ЕУ во потрага по своја одбранбена политика | Свет | DW | 17.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ЕУ во потрага по своја одбранбена политика

Заедничката политика за одбрана на ЕУ, благодарение на Брегзит и Трамп, би можела да стане реалност. Почетокот треба да го означи фондот за истражување и набавки.

Првата посета на Доналд Трамп во седиштето на НАТО во Брисел се очекуваше со нетрпение. Но, очекуваната поддршка за воениот сојуз изостана. Наместо тоа, американскиот претседател пред медиумите се жалеше дека Европа премалку троши на вооружување. Германската канцеларка Ангела Меркел не чекаше долго за да ја повика Европа да си ја земе судбината во свои раце.

Европската комисија во Брисел сега претстави идеи за заедничка европска одбранбена политика. Целта е да се постигне потесна соработка меѓу членките до 2025-та година. Првиот чекор е формирање Фонд за истражување и набавки. Предлозите наидуваат на плодна почва и со оглед на претстојниот Брегзит.

28 членки, 178 различни системи

„Ако ги погледнеме анкетите, ќе ни стане јасно дека граѓаните на ЕУ сакаат заедничка политика во одбраната“, вели специјалниот претставник на ЕУ за надворешна политика, Федерика Могерини. И, како што тврди европскиот прв дипломат, по истапувањето на Велика Британија од Унијата, преостанатите 27 земји сакале да преземат поголема одговорност и потесно да соработуваат.

Потенцијалот за подобра соработка е голем. Расцепканата политика во одбраната од изминатите децении доведе до неред во истражувањето и набавката на нова опрема. Според ЕК, во 28 земји членки постојат 178 различни системи на вооружување. Голем дел од нив не се компатибилни. 80% од материјалните набавки и 90% од сите инвестиции во одбранбени истражувања се одвиваат на национално ниво.

За подобро усогласена одбранбена политика ЕК разработи три различни сценарија: во минималната варијанта земјите членки треба да се стремат кон поголема соработка без правно да се обврзуваат.

Средниот пат би бил т.н. „поделена безбедност и одбрана“, односно заеднички гранични служби и заедничко справување со кризи.

Третиот предлог предвидува создавање на „Безбедносна и одбранбена унија“, во која армиите и тајните служби ќе соработуваат во најголема можна мера.

Не се заменува НАТО

Judy Dempsey Carnegie Foundation Europe (Carnegie Foundation Europe)

Џуди Демпси

„ЕК со години се обидува подобро да ја координира одбраната во Европа. Притоа постојано наидуваше на отпор од самите членки", вели експертот за одбрана Џуди Демпси во разговор за ДВ. Со планираното истапување на Велика Британија од ЕУ, Унијата губи една од своите најважни воени сили.

Американската влада со Трамп и натаму останува непресметлива во однос на НАТО. „Европските држави се сѐ посвесни дека мора повеќе да се ангажираат околу одбраната", вели Демпси.

„Ниту сакаме да го замениме НАТО ниту да го копираме, или да бидеме конкуренција“, заклучи во Брисел специјалниот претставник на ЕУ за надворешна политика Могерини.

Европарламентарецот од редот на Зелените, Рајнхард Битикофер, принципиелно ги поздравува предлозите на ЕК, но смета дека „не може покрај НАТО да има второ НАТО под името на ЕУ“. Наместо тоа, би требало да се појаснат заедничките цели во одбранбената политика.

Фондови за одбрана се „погрешен пристап

За да анимира потесна соработка, ЕК сака да им стави на членките средства на располагање.  Комисијата планира уште од 2019-та со 500 милиони евра годишно да ги поттикнува соработката во истражувањата и при набавката на нова опрема. Подоцна сумата за заеднички проекти треба да достигне дури една милијарда евра.

Reinhard Bütikofer Bündnis 90 Die Grünen Centrosolar Sonnenstromfabrik in Wismar Besuch (picture-alliance/dpa)

Рајнхард Битикофер

„Фондот за одбрана е погрешен правец“, критикува Битикофер. Наместо да се трошат повеќе пари за одбраната, би требало со ефикасна соработка да се постигнат заштеди на тоа поле. „Погрешен пат е на лобито од воената индустрија да му се овозможи пристап до пари од европскиот буџет“, вели европарламентарецот.

Трите предлози на ЕК засега се само прв чекор. Сега членките мора да одберат заеднички пристап. Кој од предлозите ќе биде прифатен е отворено прашање. За експертот Демпси средниот пат, кој предвидува силна заедничка контрола на границите, е реален.

За европолитичарот од Зелените, Битикофер, реализацијата на предлозите зависи од начинот на кој ќе се води дебатата во наредните месеци: „Ако се задржиме само на тоа дека мора да се зголемат трошоците за вооружување, нема да успее.“ Населението во Европа нема разбирање за евентуално зголемување на издатоците за вооружување на сметка на социјалните услуги, нагласува тој.

 

 

 

DW.COM

Реклама