ЕУ мора да ја штити цела Шпанија | Свет | DW | 30.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕУ мора да ја штити цела Шпанија

Дали ЕУ можеше да посредува во конфликтот во Шпанија? Да, доколку тоа ѝ се дозволеше. Сега се работи за иднината. Нема друга алтернатива освен поддршка на владата во Мадрид, оценува Бернд Ригерт.

Со едностраното прогласување независност од страна на Каталонија, во пракса за ЕУ не се менува ништо. Нема да има граница меѓу Шпанија или Франција и Каталонија, нема царини, сообраќајни контроли, ограничување на протокот на стока и капитал. Каталонија, од аспект на ЕУ, останува Шпанија и со тоа - ЕУ-територија. Сите оние кои живеат во Каталонија и натаму го задржуваат „државјанството на Европската Унија“, кое претставува правна гаранција за слободно движење и заштита на основните права во рамките на Унијата. ЕУ во случајот со Каталонија е јасна и недвосмислена како ретко кога досега.

Прогласувањето независност е спротивно на шпанскиот Устав. Разрешената каталонска влада ја загрозува правната држава во Шпанија. Европската Комисија, Европскиот Парламент и сите 28 земји членки на ЕУ одбиваат да ја признаат „Република Каталонија“. Веќе има доволно пукнатини во ЕУ, смета сосема исправно претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер. Со 95 мали држави во ЕУ системот сигурно ќе заглави, знае Јункер, кој и самиот потекнува од една држава-џуџе полна со самодоверба.

ЕУ не беше барана како политички посредник

Сепак, и покрај тоа, често поставуваното прашање - дали ЕУ можеби не мораше порано да посредува политички, не може да се одговори потврдно. Но, фактот што тоа не се случи, не се должи на ЕУ. За да има посредство се потребни две страни. Шпанската централна влада не сакаше дијалог со посредство. ЕУ не може да ја принуди на такво нешто. Јункер и претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, можеби требаше да се нудат за посредство поактивно, но јасниот и цврст став на владата на Рахој не ѝ остави избор на ЕУ.

Riegert Bernd Kommentarbild App

Бернд Ригерт

Интегритетот на ЕУ-членката Шпанија има предност  и според европските договори и според меѓународното право. Правото на каталонскиот регион на независност не може да се исконструира од меѓународното право. Правото на самоопределување не вклучува право на отцепување спротивно на волјата на државата. 

Според ЕУ, во Каталонија не може да стане збор за експлоатација или огромни повреди на човекови права. Шпанија е функционална демократија. Тоа што токму застапниците на Брегзит и другите националистички сили во Европа ѝ префрлаат на ЕУ дека не им помогнала на Каталонците е апсурдно. Зарем не велеа секогаш дека ЕУ се меша насекаде, дека Брисел диктира? И, сега, иако воопшто не е надлежен и нема право, Брисел би требало да се меша? И споредбата со Полска или Унгарија не е на место. Таму ЕУ ја проверува состојбата на правната држава. Во Полска или Унгарија не се работи за сепаратизам или сецесија, туку за повреди на основните принципи на поделба на власта.

Поглед нанапред: Овозможување мирни избори

Вицепретседателот на ЕК, Франс Тимерманс, оправда употреба на соодветна сила на шпанската држава против акциите на сепаратистите. Во наредните недели шпанската влада ќе мора да одредува од око што е соодветно како реакција на евентуален отпор на управувањето на Мадрид со институциите во Каталонија. Сликите на полициско насилство, како на одржувањето на нелегалниот референдум на 1 октомври, би им оделе во прилог само на лидерите во регионот. ЕУ ќе треба, колку што е тоа можно, да влијае смирувачки на страните во конфликтот, за пред Божик да се одржат фер регионални избори во Каталонија. ЕУ ќе треба да настојува на активна улога и во разговорите за функционален статут за автономија кои потоа би следувале, како и во процесот на помирување во длабоко поделениот регион.

Тоа би било од најголем интерес на сите граѓани на Унијата, зашто никој не може да си дозволи економско слабеење на Шпанија, повторно должничка и финансиска криза, како и загрозување на еврото кое би било резултат на кризата околу Каталонија.

Забелешката на белгискиот државен секретар за миграција, Тео Франкен, дека разрешениот каталонски претседател можеби би можел да добие азил во Белгија, треба да се третира согласно она што е: фламански фолклор на еден десен популист.

DW.COM

Реклама