муштериите не размислуваат многу. Порачки стигнуваат од цел свет - доказ дека универзалниот гениј како Леонардо да Винчи уште е во мода.