ЕУ повторно ја одложи одлуката за санкции против Русија | Европа | DW | 25.07.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

ЕУ повторно ја одложи одлуката за санкции против Русија

Патиштата кон европските санкции против Русија се долги и комплицирани. Повеќе пати беше најавена одлука, и исто толку пати беше одложена. ЕУ ќе продолжи да преговара, барем уште една недела

Компликуваниот процес во ЕУ во однос на заострувањето на санкциите против Русија е сѐ потежок за објаснување и сфаќање. Дури и портпаролката на европската комесарка за надворешна политика имаше потешкотии тоа да го стори на редовната прес-конференција. Во вторникот Кетрин Ештон недвосмислено најави дека во четврток ќе бидат воведени засилени економски санкции кон Русија. Притоа единствено отворено остана дали за нивното усвојување ќе биде потребен уште еден самит на шефовите на држави и влади. Но портпаролката на Леди Ештон тоа не го разбрала така. Се работи само за натамошни дискусии за евентуални санкции и тие се одржаа во четвртокот. За дефинитивна одлука не станало збор, вели Коцијанчиќ.

Нов рок за Русија

EU Außenministertreffen Krim Referendum 17.03.2014 Ashton

Кетрин Ештон

Заканите од вторникот на адреса на Москва со тоа исчезнаа, или барем беа одложени. „Оваа дискусија ќе продолжи следната недела“, вели Џонатан Тод, портпарол на Европската Комисија. Со други зборови, тоа значи дека амбасадорите на ЕУ, кои дискутираа вчера, ќе дискутираат и следната недела. Дури откако ќе се постигне согласност на сите 28 земји-членки, ќе се зборува за конкретни мерки, но тоа нема да се случи набргу, вели Тод. Дали за тие нови санкции кон Русија ќе биде потребен нов самит на лидерите на ЕУ, ќе треба тие самите да одлучат, дополнува портпаролот. Тоа значи дека до усвојувањето на нови, поостри санкции остануваат најмалку една или две недели, време кое на Русија ќе и овозможи евентуално да го исполни барањето за затворање на границата кон Украина.

Она за што вчера дискутираа амбасадорите се засилени санкции во областа на економијата, пристапот до меѓународните пазари, извозот на енергетска технологија и оружје. Изработена е и нова „црна листа“ од 15 лица на кои им е замрзнат имотот, како и компании кои го нарушуваат суверенитетот на Украина. Земјите-членки на ЕУ сега прават напори да изнајдат начин како рамноправно да се поделат економските штети кои ќе се јават поради санкциите. Извозот на услуги и добра на целата ЕУ кон Русија изнесува околу 120 милијарди евра годишно. На Германија отпаѓаат околу 36 милијарди евра. Според проценките на економските експерти, од трговијата со Русија зависат меѓу 250 и 300 илјади работни места.

Блокиран пристап до финансиските пазари

Само поради во моментов актуелните санкции кон Русија, германската економија бележи штета од 4 милијарди евра, изјави во Брисел шефот на германската индустриска и трговска комора, Фолкер Трајер. Новите санкции во финансискиот сектор потешко ќе ја погодат Русија, смета тој.

Volker Treier

Фолкер Трајер

„Обидот да се оди преку пазарите на капитал и да се сопре приливот на финансиски капитал во руската економија е остварлива опција. Тоа е патот по кој треба да се оди доколку се смета дека санкциите треба да бидат остри и да предизвикаат политичка реакција“, вели Трајер. Тој сепак се сомнева дека економските санкции ќе го натераат руското раководство и претседателот Владимир Путин да попуштат.

Според непотврдени информации, на листата не се само две полудржавни руски банки, туку и бројни кредитни куќи. Ним ќе им биде забрането да тргуваат на европските финансиски пазари. Дали во тој дел ќе бидат опфатени и руските средства кои се складирани на Британските девствени острови (62 милијарди евра) или на Кипар (11 милијарди евра), засега останува отворено.