ЕУ-самит на спорови: Енергетската криза, климатските промени и Полска | Свет | DW | 22.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

ЕУ-самит на спорови: Енергетската криза, климатските промени и Полска

Спорот околу владеењето на правото во Полска не е единствениот кој предизвикува раздор на самитот на ЕУ во Брисел. Неединство има и околу одговорот на драстичниот раст на цените на енергенсите и на климатските промени.

Заедничка фотографија на лидерите на земјите од ЕУ на почетокот на самитот во Брисел

Заедничка фотографија на лидерите на земјите од ЕУ на почетокот на самитот во Брисел

Ангела Меркел зад себе има над сто вакви самити во Брисел, а ова е веројатно нејзиниот последен. Таа уште еднаш мора да ја преземе улогата на посредник во криза. Ќе биде тешко, бидејќи владеењето на правото е темел на ЕУ, а спорот со Полска ги тресе тие темели.

„Правната држава е суштинско добро за Европската унија“, рече германската канцеларка на почетокот на самитот и додаде дека мора да се најде начин да се постигне договор. Притоа се создава впечаток дека двете страни се закопани на своите позиции.

Полска не попушта

Долгогодишните набљудувачи се сеќаваат во 2004 година, кога Полска под премиерот Јарослав Качински до таа мерка непопустливо преговараше за полскиот пристап во Унијата, што изнервираните шефови на држави и влади мораа во бројни ноќни седници да разработат компромиси. Качински во моментот седи „во втор ред“ зад владата во Варшава, но неговиот премиер Матеуш Моравјецки во Брисел ја покажува истата непопустливост.

„Не се согласуваме со сѐ поголемото пренесување на надлежност на институциите во ЕУ“, рече тој додавајќи дека Брисел сака да одлучува за работи за кои не е надлежен. Додуша, и тој рече оти треба да се најде некое решение, но тоа едвај го ублажи впечатокот за спорот. Полскиот премиер веднаш потоа рече дека Полска нема да дозволи уцени. Тој уцена ја нарекува заканата од Брисел оти ќе ја запре исплатата на европските средства за Варшава.

Непопустливиот полски премиер Матеуш Моравјецки

Непопустливиот полски премиер Матеуш Моравјецки

На почетокот на неделата полскиот премиер слично настапи и во Европскиот парламент, бранејќи ја одлуката на полскиот уставен суд да ги стави полските закони над европските. Варшава ги толкува правните текови како што тврди оти европските закони важат само во оние специфични области во кои државите експлицитно пренеле надлежност на европско ниво. Моравјецки го оспорува правото на Европскиот суд да суди за статусот на демократија во државите кои ја сочинуваат Унијата.

Полска, како и што се очекуваше, ја поддржа Унгарија. „Ние создаваме сојуз и се бориме заедно“, рече Виктор Орбан, човекот кој кумуваше на „илибералната демократија“. Полска, според Орбан, е добра земја на која не би требало да ѝ се воведуваат санкции. Орбан додаде дека линијата за раздвојување на Европа оди меѓу „земјите со разум и без него“. А спорот со Полска го нарече „лов на вештерки“.

Борбените земји од Бенелукс

Холанѓанецот Марк Руте застапува решителна конфронтација: „Мораме да покажеме јасен став кон Полска. Прашање е само како да се дојде до него “, рече тој на почетокот на самитот. Руте прашањето за независноста на судството во Полска го доведе во директна врска со исплатите од буџетот на Брисел: „Тешко е да се замисли дека на Полска може да ѝ бидат ставени на располагање нови големи парични средства без да се реши ова прашање“. Полска очекува 20 милијарди евра од Фондот за обнова по пандемијата. Прашањето е како Брисел може да го контролира наменското трошење на овие пари, додека во Полска има само судови лојални на владата.

И во самата Полска е спорен курсот на владата (фото: проевропски демонстрации во Варшава)

И во самата Полска е спорен курсот на владата (фото: проевропски демонстрации во Варшава)

Белгискиот премиер Александар де Крој, исто така, ја предупредува Полска дека мора да ги почитува правилата на клубот чиј член е. Ирскиот премиер Михал Мартин е разочаран од продлабочувањето на спорот со Полска и се надева на решение.

Франција, пак, како втора најсилна земја во Унијата, засега дејствува воздржано. Пред самитот, францускиот претседател Емануел Макрон разговараше со својот полски колега во четири очи, барајќи решение во согласност со европските принципи. Тој не сака целосно да влезе во кавга со Полска, бидејќи Франција во јануари го преземa претседавањето со Унијата.

Неединство и во енергетската и во климатската политика

Матеуш Моравјецки реши да им го расипе расположението на сите до крајот, кога на самитот го доведе во прашање европскиот пакет за борба против климатските промени. Тој рече дека тоа ќе им нанесе дополнителен товар на потрошувачите со оглед на растечките цени на енергенсите. Полска продолжува интензивно да користи јаглен и своето бавно откажување од тој енергенс го наплатува со големи суми од Брисел. Можно е и Полска да сака да го отпакува тој пакет.

Високите цени на бензинот и гасот преставуваат сѐ поголем проблем за многу Европејци

Високите цени на бензинот и гасот преставуваат сѐ поголем проблем за многу Европејци

Генерално, земјите-членки сакаат да ги заштитат своите граѓани од наглото зголемување на цените на енергијата, но ЕУ предлага тоа да се направи преку социјална помош како во Шпанија и во Франција. Подалекусежни предлози, како оној што дојде од Шпанија, ЕУ да купува енергија во име на сите земји и да ја складира централно, наиде на одобрување на југот на ЕУ, но беше отфрлен, на пример од Германија. Додека Берлин е релативно добро обезбеден со долгорочни договори за испорака, другите страдаат од драстичниот раст на цените.

Но, тоа се нормални разлики во ставовите во Европската Унија кои можат да се надминат. Додуша, енергетската политика е во надлежност на земјите членки, но со засилена соработка во таа област, земјите би имале подобра преговарачка позиција наспроти Русија.