ЕУ: Со половина билион евра против корона-кризата | Економија | DW | 10.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

ЕУ: Со половина билион евра против корона-кризата

Пакет од 540 милијарди евра треба да им помогне на државите од ЕУ против последиците од корона-кризата, договорија министрите за финансии. Кавгите и уцените со распад на ЕУ беа непотребни и штетни, смета Барбара Везел.

Секој кој ја познава ЕУ, знае дека земјите членки на крајот сепак наоѓаат некаков договор. Во секој случај, тогаш кога сите имаат интерес да се договорат. А таков случај е итната помош во време на коронавирус: или европските меѓусебно испреплетени економии заеднички ќе излезат од кризата, или ќе продолжат само куцкајќи да се движат натаму. Но, овојпат придружната музика беше особено драматична – на многу места повторно беше потегнато прашањето за судбоносност и распад на ЕУ. Но солидарноста, онака како што ја дефинираат јужните држави, не може да биде изнудена и може да му штети на северот. 

Непотребен циркус

Во омилената европска дисциплина „циркус за домашните гледачи“, овојпат посебно се истакна министерот за финансии на Холандија, Вопке Хоекстра. Тој прво инсистираше на принцип, а потоа на детали. Постојат добри причини за Холандија да биде против т.н. корона-обврзници. Но, тоа што Холанѓанецот инсистираше уште и кредитите од Европскиот механизам за стабилност, кои сега се договорени, да бидат условени со одредени реформи, во дадените услови е дрскост. Веројатно тој сакаше кај своите сонародници да се прикаже како исклучителен тврдолинијаш. Но, тврдоглавоста не е политика, а за вакви однесувања во ЕУ по правило следат одмаздувања.

На другата страна на ровот се наоѓаа италијанскиот премиер Џузепе Конте и Шпанецот Педро Санчез, кои ја користеа очајноста на ситуацијата за да ја скршат препреката која досега забранува социјализација на долговите во ЕУ. „Солидарност“ – тоа е ударниот аргумент со кој сакаа да го принудат на попуштање фронтот на неволните, првенствено Германија.

Уцената не е добро средство

Овој обид е навистина разбирлив, но употребената политичка хебла е погрешно средство. Заканата со скорешна пропаст на ЕУ, доколку веднаш не бидат договорени милијарди евра заеднички долгови за да им се помогне на Италија и на Шпанија, е несварлива и опасна. Со тоа северните земји се притеснуваат до ѕид, кај нивните избирачи се разбудуваат одбранбени рефлекси и крајно, се загрозува и стабилноста на појаките земји. Тоа не претставува убедувачка активност, туку уцена.

Porträt - Barbara Wesel (DW/B. Riegert)

Барбара Везел

Создавањето фонд за обнова врз основа на заеднички долгови, како квази неконтролиран извор на пари, е опасен инструмент. Такво нешто мора да биде добро обмислено и аранжирано. Кој треба да го контролира користењето? Кој ќе се грижи за отплатата? И дали ЕУ може да спречи, евентуално на италијански премиер со име Матео Салвини да му ја финансира неговата популистичка држава? Но, доколку заедничките долгови еднаш се воведат, забраната ќе биде скршена. Тогаш северот фактички навистина може да западне во ситуација трајно да ги софинансира државните финансии на југот, што крајно ќе води до распаѓање на ЕУ.

Парите не се доволни

Според сегашниот договор, првично ќе бидат мобилизирани околу половина билион евра, како мешавина од кредити и гаранции, за да им се дадат евтини кредити на малите и средни по големина фирми, еден вид исплаќање пари за скратено работно време за сите вработени во целата ЕУ и гарантирање овозможен пристап на државите до 240 милијарди евра од Европскиот механизам за стабилност, ЕСМ. САД, за да ѝ помогнат на својата економија повторно да застане на нозе, во првичната одлука одобрија 2 трилиони долари. Ним им е полесно, тие едноставно сами си ги печатат парите. Но, споредбата покажува дека договорената сума за ЕУ ни оддалеку нема да биде доволна.

Повеќе:

Германија и Франција соочени со историска економска криза

Меркел: Коронавирусот е најголемиот предизвик за ЕУ

Европа поделена на „север и југ“ опасно танцува на чекор од амбисот

Кој ќе го плати цехот по корона-кризата?

Солидарност од двете страни

Како последица на пандемијата на коронавирус, економистите прогнозираат длабока рецесија и натпревар во загуби. Јасно е дека ќе бидат потребни огромни суми и дека на најзасегнатите држави ќе им биде потребна најголемата помош, за тоа навистина е потребна солидарност. Но, во идните недели мора да се дискутира околу тоа  како да се соберат парите и како да се врши финансирањето, во колкав временски период и под какви услови.

Побогатите земји, поаѓајќи пред сѐ од сопствени интереси, нема да се спротивстават на формирање Корона- фонд за обнова. Но, тоа треба да го направат по своја слободна желба, затоа Италија и Шпанија треба малку да ја стишаат вербалната артилерија. Да му се вперува на партнерот пиштол в гради и да му се вели: „Биди сега солидарен!“, го загрозува во еднаква мерка единството во ЕУ, како и евентуален недостиг на солидарност.

Реклама