ЕУ и‘ даде на Москва уште малку време | Европа | DW | 09.09.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

ЕУ и‘ даде на Москва уште малку време

ЕУ го одлага спроведувањето на заoстрените санкции против Русија за неколку дена. Се чека на спроведување на примирјето.

Во петокот (5.09) е постигната согласност за заострување на санкциите, а државите на ЕУ дадоа принципиелна согласност за новиот пакет казнени мерки, соопшти претседателот на Советот на ЕУ Херман ван Ромпој. Но, стапувањето во сила на санкциите нема да биде веднаш, туку се одлага за неколку дена. „Тоа ќе ни даде време за проценка на спроведувањето на договорот за примирје и за мировниот план“, изјави Ван Ромпој вчеравечер (8.09). Зависно од ситуацијата во источна Украина, ЕУ е подготвена да размисли уште еднаш за санкциите. Според наводи на европски дипломати, амбасадорите на ЕУ за ова треба повторно да разговараат утре.

Меркел решителна, Финска се колеба

Германската канцеларка Ангела Меркел на седница на пратеничката група на партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) ја повтори својата позиција дека се неопходни санкции и покрај согласноста за примирје. Русија повеќе пати досега го изневери Западот, рече таа образлагајќи го својот став. Меркел укажа дека во источна Украина се‘ уште има руски борци и руско вооружување Таа укажа на актуелните извештаи, според кои Русија веќе подолго време планирала дестабилизација на Украина и дека руското раководство следи долго смислувана стратегија. Затоа ЕУ би морала да делува решително.

Финскиот премиер Александер Стуб, наспроти тоа, изрази загриженост околу последиците: „Многу сум загрижен околу индиректните последици и руските контрасанкции“, рече тој без да наведува детали. „Невозможно е да се предвиди што следува.“

Претходно, Русија се закани со контрамерки во случај на заострување на санкциите. Можно е да се воведе забрана за прелетување од која ќе бидат погодени западните авиокомпании, изјави рускиот премиер Дмитриј Медведев за рускиот весник „Ведомости“. Според финската телевизија YLE руска забрана за прелетување тешко би ја погодила авиокомпанијата Финер, која прелетува преку руска територија во насока на Азија.

Погодени повеќе економски гранки

Плановите на ЕУ опфаќаат и ограничувања за руски натсап на меѓународниот пазар на капитал. Притоа, нема да бидат погодени само банките, туку и руските претпријатија. Треба да се ограничи и извозот на т.н. Dual-Use стоки во Русија. Притоа станува збор за стоки кои би можеле да се користат и за цивилни и за воени цели.

Според наводи на европски дипломати, трите големи енергетски концерни „Газпром“, „Роснефт“ и „Транснефт“ исто така би биле погодени од санкциите. За трите концерни, кои се главно во сопственост на руската држава, треба да биде ограничен пристапот кон европскиот финансиски пазар. Би требало да се воведат и нови забрани за влез на одредени лица во ЕУ, како и да бидат замрзнати банкарски сметки на некои Руси.

Санкциите ќе стапат во сила со објавувањето во Службениот весник на ЕУ.

Москва најавува асиметричен одговор

Рускиот премиер Медведев објасни како Москва има намера да реагира на заострени санкции од ЕУ. Во случај на нови санкции против енергетскиот сектор или други рестрикции против рускиот финансиски сектор, Русија би морала да одговори „асиметрично“, рече Медведев. Тој како можна мерка експлицитно ја наведе забраната за прелетување преку руска територија. „Ако западните компании мора да го заобиколуваат нашиот воздушен простор, тоа ќе доведе до банкрот на многу авиокомпании кои веќе сега се борат за опстанок“, рече премиерот.

Експертите очекуваат загуби на двете страни доколку дојде до забрана за прелет. Русите со тоа исто така би ги загубиле парите кои ги добиваат од таксата за прелетување која ја издаваат на странските авиокомпании, а освен тоа и Европа, од своја страна, би можела да контрира со своја забрана за руските авиони.