ЕУ под притисок од руската пропаганда | Свет | DW | 13.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕУ под притисок од руската пропаганда

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел ќе дискутираат за европските стратешки комуникации во обид да одговорат на критиките дека ЕУ не успева да одговори на руската пропаганда на Западниот Балкан.

Шефицата на ЕУ-дипломатијата Федерика Могерини е под голем притисок да ја засили битката против руската пропаганда во Европа. Притисокот доаѓа од безбедносните експерти, претставници на транс-атлантските тинк-тенк организации, како и од некои претставници на ЕУ и на земји-членки. Тие предупредуваат на постојаните обиди на Русија да го дискредитира Западот како експанзионистички, но слаб и необединет во исто време. Советот за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел ќе дискутира за натамошните чекори во неколку европски региони, меѓу нив и Западниот Балкан. Откако во 2015 година доби мандат да се спротивстави на „руската кампања на дезинформации“, Европскиот сервис за надворешна акција (ЕЕАС) разви работна група за стратешка комуникација (СтратКом), која во меѓувреме беше и засилена. Од пролетта оваа година, СтраКом Западен Балкан исто така стана оперативен.

Промоција на ЕУ

„Тимот за Западен Балкан во СтратКом работи на промоција на ЕУ, нејзините политики и вредности во регионот, и на зголемување на јавната свест за поддршката за Западниот Балкан и за луѓето кои живеат во него“, вели Маја Коцијанчич, портпаролка на еврокомесарката Могерини. Тимот во моментов се состои од само две лица и тесно соработува со источниот оддел на СтратКом, групата која има за цел да ги идентификува, анализира и алармира за дезинформациите од Кремљ. Со оглед на фактот што СтратКом Исток брои тим од само 14 луѓе, многумина во ЕУ се прашуваат дали е тоа доволно за спротивставување на долгогодишното руско влијание на повеќе нивоа во различни делови на Европа, вклучително и на Западниот Балкан. Русија има традиционални историски врски и гео-стратешки интереси на Балтикот, во Источна Европа и на Балканот.

Luxemburg Treffen der EU-Außenminister (Getty Images/AFP/J. Thys)

Федерика Могерини е под засилен притисок да и се спротивстави на руската пропаганда

„Русија има традиционални, повеќевековни врски и интереси во регионот, исто како и Турција, и некои други земји. Од перспектива на ЕУ, сметам дека ние имаме најдобри инструменти на Балканот, најдобри средства, најдобри политики и најдобар начин да ги реализираме. Ние не сме присутни таму за да им се мешаме на другите. Ние сме таму затоа што сметаме дека е важно за луѓето кои живеат во регионот и за ЕУ да работат заедно на мир и напредок“, вели Ангелина Ајнхорст, директор за Западен Балкан во ЕЕАС.

Засилување на стратешката комуникација

На средината на октомври минатата година, шефовите на дипломатии на осум земји-членки на ЕУ, меѓу нив Хрватска, Чешка, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Шведска и Велика Британија во писмо до Могерини изразија загриженост поради „се пософистицираното и интензивно“ ширење дезинформации и пропаганда од страна на „надворешни актери“ чија главна цел е да „предизвикаат недоверба и незадоволство со демократскиот поредок и да ја дискредитираат ЕУ, партнерите на ЕУ како и да го ослабнат единството на ЕУ“. Тие побараа зајакнување на одделението за стратешка комуникација на ЕУ, вклучително и делот за Западен Балкан. Последниот апел дојде од 65 европски безбедносни експерти и парламентарци од 21 земја кои потпишаа декларација во која отворено ја обвинуваат Могерини дека не презема адекватни контра-мерки и одбива да ја именува Русија „како главен извор на непријателски дезинформации“ во Европа. Засега, од ЕЕАС велат дека очекуваат поголем ангажман и поголема кадровска и финансиска помош од земјите-членки кои и самите бараат зајакнување на стратешките комуникации на ЕУ. Според последните достапни информации во Брисел, СтратКом Исток, на глобално ниво, открил 3.500 случаи на дезинформации во две години, кои потоа редовно се објавуваат на интернет-страницата https://euvsdisinfo.eu/ и на твитер профилот @EUMythbuster, кој досега собра повеќе од 31 илјада следбеници.

DW.COM

Реклама