1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ недоволно ги применува законите за борбата со трговијата со луѓе

АМ/бета18 октомври 2012

Во земјите од ЕУ 880.000 луѓе се жртви на принудна работа, вклучувајќи и принудна сексуална експлоатација, покажуваат проценките на Меѓународната организација на трудот.

https://p.dw.com/p/16RoV
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тоа значи дека на 1.000 жители во ЕУ речиси две лица стануваат жртви на принудна работа, соопшти Европската комисија по повод денешниот Европски ден за борба против трговијата со луѓе. Кривичното гонење на одговорните за трговија со луѓе и натаму е на ниско ниво, оцени Европската комисија. Најновите податоци покажуваат дека бројот на осудени за трговија со луѓе во 2010-та година бил помал отколку во 2008-ма година, соопшти Комисијата. Таа забележува дека во Европа постојат закони и соодветни мерки за борба против трговијата со луѓе, но дека сега вниманието треба да се насочи кон нивна примена.

Prostituierte Symbolbild
Голем дел од лицата жртви на тговија се принудени на проституцијаФотографија: AFP/Getty Images

„Мораме законите да ги претвориме во реалност. Имаме обврска – морална и правна, да делуваме и тоа мораме да го направиме во соработка со меѓународните организации, трети земји, невладини организации, приватниот сектор и со сите останати релевантни актери во и надвор од ЕУ. За да ја искорениме трговијата со луѓе мораме да делуваме заедно“, истакна еврокомесарката Сесилија Малмстром.

Резултатите од најновото истражување на Евробарометар покажуваат дека 93 проценти од Европејците сметаат дека членките на ЕУ треба да соработуваат во борбата против трговијата со луѓето. Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе се одбележува од 2007-ма година.