ЕУ самит: Решавањето на проблемите одложено за догодина | Свет | DW | 16.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

ЕУ самит: Решавањето на проблемите одложено за догодина

ЕУ не најде излез од актуелната криза. На завршниот самит, шефовите на држави и влади направија само мали чекори. Но ЕУ не смее да се отпише, смета Бернд Ригерт.

Комплицираната 2016 година за ЕУ заврши со самит на кој се разговараше за речиси сите актуелни кризи и конфликти, од Сирија, преку Турција и Украина сѐ до миграцијата, долговите и Брегзит. Вистински решенија нема. 28-те членки успеаја да најдат најмал заеднички именител, со што се спречи, разединетоста и кавгите кои тлеат за многу прашања, да не се разгорат. Само во разговорите за сирискиот конфликт можеше да се демонстрира какво-такво единство, иако со оглед на драматичните настани во Алепо не паднаа никакви важни одлуки. Имаше многу зборови, осуди, апели и најави за помош за луѓето во нужда, но вистински притисок од ЕУ нема. Нема ни закани за санкции против Русија или Иран поради нивното вплеткување во војната, затоа што многу држави се изјаснија против нови казни за Владимир Путин. Беспредметно, затоа што санкциите нема да го импресионираат Путин, туку само дополнително ќе го испровоцираат, гласеше образложението. Едноставната, но точна формула гласи: ниту еден Европеец не сака да умре за Сирија. Ја искова шефот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.

Заклучоци само за Украина

Riegert Bernd Kommentarbild App

Бернд Ригерт

Со малку напор на лидерите им успеа да се согласат за една точка. Санкциите против Русија поради нападот во источна Украина и анексијата на Крим се продолжуваат за половина година. Мировниот процес не се помрднува од мртва точка. И во тој поглед на ЕУ и недостасуваат средства за притисок и преговори. Санкциите повеќе не го плашат Кремљ.

Кавгата околу договорот за придружување со Украина и натаму не е завршена. И покрај согласноста од 27 држави, холандскиот премиер Марк Руте се сомнева дека неговиот парламент ќе ратификува таков договор. Руте веќе има еден пропаднат референдум зад себе на кој популистите успеаја да создадат атмосфера против Украина, против ЕУ, миграцијата... Во март се закажани избори во Холандија. Доколку наскоро Холандија не го ратификува договорот, тој ќе пропадне. Тоа ќе биде тежок удар за граѓаните на Украина, кои токму поради овој договор се кренаа на револуција во 2014 и дадоа жртви за неа. Владимир Путин ќе се радува. Со задоволство ќе гледа како ЕУ се дели. Доколку пропадне договорот со Украина тоа ќе биде фатален сигнал и за земјите од Западниот Балкан кои се стремат кон ЕУ. Нивниот влез може да биде спречен од некаков референдум каде било во ЕУ, затоа што за проширувањето и натаму се бара едногласност. Трендот на нов национализам во ЕУ, на популистички едноставни решенија, наскоро може да донесе нови жртви.

Останатите конфликти беа едноставно исклучени од страна на лидерите, затоа што едноставно знаеја дека не можат да најдат заеднички јазик, или пак немаа поим што понатаму да прават. Заедничката и солидарна политика за азил и миграции? Одложено. Расчистување на односите со важниот сосед Турција? Одложено. Олеснувања за Грција и Италија како држави на удар на миграциите? Премолчено. Искрен однос кон должничката криза во Грција? Одложено. Стратегија како ЕУ да се справи со растечкиот национализам и центрифугални сили по Брегзит? Ни збор.

Но безидејноста на Европскиот совет не треба да доведува до заблуда дека ЕУ станува излишна. Напротив:  таа ќе мора да се бори против ренационализацијата и популизмот. Мали чекори, мачни компромиси. Ништо од тоа не е секси, но нема алтернатива.

Реклама