ЕУ: Обвинувањата на Ердоган се погрешни | Свет | DW | 26.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕУ: Обвинувањата на Ердоган се погрешни

ЕУ на Турција за бегалците ѝ плаќа според договорот, соопшти денеска ЕК. Комисијата ги отфрла обвинувањата на турскиот претседател Ердоган и вели: „Кој тврди поинаку, не е во право“.

Европската Унија на самитот со Турција во март годинава договори во 2016 и 2017 година на Турција да ѝ бидат исплатени три милијарди евра помош за бегалците. Таа помош е дел од договорот за репатријација на бегалците и мигрантите од Грција во Турција. Според наводи на Европската Комисија, веќе се ветени 740 милиони евра за конкретни проекти за помош на бегалците. Со приватни хуманитарни организации и со ОН се склучени договори во вредност од 150 милиони евра. Од тоа, според Комисијата, до средината на јуни се исплатени 105 милиони евра. Портпаролот на ЕК, Маргаритис Шинас, ги отфрли обвинувањата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека ЕУ досега исплатила само еден или два милиона евра. „Тоа не е вистина“, рече Шинас. „ЕУ ги исполнува и натаму своите обврски од договорот со Турција, тоа ја вклучува и помошта за бегалците. Кој тврди нешто друго, не е во право.“

Ердоган: ЕУ не е веродостојна

Турскиот претседател вчеравечер во интервју за германската телевизија АРД се жалеше дека ЕУ не се држи до договореното. „Нашите европски пријатели, владите, не се веродостојни. Во Турција има три милиони бегалци од Сирија и Ирак. ЕУ не си го исполни ветувањето. Досега дадовме 12 милијарди американски долари за бегалците, а не добивме поддршка“, рече Ердоган за АРД.

Margaritis Schinas

Маргаритис Шинас, портпарол на ЕК

ЕК во Брисел денеска уште еднаш укажа дека трите милијарди евра кои се ветени се врзани за конкретни проекти за сместување, храна, образование и интеграција на бегалците. „Овие пари се за бегалците и за општините кои ги примаат. Парите не се предвидени за турската држава“, вели портпаролот на ЕК, Маргаритис Шинас.

До крајот на јули за одредени проекти ќе бидат врзани уште 1,4 милијарди евра, најави Шинас. Тоа значи дека до крајот на летотот, од трите милијарди за помош за бегалците, веќе ќе бидат дадени 2,1 милијарди евра. Со тоа, како што смета ЕК, сѐ е според временскиот план. Додека парите стигнат на лице место ќе мине уште време, признаваат ЕУ-службениците. „Се разбира дека проектите се развиваат според европски буџетски правила. Се проверува каде одат парите и каков ефект имаат“, нагласува портпаролот на ЕК.

DW.COM

Реклама