Железницата во БиХ: брзи шини до пропаста | Економија | DW | 14.11.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Железницата во БиХ: брзи шини до пропаста

Пред 8 години, Босна и Херцеговина купи девет супербрзи возови од Шпанија за 67 милиони евра. Оттогаш тие стојат неупотребени на станицата во Сараево. Возови има, но пругите во БиХ не можат да ги издржат.

Тие требаше да ја претставуваат преродбата на БиХ по војната: флота брзи возови произведени на Западот. Осум години подоцна, тие се уште стојат во магацините. Причина: пребрзи се за 60-години старите шини во земјата.

„Тоа ви е како да сте купиле Ферари, а немате пат за да го возите“, признава Самир Кадриќ, претставник на државната компанија која ги купи возовите.

Приказната за возовите е уште една горчлива иронија на земјата која е длабоко заглавена во сиромаштија и меѓуетнички недоразбирања. Деветте супер-брзи возови, кои беа купени од Шпанија за 67 милиони евра, достигнуваат брзина од 240 километри на час, но стојат паркирани на станицата во Сараево од денот кога пристигнаа од фабриката на шпанската компанија „Талго“.

Во меѓувреме, граѓаните се возат во 40 години стари возови, кои сообраќаат со максимална брзина од 70 километри на час, и во истовреме го отплаќаат долгот за брзите возови преку данокот.

Купувањето беше грешка, признава Кадриќ. Не само што пругите се престари за овие возови, туку и нивното одржување се покажа прескапо, па тие сега едноставно пропаѓаат.

Пред војната во БиХ возовите сообраќаа побрзо отколку денес. Причина за тоа е и големото уништивање на железницата за време на војната. Штетата е проценета на околу една милијарда евра. Само околу една третина од оваа сума досега е потрошена за реконструкција.

Zug Bosnien Serbien

Дополнителен проблем е и поделбата во БиХ на повеќе основи. И Федерацијата БиХ, која ја сочинуваат етнички Бошњаци и Хрвати и Република Српска, имаат сопствени железнички компании, па возовите кога минуваат од еден регион во друг мораат да ги менуваат локомотивата и екипажот. Дополнително, бошњачко-хрватската компанија, која ја претставува Кадриќ, е поделена на два оператори, кои одделно управуваат со возовите и со железницата. Шпанските возови беа купени од операторот кој управува со возовите, со надеж дека ќе следува реконструкција на инфраструктурата за која е надлежен другиот оператор. Се’ разбира, тоа до денес не се случи. Неколкуте реконструкции кои беа направени, само дополнително ги усложнија работите. Па така сега во БиХ има делови од пругите кои се на ниво на оние во ЕУ, но поголемиот дел функционираат со опрема стара 140 години, а вработените си го осветлуваат патот со газиени лампи.

„Кој и да ги порачал овие возови требало да се запраша каде ќе ги возиме“, вели патникот Елведин Газиќ.

Досега никој не одговарал за злоупотреби при купувањето на возовите. Како и другите јавни претпријатија, и босанската железница им служи на политичарите за одржување на социјалниот мир преку прекумерно вработување.

Актуелното раководство на железницата сега се фокусира на ограничување на штетата. Во план е изнајмување на возовите на Турција, со што можеби ќе се исплати барем дел од потрошените средства.