ЕУ земјите подготвени да ја прифатат само Северна Македонија | Северна Македонија | DW | 18.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ЕУ земјите подготвени да ја прифатат само Северна Македонија

Медиумите на германски јазик предвидуваат неизвесен исход на денешниот состанок на шефовите на дипломатии на земјите-членки на ЕУ во однос на датумот за преговори за С. Македонија и Албанија

„Зелено светло за Северна Македонија, црвено за Албанија?“- под овој наслов порталот Еурактив на германски јазик објавува широка анализа во пресрет на денешната одлука на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.
Порталот проценува дека денеска секако нема да биде донесена конечна одлука за отворање на преговорите со двете земји, затоа што се чека гласањето на Бундестагот во Германија. Но, европски дипломати велат дека постои консензус „да се даде зелено светло за Северна Македонија, додека Албанија се бори за согласност од 28-те земји“.

„Еден дипломат вели дека особено Италија инсистира на тоа двете земји да ги почнат заедно преговорите со ЕУ.
Но одвојувањето на двете земји се чини се поверојатно, затоа што евроскептиците- во прв ред Германија и Холандија- се чинат подготвени да одобрат почеток на преговорите со С. Македонија“, пишува Еурактив.

„Единствено Франција, голем противник на натамошното проширување на Балканот, досега нема конечна позиција. Еден француски дипломат вели дека сака уште малку да размисли дали неговата земја ќе ја следи позицијата на Холандија кон С. Македонија. Што се однесува до Албанија, таквата одлука би била прерана“, објаснува дипломатот.

Холандскиот парламент минатата недела и одобри на владата да прифати почеток на преговорите со Скопје, но не и со Тирана.  

„Друг дипломат објаснува дека сега Парис и Европската Комисија го држат клучот за С. Македонија во рака. На крајот тие ќе одлучат дали кандидатурите на двете земји ќе бидат одвоени. Еден службеник на ЕУ вели дека Комисијата не сака да го стори тоа, па таквата одлука ќе мора да ја донесат земјите членки“.

Германскиот весник Ханделсблат, пак, утрово објавува изјава од еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во која тој вели дека Северна Македонија е тест за ЕУ, без притоа да ја спомене Албанија.

„Македонскиот премиер Зоран Заев може да смета на поддршката на австрискиот комесар Јоханес Хан кој сака да и го отвори патот на балканската земја кон ЕУ.
„Северна Македонија и проширувањето на ЕУ на Балканот се тест за Европа, дали е подготвена да извезува стабилност“, вели Хан во изјава за Ханделсблат.

Швајцарскиот Тагесанцајгер, пишува дека евентуалното одложувањето на преговорите ќе биде „особено горчливо за Северна Македонија“.
„Земјата е рекордер. Уште од 2005 година земјата има статус на кандидат и чека да добие датум за почеток на преговорите, откако со години беше блокирана поради нерешениот спор за името со Грција.
(...) Притоа договорот меѓу владите во Скопје и Атина е една од ретките светли точки во регионот.

(...) Владата во Скопје го протурка компромисот за името и покрај отпорот меѓу граѓаните оправдувајќи го со приближувањето кон ЕУ. Доколку сега ЕУ земјите не си го одржат зборот, национализмот и популизмот можат повторно да се разгорат, предупредува не само премиерот на Северна Македонија“, пишува Тагесанцајгер.

DW.COM

Реклама