Ејми Кони Барет - правник со верска мисија | Свет | DW | 28.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Ејми Кони Барет - правник со верска мисија

Изборот на Трамп падна на Ејми Кони Барет, таа би требало да биде судија на Врховниот суд. Исклучително религиозна, приватно топла и спремна да помогне. Нејзиниот избор може да остави печат врз американското правосудство

Таа е длабоко религиозна противничка на абортусот и наскоро би можела да стане судија на Врховниот суд на Соединетите Американски Држави, суд кој  дава насока на правосудството во земјата. Во прашање е Ејми Кони Барет, која американскиот претседател Доналд Трамп на викендот ја номинираше да ја замени неодамна починатата либерална судијка, Рут Бејдер Гинсбург.

Додека либералниот дел од САД се прости од Гинсбург како од феминистичка икона, Барет е конзервативното лице на Америка. Нејзината номинација дополнитено ќе го распламти судирот на култури во земјата. Зашто, Барет не е само против правото на жените сами да решат дали ќе ја задржат бременоста, туку и против задолжителното здравствено осигурување за сите и против хомосексуалните бракови. Таа се залага за право на поседување оружје и традиционалната слика на семејството. 

„Царството Божје" како ултимативна цел

Како професорка по право на католичкиот универзитет Нотрдам, на едно предавање рекла дека кариерата во правосудството е само „средство до целта", а целта е „градење на Божје царство". Нејзините критичари не пропуштаат да потсетат на таа реченица.

Повеќе:

Американскиот експеримент на изборен тест

Трамп не гарантира мирно предавање на власта

Октомвриското изненадување

Почина легендарната судијка на Врховниот суд на САД- Рут Гинсбург

Дебата предизвика пред три години кога, номинирана за судија на Врховниот апелациски суд, беше на сослушување во Сенатот. Една демократска сенаторка ѝ префрли дека во неа „силно чука догмата", на што Берет возвратила: „Ако ме прашате дали сериозно ја сфаќам својата католичка вера: да, ја сфаќам сериозно. Иако сакам да нагласам дека мојата верска припадност или мојата религија не би влијаела врз моите обврски како судија."

Реченицата на демократската сенаторка во оригинал „The dogma lives loudly within you" – стана неуништлива реклама за Ејми Кони Барет во конзервативните кругови, таа како слоган е печатена на маици и чаши.

Соседите и колегите ја фалат

Барет го живее она во што верува. Со семејството живее во Саунт Бенд, мало универзитетско место во Индијана. Има седум деца од кои две се усвоени и потекнуваат од Хаити. Еден од синовите има Даунов синдром. Ејми Кони Барет наводно секое утро на грб го изнесува по скалите на семејната куќа.

USA - Kampagnenkundgebung für US-Präsident Trump

Поддржувачи на Барет во Џексонвил, САД

Велат дека приватно е бескрајно љубезна личност, иако има доста работа, волонтерски помага во училиштето во кое учат нејзините деца. Колегите ја опишуваат како великодушна и гостопримлива. „Ретко кој со тоа ниво на образование така реагира на обичните луѓе", изјавила за „Гардијан" една социјална работничка која ја познава.

Според наводите на медиумите, Барет припаѓа на конзервативното движење  „People of Praise" во католичката црква. Станува збор за конзервативно движење кое се залага за традиционални улоги во семејството. За волја на вистината, како жена со кариера, самата Барет не се вклопува баш во таа слика.

Барет е родена во 1972 година во Њу Орлеанс како најстаро од седум деца. Завршила основни студии по англиска книжевност, а потоа студирала право на реномираниот универзитет Нотрдам, каде предавала до 2017 година. Своевремено работела за покојниот конзервативен судија на Врховниот суд Антонино Скали, од кого наводно ги презела правните позиции – толкувањето на Уставот треба да се врши дословно, како во времето на настанувањето.

Трамп се надева на поддршка исто така и по изборите

Трамп дава еуфорични изјави за Барет (светска класа, брилијантна, прекрасна). Кога во 2018 година се испразни место во Врховниот суд, тој веќе ја имал на својата листа на потенцијални кандидати. Со нејзиното сегашно номинирање тој се надева пред сѐ на обезбедена поддршка од конзервативната база на својата партија. Републиканците освен тоа се надеваат дека фактот што таа е жена, ќе ги убеди и либералните сенатори да гласаат за неа како наследничка на Гинсбург.

Трамп со Барет се обезбедува и за времето по претседателските избори. Тој веќе изјави дека исходот од гласањето може да заврши пред Врховниот суд, доколку не биде по негова волја. Конзервативно мнозинство и наклонети судии тогаш можат да му бидат од помош.

Во секој случај, Ејми Кони Барет може со децении да става конзервативен печат на Врховниот суд, зашто судиите во него се именуваат доживотно.

Реклама