ЕУ со ситење си нанесува штета себеси | Свет | DW | 18.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕУ со ситење си нанесува штета себеси

Тереза Меј најави дека Велика Британија сака да го напушти европскиот внатрешен пазар и стреми кон нов договор за слободна трговија со ЕУ. Брисел сега мора да излезе од лошото ќоше, смета Кристоф Хаселбах.

Чекањето заврши. Конечно, Британците и континенталните Европејци малку појасно може да видат како би требало да изгледа излегувањето на Велика Британија од ЕУ. Тоа, само по себе, е напредок. Многу луѓе предолго си негуваа надежи за сѐ можно, па дури и за тоа дека со нов референдум би можел да биде спречен Брегзит.

Во текот на изминатите месеци стануваше збор пред сѐ за тоа дали Британците може да останат во внатрешниот пазар на ЕУ и покрај одлуката за излегување од Унијата. Одговорот од ЕУ, согласно мотото - или целосно внатре или воопшто, недвосмислено гласеше - не! Претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер пред референдумот дури налутено предупреди: „Дезертери не се пречекуваат со отворени раце!“

Велика Британија не сака да моли 

Во многу изјави од Брисел кои се однесуваат на Брегзит сѐ уште провејува ситење, како на пример кога станува збор за курсот на фунтата кој е во пад, а се наѕира и желба за казнување на Велика Британија. На тој начин, меѓу другото, се настојува и да се дисциплинираат преостанатите 27 членки на Унијата. Но, ЕУ со тоа само ја зајакнува евроскепсата и си нанесува економски штети и себеси. Токму германските извозници би морало да имаат интерес за задржување на пристапот до британскиот пазар без трговски бариери. Тој пазар им е еден од најважните во светот. На пример, секој петти германски автомобил кој е извезен во странство, завршува во Велика Британија.

Christoph Hasselbach (DW/M.Müller)

Кристоф Хаселбах

Сега Британците се сметаат принудени да чекорат по нови патишта и преминуваат во офанзива. Тие сакаат да го напуштат внатрешниот пазар и на ЕУ ѝ нудат договор за слободна трговија, со кој би требало да се задржи што е можно повеќе од сегашниот пристап до внатрешниот пазар. Од говорот на Тереза Меј произлегува извесен пркос и гордост. Велика Британија не сака да моли во Брисел. Наместо тоа, сака да се отвори за цел свет. Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој беше за Брегзит, веќе му најави на Лондон билатерален договор за трговија. Ако се погледнат бескрајните тешкотии кои ЕУ ги има токму при договорање на меѓународни трговски договори, се чини замисливо е и други трети држави, како Кина или Бразил, да склучат со Велика Британија посебни договори.

Тоа го сакаше најмал број Британци. Оние кои гласаа за Брегзит сакаа пред сѐ контрола на миграцијата. И, за разлика од мислењето кое вообичаено е присутно во Германија, притоа не станува збор само за досегашните, туку и за идните граѓани на ЕУ. Поранешниот премиер Камерон пред референдумот постојано во интервјуата беше прашуван како ќе спречи стотици илјади мигранти, кои во наредните години ќе добијат германско државјанство, на крајот да завршат во Велика Британија, без притоа Лондон на тој процес да може да влијае на каков било начин. Тој немаше одговор. Политиката на Ангела Меркел на неконтролирано доселување можеби ги донесе малкуте решавачки проценти гласови во полза на Брегзит.

Притисок не е од помош

Гласањето помина, а сепак Берлин и Брисел би требало да размислат. Од предупредувањето на Јункер за „дезертерите“ може да се прочита и вџашеноста - како може да се дојде на идеја да му се заврти грб на убавиот, познат свет во Брисел. Во тој свет нема сомневања во себе. Британското излегување ја става под голем знак прашалник ЕУ во форма и организација каква што досега има. Но, тоа не е опасно, туку е здраво. Европската идеја е фантастичен проект. Но таа идеја не се одржува со притисок и казни, туку само со помош на сопствената атрактивност.

 

DW.COM

Реклама