ЕУ вели „не“ за верска и етничка припадност во личните карти  | Северна Македонија | DW | 19.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ЕУ вели „не“ за верска и етничка припадност во личните карти 

Евроамбасадорот Дејвид Гир  вели дека во август стапува на сила регулатива со која се забранува споделување податоци за расна, етничка, политичка и верска припадност

Дали измените во Законот за лични карти и наведувањето етничка определба се во согласност со европската регулатива? Евроамбасадорот Дејвид Гир е дециден - најавува дека од август стапува на сила регулатива за заштита на лични податоци, со која се забранува споделување лични податоци, како расна, етничка, политичка и верска припадност. Ваквата најава доаѓа само еден ден откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека има сериозна забелешка од амбасадор на наша соседна држава околу предлогот за запишување на националноста во личните карти, без притоа да прецизира за која соседна држава се работи. Тој го повика премиерот Зоран Заев да го достави предлог-законот за тоа до Собранието со европско знаменце.

-повеќе на темата: Етничката припадност се поблиску до влез во личните карти

„Дијалогот е отворен, законските решенија ќе одат во Собранието, тука се амбасадорите на земјите членки и Европската делегација да ни помогнат и сите заедно ќе изнајдеме убаво решение што ќе приличи на мултиетничка Р. С. Македонија“, изјави премиерот Зоран Заев во врска со етничката припадност да се впише во личните карти. Премиерот рече дека ќе ги следат европските препораки и дека за нив впишувањето етничка припадност е прифатливо, бидејќи станува збор за мултиетничка земја.

„Државјанството е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Етничката определба е определба на секој граѓани. Дури и Струмица е повеќе етничка, а не Македонија, сме навистина мултиетничка земја и правото на определба треба да го почитуваме. Во тој дел ќе ги слушаме и европските директиви заради тоа што сакаме да бидеме членка на ЕУ. Може да се изнајде решение на определба за да нема каква била дискриминација или каква било пречка“, вели Заев. 

-повеќе на темата: Пендаровски е против етничката припадност да влезе во личните карти

Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска даде свое видување на прашањето за измените во Законот за лични карти и наведувањето етничка определба. „Во Европската Унија личните карти во моментов сѐ уште се регулирани од страна на земјите членки, но регулативата што ја споменав, кој ги содржи првите правила што се однесуваат на овие документи на ниво на Унијата, ќе стапи во сила во август 2021 година“, рече Гир на заедничката прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши по повод претседавањето на земјава со ЦЕФТА. Тој додава дека усогласувањето на законодавството на земјава со правилата и стандардите на ЕУ е важен процес и оти ЕУ отсекогаш ја охрабрувала Северна Македонија да постигне напредок на ова поле. Тоа би била една од првите работи што би се оценувале при почетокот на преговорите.

-повеќе на темата: Павле Трајанов: Што сакаме - едно општество за сите или етнички гета?

Предлагачи на законот за изменување и дополнување на Законот за лични карти по скратена постапка се четворица пратеници од Беса, кои предлогот го доставија во декември 2020 година. Предлогот е во собраниска процедура, а партиите на Албанците најавија дека ќе го поддржат. Левица се обидува да го блокира неговото донесување со над 1.200 амандмани. ВМРО-ДПМНЕ ја условува поддршката со прифаќање на единствениот амандман што го поднесоа. Партијата бара личните карти да не ја содржат придавката Северна во името на државата.