Гостинот од Америка ќе биде ѕвезда на самитот на ЕУ | Свет | DW | 25.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Гостинот од Америка ќе биде ѕвезда на самитот на ЕУ

Американскиот претседател Бајден сака обновување на трансатлантските релации и преку видео-врска ќе се вклучи на самитот на ЕУ. Сепак, главна тема на самитот останува пандемијата, односно вакцините.

Ѕвезда на видео-самитот овој четврток ќе биде човекот кого многу политичари од ЕУ го паметат уште од времето кога беше втор човек во администрацијата на американскиот претседател Барак Обама. Џо Бајден, сега и самиот претседател, околу 20:45 ќе се вклучи од Вашингтон за да се обрати на темата - меѓународна соработка со ЕУ наспроти Кина и Русија.

Домаќинот на Самитот, претседателот на Европскиот совет, Жан Мишел, вели дека е многу среќен што Бајден ја прифатил поканата. Изгледа дека истите чувства ги делат и повеќето претседатели и премиери од Унијата. Канцеларката Меркел не мисли дека претседателот на САД ќе се осврне на темата „Северен тек” и гасоводот од Русија до Германија. Меркел и покрај жестоката критика од Европа држи до плановите. Затоа, можниот спор околу тоа прашање се минимизира од страна на претставници на германската влада во пресрет на самитот. Од ЕУ во Брисел велат дека се радуваат на „заживувањето на трансатлантските врски”. Околу тоа уште во текот на неделата разговараа претседателската на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и американскиот министер за надворешна политика Ентони Блинкен. Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој сметаше дека ЕУ е излишна, никогаш немаше добиено покана за учество на самит на ЕУ. Таквата чест ја имаа неговите претходници Барак Обама и Џорџ В. Буш.

Недостиг од вакцини

Не е предвиден долг разговор со Џо Бајден. Можеби учесниците на самитот ќе го прашаат дали САД би можеле да испорачуваат вакцини и во Европа. Снабдувањето со вакцини е всушност горливата тема на самитот, кој поради растечкиот број на заразени во речиси цела Европа може да се одржи само во формат на видео-конференција.

EU-Sondergipfel

Поради зголемувањето на бројот на инфицирани од коронавирус, самитот ќе се одржи во видео-формат

САД, кои досега речиси и не извезуваа вакцини, изгледа дека веќе во мај ќе бидат готови со вакцинација на цело население. Потоа би требало да биде можен извоз. Во ЕУ пак вакцинацијата и натаму се одвива пребавно, се жалат многумина од претседателите и премиерите. Тоа пред сѐ се должело на неисполнувањето на договорните обврски од страна на компанијата АстраЗенека, тврди Европската комисија. За да ги задржат дозите кои се произведуваат во ЕУ во сопствените граници се размислува за воведување построга процедура за одобрување на извоз. Па, така, и извозот во Велика Британија, која е најголем увозник од ЕУ, треба да биде забранет. Сепак, некои земји членки се скептични. Германските власти истакнаа дека не треба да бидат казнувани компании како Бионтек/Фајзер кои си ги исполнуваат договорните обврски. Шведска и Холандија исто така имаат задршки. Прашања ќе има и за италијанскиот премиер Марио Драги, со оглед на тоа дека во италијанската фабрика на АстраЗенека биле пронајдени 29 милиони дози од вакцината, евентуално наменети за извоз.

Кавга околу распределбата во ЕУ

Заради растечкиот број инфекции со варијанти на коронавирусот, членките на ЕУ се залагаат за „вакцинирање, вакцинирање и вакцинирање”, како што тоа го формулираше Меркел. Изненадувачкото откажување од локдаунот за време на Велигден од страна на Меркел кај некои од колегите отвори многу прашања. Белгија и Франција штотуку усвоија нови ограничувања за време на празниците. Австрискиот канцелар Себастијан Курц по секоја цена сака разговара за, како што вели, нерамноправната распределба на вакцини меѓу 27-те земји членки. Австрија и Естонија, Летонија, Хрватска и Бугарија го критикуваат системот преку кој дозите кои овие земји првично не ги нарачале биле откупени и искористени во други земји членки. Распределбата навистина е нерамномерна. Малта веќе има вакцини за 33 проценти од населението. Бугарија пак само за шест проценти. Германски дипломати брифираат дека имало подготвеност да се разговара за друг систем на распределба, иако самите членки се виновни што не прифатиле во даден момент понудени дози. Такви дупки, се објаснува, настанале исто така поради неиспорачувањето на АстраЗенека. Од 130 милиони ветени дози за првиот квартал, досега се испорачани само мал дел.

Deutschland | EU-Gipfel | PK Bundeskanzlerin Angela Merkel

Изненадувачкото откажување на Меркел од одлуката за „денови на мирување“ за Велигден, кај некои од европските колеги отвори многу прашања

Турција: позитивна основа?

Покрај короната и темата Турција е на агендата на самитот. ЕУ сака да ги подобри релациите со земјата, и покрај многуте провокации од Анкара.

Ситуацијата во источниот дел од Средоземно Море, каде Турција, Грција и Кипар имаат спор околу наоѓалиштата на природен гас, во последно време е смирена, се вели во извештај на министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата. Планирано е со Турција да се воспостави „позитивна” агенда. Но, во Турција има серија повреди на човековите права и правната држава кои всушност би требало да бидат санкционирани.

Таков став не застапуваат исклучиво организациите за заштита на човековите права, туку и неколку земји членки на ЕУ. Германија се залага за внимателно приближување кон Турција. Конечно, треба да се постигне продолжување на „Договорот за бегалците” од 2015 со претседателот Реџеп Таип Ердоган. Турција прифаќа лица на кои во Грција им е одбиено барањето на азил, а за возврат може да праќа бегалци од Сирија во ЕУ. Таквиот договор во моментов е на „стендбај”. ЕУ би можела да прифати да го намами Ердоган со повеќе финансиски средства за бегалците и со преговори за ширење на царинската унија. Од ветените шест милијарди евра за Турција, досега се исплатени четири.

Само краток осврт на самитот ќе има во однос на релациите со Русија, кои според зборовите на специјалниот посланик на ЕУ, Жозеп Борел, се „на дното”. Вистински план за Русија, која ЕУ веќе не сака да ја прифати како партнер, треба да се кове дури на следната средба со физичко присуство на претседателите на држави или влади на ЕУ. Можеби кон крајот на јуни, ако дотогаш вакцинацијата донесе пресврт во пандемијата. Тогаш, според плановите, во Брисел треба лично да дојде и американскиот претседател Џо Бајден за да учествува на самит на НАТО.