ЕУ- самит: Вакцинирањето е најголем приоритет | Свет | DW | 26.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

ЕУ- самит: Вакцинирањето е најголем приоритет

Вакцинирањето во ЕУ треба да се забрза, а капацитетите на производителите да се зголемат, заклучија шефовите на држави или влади од ЕУ. На вонредниот самит стана збор и за воведување европски ковид-пасоши за вакцинирани

Европската унија сака финансиски да го поддржи прилагодувањето на вакцините кон мутираните вируси, а процедурата за давање дозвола за вакцините ќе се забрза. „Тоа има апсолутен приоритет“, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Побрзиот пристап кон поголема количина на вакцини е решавачки за да ги заштитиме луѓето и да се вратиме кон нормален живот“, истакна белгискиот премиер Александер де Кро.

Во седум земји од ЕУ расте бројот на заразени и покрај острите антипандемиски мерки, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Во останатите 20 земји бројот на новоинфицирани стагнира или опаѓа. Германската канцеларка Ангела Меркел поради присуството на исклучително заразните варијанти на коронавирусот веќе рече дека во Германија е во тек трет бран.

Шефовите на држави или влади на видео-конференцијата ги одобрија мерките предложени од ЕК заради подобрување на снабдувањето со вакцини. ЕУ ја поддржува изградбата на нова фабрика за  вакцини во германскиот град Марбург, со годишно производство од една милијарда дози. ЕК сака да ја концентрира борбата против пандемијата во новата институација за „здравствени вонредни ситуации“, која ќе се вика Хера.

Земјите-членки на ЕУ повторно ветија поинтензивна потрага по нови варијанти на вирусот заради наремено откривање на опасни мутации.

Повеќе на темата:

ЕУ-самит за побрза вакцинација и ковид-пасоши

Кавга околу контролите на внатрешните граници во ЕУ

Вакцинација: ЕУ ја прилагодува својата стратегија кон корона-мутациите

Паралелно со овој виртуелен самит на шефовите на држави или влади на ЕУ, во Брисел во Европскиот парламент беа шефовите на шесте концерни кои ја снабдуваат ЕУ со вакцини. Тие ветија дека ќе направат сѐ за што поскоро испорачување на вакцини и дека ќе соработуваат во прилагодувањето на вакцините кон мутираните вируси.

Гледај видео 02:17

Како германски фирми профитираат од корона-вакцинацијата

„Вакцинален пасош“ во догледно време

Шефовите на држави или влади од земјите припаднички на ЕУ принципиелно се согласија за воведување единствен „пасош“, потврда за вакцинирање, кој на лицата кои го поседуваат би им овозможил посета на некои културни или спортски манифестации, како и патување. Германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека уште не е донесена политичка одлука за конкретното значење на тој документ. „Јас не сум програмерка“, одговори германската канцеларка на конференцијата за медиуми во Берлин на прашањето на новинарот на Дојче веле дали електронскиот вакцинален пасош ќе биде готов до летниот распуст. „Во догледно време“ е единствена временска одредница која канцеларката беше спремна да ја наведе. Меркел додаде дека самиот развој на национални документи за вакцинација кои потоа би се преточиле во еден европски, ќе трае со месеци.

Повеќе на темата:

Вакцинирани- и што потоа?

Коронавирус: ЕК поддржува сертификати за вакцинираните

Најголем заговорник на ова решение е австрискиот канцелар Себастијан Курц, а сесрдно го поддржуваа колегите од Грција, Кипар и Шпанија. Курц во пресрет на самитот изјави дека за вакцинираните и лицата кои прележале Ковид-19, треба да се воведе „зелен пасош“ и на тој начин да се овозможи „дел слободи“ и „регулиран пат за враќање во нормален живот ширум Европа.“

Патување со тестови

Ангела Меркел додаде дека тоа не значи дека само вакцинираните лица ќе смеат да патуваат, граничниот сообраќај во Европа може да биде олеснет, но евентуално ќе се бараат потврди за тестирање.

Во основа, на членките на ЕУ им се препушта начинот на кој би го користеле сертификатот за вакцинирање. „Вакциналниот пасош е политички неутрален“, изјави претседатлката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Претседателот на најголемата партиска пратеничка група во Еропскиот парламент, Манфред Вебер бара итно реагирање, според него, би било рамно на „бирократски кошмар“ ако на вакцинираните луѓе накнадно им се доделува ковид-пасош со кој се потврдува вакцинацијата.

Вакцини за Африка

Францускиот претседател Емануел Макрон го повтори предлогот ЕУ да издвои пет проценти од купените вакцини како донација за сиромашните земји од Африка. Германската канцеларка Ангела Меркел ја поздрави иницијативата, но не наведе термин за евентуален почеток. 

Преку системот за рамномерна распределба на вакцини, Ковакс првите дози вакцини се испратени во Гана и Брегот на Слоновата Коска. „Ова е глобална пандемија, сите мора да бидат вакцинирани. Никој не е сигурен, ако не сме сите сигурни“, вели претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Подрачја каде се шират мутациите"

Ангела Меркел нагласи дека нема да има затворање на границата кон Франција, иако Франција воведе забрана за излез од земјата и поинтензивно тестирање на границата кон Германија. Но, малограничниот патнички и товарен сообраќај нема да се ограничува. Граничните контроли кон „мутациски области“ како Тирол и кон Чешка остануваат во сила. Меркел изјави: „Во одредени случаи сме принудени да воведеме некои ограничувања."

Европската комисија ги критикуваше пограничните контроли од страна на Германија и пет други земји како „несразмерни“ и како „пречка за внатрешниот пазар.“