ЕУ треба да ја држи вратата отворена, порача Пендаровски во Њујорк | Северна Македонија | DW | 21.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ЕУ треба да ја држи вратата отворена, порача Пендаровски во Њујорк

Претседателот предупреди дека застојот во интегративните процеси резултираше со бавно реформско темпо и со подем на евро-скептицизмот во Западен Балкан.

Македонскиот претседател, Стево Пендаровски

Македонскиот претседател, Стево Пендаровски

Иднината на Западниот Балкан е во Европската Унија, која треба да ја држи вратата отворена, не само заради потребата од сериозни резултати во делот на европските критериуми за демократија, владеење на правото, борбата против корупцијата, туку и заради можноста од користење на евентуалниот вакуум од страна на надворешни фактори, кои промовираат геополитички концепти, кои не се базирани на општите европски вредности. Ова е пораката којашто ја испрати претседателот Стево Пендаровски кој во Њујорк учествуваше на 20.состанок на високо ниво во организација на Меѓународниот центар Низами Ганџави, што се одржа на маргините на 76. Генерално собрание на Обединетите нации. Претседателот се обрати на тема „Што значат мирот и стабилноста во 21. век?“ во рамки на сесијата „Специјално обраќање: Мир и стабилност: Иднината на Западен Балкан“.

Пендаровски вели дека одржувањето на перспективата за членство во ЕУ е клучниот двигател за реформите, не само во Северна Македонија, туку и во земјите од Западен Балкан, додека самото членство – клучно за обезбедување долгорочна стабилност, мир и просперитет во регионот. 

Амблемот на Организацијата на Обединетите Нации

Амблемот на Организацијата на Обединетите Нации

Загриженост поради застојот 

Но, според него, поради низа објективни причини, како што беа конфликтите во поранешна Југославија, економската девастација, бројните отворени прашања, ниту една земја од регионот не може да се вброи како лидер на посткомунистичкиот период во Европа. Поради евидентниот застој во интегративните процеси на сите земји од Западен Балкан во изминатите неколку години, Пендаровски во Њујорк изрази загриженост и предупреди дека неизвесноста на овој план би можела битно да влијае на мирот и стабилноста во регионот. „Резултат на сегашниот застој се бавното реформско темпо и подемот на евро-скептицизмот во сите држави од Западниот Балкан“, вели тој. 

Повеќе: Урсула фон дер Лајен ќе го посети регионот: Вложувањето во Западен Балкан е влог во иднината на ЕУ

Во своето обраќање, претседателот ја истакна и важноста на односите меѓу ЕУ и САД, кога се зборува за мирот и стабилноста на Западен Балкан. „Секогаш кога односот помеѓу ЕУ и САД бил добар и силен, тогаш се гледале придобивките за регионот, Европа и евроатлантскиот регион во целина“, вели тој. 

Пендаровски на 23 септември, четврток, ќе се обрати на Генералната дебата на 76. Сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, што се одржува на тема „Градење отпорност преку надеж – опоравување од Ковид-19, одржливо обновување, одговор на потребите на планетата, почитување на правата на луѓето и ревитализација на Обединетите нации“. Во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари средба со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и билатерални средби со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание. Тој ќе учествува и на Виртуелниот глобален самит за борба против Ковид-19. 

DW.COM