ЕУ-расправија за врвните позиции | Свет | DW | 29.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

ЕУ-расправија за врвните позиции

По европските избори на ред е пополнување на челните места во ЕУ. Не станува збор само за моќниот претседател на Европската комисија. Парламентот и шефовите на држави или влади треба да „спакуваат“ поголем пакет.

На првиот самит на ЕУ по европските избори не е постигната согласност околу новите раководители. Расправијата веројатно ќе трае неколку недели. 

Ако сѐ се одвива онака како замислува Манфред Вебер, водечкиот кандидат на демохристијаните во Европскиот парламент, тогаш ќе биде сосем едноставно. Тој ја претставува најголемата партеничка група во ЕП и затоа шефовите на држави и влади на вонредниот самит во Брисел треба да го номинираат за функцијата претседател на Европската комисија. Вебер, чија пратеничка група на изборите во неделата се намали за 41 место, на 180 пратеници, знае дека нема сопствено мнозинство во парламентот. Затоа ги повика на соработка сите други пратенички групи, освен десните популисти и левицата. Социјалдемократите, зелените и либералите меѓутоа имаат свои кандидати и претстави за тоа како треба да тече изборот на нов претседател на ЕК.

Колкави се шансите на Вебер?

За многумина шефови на држави или влади равенката на Вебер е премногу проста. Прво: тие не сакаат да им биде одземено правото на предлагање за најважната функција во Брисел од страна на парламентот; второ: и натаму имаат задршки во поглед на личната способност на германскиот кандидат и трето: треба да се состави целосен пакет од пет персонални решенија, за што се нужни компромиси.

Манфред Вебер може во текот на процесот, кој само што почна синоќа, а најверојатно ќе заврши во јуни, да стане жртва на обѕири.

Официјално, конзервативната германска канцеларка Ангела Меркел го поддржува Вебер, но од дипломатски кругови се вели дека таа е спремна на компромиси во смисол на „големо европско решение“. Францускиот претседател Емануел Макрон ја одбива логиката според која на раководното место во ЕК може да дојде само водечки кандидат од европската изборна кампања. Тој ја поддржува либералната данска еврокомесарка Маргрете Вестагер. Партијата на Макрон, „Република во движење“, која во Франција е на второ место зад десничарските популисти, во ЕП соработува со либералите, кон кои припаѓа Вестагер.

Deutschland Balkan-Treffen in Berlin | Merkel und Macron (picture-alliance/dpa/M. Kappeler)

Ангела Меркел и Емануел Макрон ги влечат конците од заднина

Пред вонредниот самит беа одржани цела редица подготвителни, координирачки и сондирачки состаноци. Макрон дури комуницираше и со Вишеградската група, евроскептиците од Полска, Унгарија, Словачка и Чешка.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан декларативно пропагира „либерална демократија“, значи спротивно на она што сака Макрон, но Орбан не се согласува со избор на Манфред Вебер за шеф на ЕК и за Французинот доаѓа предвид како вид сојузник.

Пет раководни позиции

Покрај шефовската фотелја на Европската комисија, треба да се распределат и функциите претседател на Европската централна банка, претседател на Европскиот совет, претставник на ЕУ за надворешна политика и претседател на ЕП. За распределбата на петте водечки места треба да се постигне извесен баланс меѓу големите и малите држави од ЕУ, меѓу сиромашните и богатите и да се имаат  во превид партиските семејства.

Кругот на 28 шефови на држави или влади е исто толку  расцепкан како и пратеничките групи во ЕП. Конзервативните и либералните шефови на влади се во мнозинство, но некои не се сосем вистински во можност даимаат одврзани раце. Австрија има привремена влада. Белгија по националните избори од неделата е без федерална влада. Во Шпанија, Фиска и Естонија се во тек коалициони преговори. Велика Британија поради Брегзит секако е специјален случај. Никој не знае што сака всушност популистичката влада во Италија. Италија досега имаше три важни челни места: претседател на Европската централна банка, ЕУ- министер за надворешни работи и претседател на ЕП. Дали Рим сега би се воздржал од свои кандидати?

Повеќе:

Судир на Меркел и Макрон околу идниот претседател на ЕК

Револуцијата изостана

Големите партии во Европскиот парламент претрпеа загуби

Во почетната фаза не се очекуваше соопштување конкретни имиња. Претседателот на Европскиот совет на заминување, Доналд Туск доби задача да посредува и да направи предлог за персоналниот пакет. Неофицијално досега во Брисел за прв човек на Европската централна банка се споменуваше Германецот Јенс Вајдман, но тогаш Французите би пледирале на функцијата претседател на ЕК, според една теорија. „Или спротивно?“, се прашува ЕУ-експертот и директор на тинк-тенкот Европски политички центар, Јанис Емануилидис. Можни се и тотални изненадувања, имиња кои досега воопшто не биле во оптек.

Најстариот европратеник, Елмар Брок од ЦДУ предупреди да не се врши повторно извлекување на имиња од шешир во задните соби во Брисел. Брок веќе не припаѓа на новиот парламент, се простува со ова предупредување. Но, пресоналните одлуки ретко се носат на јавни места, велат европски дипломати. Водечкиот кандидат на социјалдемократите, Франс Тимерманс, уште во изборната ноќ истакна дека на луѓето им се поважни темите, односно климатските промени, екологијата, миграцијата и стандардот. „Персоналните решенија не се толку важни. На луѓето не им е важно кој ќе се зафати со темите, туку да се работи на темите“, истакна Холанѓанецот.

DW.COM

Реклама