ЕУ- Западен Балкан: Ни напред, ни назад | Свет | DW | 09.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

ЕУ- Западен Балкан: Ни напред, ни назад

Сѐ повеќе самити, а сѐ помалку решенија на проблемите. ЕУ и натаму има проблем со Балканот. Дали на регионот да му се овозможи брз влез во ЕУ, или да се остави да чека? Анализа на агенцијата ДПА

Во февруари годинава Европската Комисија ја претстави својата стратегија за земјите од Западниот Балкан. Србија и Црна Гора би можеле да станат членки на ЕУ уште во 2025 година. Во мај следеше самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија. Таму францускиот претседател Франсоа Макрон го пречкрта тој датум: нема влез на нови членки пред да се реформира ЕУ.
Сега започнува нов самит на шесте земји од Западниот Балкан со најважните земји-членки на ЕУ. Домаќин е Велика Британија, која ја напушта ЕУ. Но, Лондон сака да ги окуражи Србија, Црна Гора, Македонија, БиХ, Албанија и Косово.

Притоа, високата меѓународна политика не може туку така да го остави регионот на Југоисточна Европа настрана. Во следните недели таму би можел да се развие нов бегалски бран. Околу 3.000 луѓе се заглавени во Србија. Исто толку во Босна се обидуваат да ја преминат границата кон Хрватска и да продолжат на север кон развиените членки на ЕУ. Во регионот се прават вонредни планови, иако веќе две години границите во регионот се заштитени со огради, полициски и воени сили.

Без напредок

И покрај подарените милијарди евра и евтините кредити, и покрај армијата од дипломати и експерти, регионот во последните години речиси и не направи чекор напред.

USA Washington - Time for Action in the Western Balkans- Amerikanische Institute of Peace (DW/A. Cama)

Регионот со години тапка во место

Поради судирот меѓу муслиманите, Србите и Хрватите, Босна и Херцеговина се смета за речиси неодржлива или за веќе пропадната. Албанија, и покрај сите напори, поради одгледувањето афион станува „европска Колумбија“. Во Црна Гора и Србија, ЕУ со години поддржува т.н. системи на „силни водачи“: претседателите Мило Ѓукановиќ и Александар Вучиќ целосно ги контролираат сите државни, економски и општествените институции. Си прават што сакаат со медиумите и правосудството, велат критичарите.

Во Косово, рекордната невработеност се ублажува од страна на мафијата во соработка со политиката. Само таа може да му понуди излез на младото население- најчесто со криминални активности како шверц на оружје, луѓе или дрога.

На тоа треба да се додаде и повторно засилениот национализам на Балканот, кој се разгорува од контролираните медиуми. Војните од 1991 до 1999 со 130 илјади мртви и стотици илјади раселени очигледно не беа доволна лекција. Кон лепезата проблеми се надоврзуваат уште и широко распространетата корупција и бројните погранични проблеми.

Светла точка

Единствена светла точка: Грција и Македонија пред кусо време најдоа решение за 27 години стариот спор околу името. Во иднина, Северна Македонија ќе треба да помогне да се избегнува мешање со грчката провинција Македонија. Сега Атина ќе ја крене долгогодишната блокада на приближувањето на Скопје кон ЕУ и НАТО.

Bulgarien Alexis Tsipras und Zoran Zaev während des EU-Gipfels (Getty Images/AFP/D. Dilkoff)

Договорот меѓу Македонија и Грција е единствена светла точка на Балканот, пишува ДПА

Но следниот проблем веќе е зад аголот во Босна: поради кавга околу изборната процедура лесно може да се случи по изборите на 7 октомври да не може да се конституира ни парламентот, ниту пак државното претседателство. Таков пример веќе постои: во градот Мостар поради спорот меѓу Хрватите и муслиманите, веќе 10 години немало избори.

Додека ЕУ не може да се усогласи за една среднорочна заедничка стратегија за Балканот, Кина упорно го гради своето влијание во регионот. Изминатиот викенд, премиерот Ли Кечианг на средба со 16 шефови на држави и влади во Софија вети милијарди инвестиции за натамошна изградба на „Новиот пат на свилата“. Расте и влијанието на Русија и Турција. Тие сакаат да ги сопрат плановите на балканските држави за брза евроатлантска интеграција.

 

DW.COM

Реклама