Ефикасноста на ремдесивирот во борбата против Ковид-19 | Свет | DW | 05.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Ефикасноста на ремдесивирот во борбата против Ковид-19

Благодарение на ремдесивирот се намалува стапката на смртност и траењето на болеста, но тој не е волшебно средство во борбата против Ковид-19. Сепак, во САД е дадена дозвола за третирање корона-пациенти со ремдесивир.

Непосредно по објавувањето на информациите за првите корона-инфекции во Кина, ремдесивирот се најде во фокусот. Активната супстанција која беше развиена првично во борбата против еболата, покажа дејство во лабораторија и во случаите на САРС и МЕРС коронавирусите. А, новиот коронавирус САРС-КоВ-2 важи за варијанта на САРС од 2002 година. Но,  ремдесивирот, создаден од страна на американската фармацевтска компанија Gilead Sciences под име ГС-5734, досега нема добиено официјална дозвола во ниту една земја во светот.

Со оглед на тоа што првата клиничка студија во САД мина позитивно, американската Агенција за лекови ФДА издаде специјална дозвола веќе по неколку дена. Сега ремдесивирот смее во болница да им се дава на одделни пациенти болни од Ковид-19. Производителот Gilead Sciences најави донација на 1,5 милиони дози.

Антивирусното дејство на ремдесивирот се заснова на неговата функција како т.н. нуклеотиден аналог. Активната супстанција ја спречува РНА-полимеразата на вируси како ебола и МЕРС, зашто неговата структура наликува на РНА-деловите и при размножувањето тие збунуваат и се вградуваат во геномот на новите копии на вирусот. На тој начин не може да се создадат навистина функционални нови вируси.

Во случајот на еболата, ремдесивирот не се покажа како навистина ефикасен, но при лабораториските испитувања и првите експерименти со мајмуни тој покажа многу ветувачко дејство против САРС и МЕРС-КоВ кои му се многу блиски на САРС-КоВ-2.

Клиничките студии во САД и Кина требаше да покажат дека редесивирот помага и против Ковид-19.

Белата куќа ги слави позитивните ефекти

Првите позитивни резултати од клиничките студии во САД беа објавени директно од Белата куќа на 29 април. Директорот на Националниот институт за алергии и инфективни болести (НИАИД), Ентони Фаучи, на прес-конференција со Доналд Трамп во Белата куќа, за ремдесивирот рече: „Тоа ќе стане стандард во третманот.“

Во рандомизираната студија„Adaptive COVID-19 Treatment Trial“, финансирана од страна на институтот, учествуваа 1063 пациенти со различен степен на комплицираност на болеста, кои биле десет дена лекувани со ремдесивир или плацебо.

Кај вакви рандомизирани „двојно слепи“ студии, ниту лекарите ниту пациентите не знаат кој добива активна супстанција, а кој плацебо. Со тоа би требало да се спречи очекувањата од активната супстанција да ги променат вистинските резултати од истражувањето.

Според НИАИД, првичните резултати укажуваат дека пациентите со Ковид-19 кои добиле ремдесивир имале за 31% побрзо време на оздравување од пациентите кои добиле плацебо. Пациентите третирани со ремдесивир оздравувале во просек по 11 дена, а плацебо-пациентите по 15 дена.

Стапката на смртност во ремдесивир-групата изнесува 8%, а во плацебо-групата 11,6%.

Предвреме прекинати студии

Овие резултати очигледно им беа доволни на одговорните лица. Резултатите кажуваат доволно, сметаше Националниот институт за здравје. На седница на експертската група за надзор на безбедноста на пациентите Data Safety Monitoring Boards на 27 април е одлучено предвремено прекинување на студијата.

Истовремено, и советникот на претседателот Трамп мораше да признае дека резултатите од студијата сега мора да бидат проценети од страна на независни експерти (Peer Review).

China Wuhan FEBRUAR | Coronavirus | Wang Chen (picture-alliance/Xinhua News Agency/C. Min)

Во Вухан, во меѓувреме, нема доволен број пациенти

Паралелно со информациите за успехот од Вашингтон, доаѓаат отрезнувачки вести од Кина, каде во рандомизирана клиничка студија во Вухан се истражуваше ефикасноста на ремдесивирот кај тешко болни од Ковид-19 кои лежат на одделенија за интензивна нега. Во Вухан, во меѓувреме нема доволен број пациенти поради тоа што бројот на новоинфицирани лица е многу намален, па студијата исто така мораше предвреме да биде прекината, напиша стручното медицинско списание Лансет.

Што значат резултатите?

Во двете студии ремдесивирот се покажа како умерено ефикасен. Тој ја намалува благо, а не значајно стапката на смртност. И, благодарение на оваа активна супстанција, за неколку дена се крати должината на престојот во болница.

Тоа се радосни вести, но не и вистински пробив на каков што се надеваа многумина.

Водечки германски експерти за инфектологија, како што е проф. д-р Герд Феткенхојер од Универзитетската клиника во Келн, кој раководи со една клиничка студија за ефикасноста на ремдесивирот врз пациенти во Германија, сметаа дека по објавувањето на резултатите ремдесивирот брзо ќе добие дозвола за лекување на Ковид-19. „За пациентите со тешка форма на ова заболување оваа студија значи надеж дека ќе можат побрзо и посигурно да оздрават“, вели проф. Феткенхојер.

Сепак, „во догледно време нема да има доволно супстанција на располагање, па ќе биде итно неопходно да се испитуваат и други активни супстанции“, вели проф. Феткенхојер. Тој додава дека „урнек за нивната ефиаксност во иднина ќе биде ремдесивирот“.

Сличен е и ставот на проф. д-р Клеменс Вентнер, шеф на Одделот за инфектологија и тропска медицина и раководител на Специјалниот тим за високозаразни животнозагрозувачки инфекции на Клиниката Швабинг во Минхен. „Откако лопинавирот/ритонавирот и хидоксихлорокинотне ги исполнија очекувањата кои се вложуваа во нив, ремдесивирот сега, и покрај некои ограничувања, ќе мора да служи како референтна супстанција во идниот развој на лекови за Ковид-19“, вели проф. Вентнер.

 

DW.COM

Реклама