ЕУ и бегалците: На повидок нова кавга | Свет | DW | 23.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

ЕУ и бегалците: На повидок нова кавга

Европската комисија се откажа од идејата за распределба на баратели на азил во сите членки на ЕУ. Затоа, прашање не е само како ќе изгледа новата заедничката европска политика за бегалци, туку дали воопшто ќе ја има.

Европската комисија денеска (23.09.) презентира предлози за реформа на законот за азил и дистрибуција на бегалци во рамките на Европската унија. Дали е дежа ви? Бидејќи Комисијата веќе залудно предлагаше решенија и во 2015 и 2016 година среде бегалската криза. Договор нема до денес.

Во бриселските ходници,  велат дека пожарот што го зафати ужасниот бегалски камп Морија на Лезбос, и остави илјадници мигранти во уште поголем очај, даде нов поттик за дебатата за заедничката европска политика.

Едно е јасно, а тоа го потврди и шефицата на Комисијата, Урсула фон дер Лајен: Даблинскиот систем треба да се замени со нешто ново. Даблинските правила и онака со години практично не беа во сила. А тие велат дека барателот на азил мора да бара азил исклучиво во земјата на ЕУ во која влегол најпрво. Такви се, по правило, медитеранските земји како Грција, Италија, Малта, Шпанија, а во помала мерка и Бугарија и Романија. Но, ниту овие земји беа подготвени за милиони новодојденци, ниту пак бегалците сакаа да бараат азил таму.

Се верува дека предлогот на Брисел за ново решение нема да вклучува одредба според која сите членки на ЕУ ќе бидат обврзани да прифатат одреден број бегалци или баратели на азил. Бидејќи, поради таквата одредба, некои земји, како што се Унгарија или Полска, сигурно би го блокирале целиот договор. 

Виена ги предводи противниците

Токму расправата за 12.000 мигранти на Лезбос покажува колку е болно ова прашање во рамките на ЕУ. Германија ќе прифати дел, вкупно 1.500 луѓе, но не само од Лезбос, туку од сите грчки острови, претежно семејства на кои Грците веќе им признаваат дека имаат право на заштита. Покрај тоа, Германија ќе прими уште 150 малолетни лица без придружба.

Повеќе:

-Морија не смее да продолжи да постои

-Германија сака да прифати 1500 бегалци од Грција

-Лезбос и бегалците: Европа во хаос кој самата си го создаде

Франција ќе прими до 150 малолетници, а Холандија ќе прифати сто малолетни лица или членови на семејството. Но, владата во Хаг сака да ги спореди тие бројки со контингентот што го предвидуваат ОН, па освен нив, не сака дополнителни баратели на азил. Финска ќе одобри влез на точно дванаесет малолетни лица.

Сите други молчат. Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер како да зборуваше во име на повеќето земји на ЕУ кога рече дека приемот на луѓе од Морија е „сосема погрешен сигнал“ и оти „не смееме да им се попушти на насилните мигранти“.

Постојат индиции дека самите мигранти го запалиле кампот за да не останат во мизерните услови, туку да бидат префрлени на грчкото копно и понатаму кон Западна Европа. Пожари имаше и во другите кампови. Во обид да ги спречи овие наводни намери, Австрија испрати 55 тони помош за изградба на нов камп на Лезбос.

Ниту граѓаните не се премногу расположени

За овој проблем ретко се дискутира генерално низ цела ЕУ. Тоа најмногу се прави во Германија, каде опозициските партии претежно бараат повеќе бегалци, а за време на викендот имаше демонстрации каде истото се бараше и од официјален Берлин. Во Шведска, група научници ја повикаа владата да прими определен број луѓе, што Стокхолм го одби.

За ова не се дискутира на друго место. Унгарија, Полска и Чешка во принцип одбиваат да прифатат бегалци од Грција или Италија, и покрај пресудите на Европскиот суд.

Студија на Европската комисија во февруари покажа дека, врз основа на анкети на јавното мислење и изборни резултати, голем број граѓани на ЕУ избираат партии кои се противат на таквата имиграција. Најгомногу процентуално ги има во Унгарија и во Италија (60 проценти), а најјмалку во Португалија и во Романија (околу 20 проценти). Германија е некаде на средина со 40 проценти.

Азилантите пристигнуваат и како „туристи“

Според европската гранична служба Фронтекс, во минатата година се поднесени 720.000 барања за азил ширум  ЕУ, што е далеку повеќе од 142.000 „нерегуларни“ влезови во ЕУ, колку што преброја Фронтекс. Разликата во бројките значи дека многу баратели на азил влегуваат незабележано. Или со редовна туристичка виза. Една анкета, на пример, покажа дека дури 40 проценти од барателите на азил во Германија пристигнуваат со авион.

Најмногу барања за азил во минатата година  се поднесени во Германија (165.000), потоа во Шпанија, Франција и во Грција. Во овие четири земји се поднесени две третини од сите барања за азил, иако според бројот на населението, малите островски држави Кипар и Малта се најоптоварени. Наспроти тоа, во минатата година во Унгарија беа поднесени само 500 барања за азил.

Маршрутите по кои претежно доаѓаат мигрантите и местата каде тие всушност бараат азил покажуваат дека не се применуваат Даблинските правила. Ова го посочи и германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер. Тој се спротивстави на приемот на луѓе од грчките острови, но тој мораше да попушти пред канцеларката Ангела Меркел и мнозинството во владата.

Реформа во три фази

Европскиот комесар за миграција Маргаритис Шинас веќе навести во која насока може да оди новата конструкција на европската политика за бегалци. Прво, да се мотивираат транзитните земји како Турција, Либија, Тунис и Мароко да задржат повеќе мигранти. Второ, да се затворат надворешните граници на ЕУ на море и проверката на тоа дали некој има право на азил да се извршува на границите. Трето, да се воведе „задолжителна солидарност“ меѓу членките на ЕУ во бегалската политика.

Нејасно е каква би била таа „задолжителна солидарност“, но сигурно нема да биде цврста квота за распределба на барателите на азил. „Ја научивме лекцијата дека одредени членки на ЕУ не веруваат во системот за азил. Тие не сакаат да понудат заштита на бегалците “, рече Кетрин Вулард, генерален секретар на Европскиот совет за бегалци, кој обединува над стотина невладини организации од цела Европа.

„Ова значи дека механизмот за распределба (на барателите на азил) прво мора да се заснова на коалиција на волни“, додаде Вулард.

„Коалиција на волни“ - тоа значи дека земјите кои во принцип сакаат да примат баратели на азил,  да се грижат за нив и да ги разгледуваат нивните случаи, мора да се договорат меѓу себе. Прашањето е, сепак, колку такви земји ќе се најдат воопшто и дали и овој обид на Европската комисија ќе пропадне.

 

Реклама