Етничката припадност се поблиску до влез во личните карти | Северна Македонија | DW | 18.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Етничката припадност се поблиску до влез во личните карти

Премиерот тврди дека со предлогот не се загрозуваат никакви интереси дома и нема задршки од страна на Грција

Вметнувањето графа за етничката припадност во личните карти не е спротивно на Преспанскиот договор ниту, пак, Грција има задршки околу тоа, порача денеска премиерот Зоран Заев. Тој вели дека за да се направат вакви законски измени е даден збор откако тоа го побарала партијата Беса уште во периодот кога се носеа уставните измени. Изјавата на Заев следи откако се појавија повеќе дилеми во јавноста околу можните последици од овие законски измени и во опозицискиот блок, но и во владејачкиот табор.

-повеќе на темата: Пендаровски е против етничката припадност да влезе во личните карти

Вчера и претседателот Стево Пендаровски, изјави дека лично не се согласува етничката припадност да биде во личните карти. Смета дека не постои демократска држава во светот во која постои етничка или религиозна припадност. Заев денеска му одговара - вели дека е добро што понекогаш за одредени аспекти се со различни мислења со претседателот. Но, она што е важно според него, е што Пендаровски најави дека ќе го потпише указот, доколку законот помине во Собрание.. „Сепак, претседателот е прв во државата, ова за мене е вредно. Нормално ќе разговараме за аргументациите“, порача премиерот. 

-повеќе на темата: Павле Трајанов: Што сакаме - едно општество за сите или етнички гета?

Според Заев, државјанството е една карактеристика што стои во документите, а етничката припадност друга и тоа никаде не е забрането.
„Аргументациите ги разгледавме јас и тимот, со сите стручни служби, секако тоа го проверивме уште еднаш низ Преспанскиот договор. Важно е да се почитува до крај државјанството каде што стои ’Македонско/Граѓани на РСМ‘. Етничкиот идентитет е потврден и на Македонците со Преспанскиот договор како што е потврден и македонскиот јазик и апсолутно нема никакви загрозувања на кои било интересите дома и апсолутно нема пречи ниту задршки од страна на пријателска Грција“, вели премиерот. 

Блокада со амандмани

Предлагачи на законот за изменување и дополнување на Законот за лични карти по скратена постапка се четворица пратеници од Беса, кои предлогот го доставија во декември 2020 година. Предлогот е во собраниска процедура, а партиите на Албанците најавија дека ќе го поддржат. Левица се обидува да го блокира неговото донесување со над 1.200 амандмани. ВМРО-ДПМНЕ ја условува поддршката со прифаќање на единствениот амандман што го поднесоа. Партијата бара личните карти да не ја содржат придавката Северна во името на државата.

-повеќе на темата: Лична карта за нови делби

 Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини премиерот Заев дека стои зад амандманите на Левица предизвикувајќи го ако навистина е за етничка припадност во личните карти, законот со европско знаменце да го достави во Собрание. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, порача дека поддржува решение во личните карти да стои и етничката припадност на граѓаните. На новинарско прашање дали има некаква заднина во реакциите од Грција поради користењето на терминот Македонец, Мицкоски вели дека законот е блокиран поради тоа што амбасадор од соседна земја имал сериозна забелешка за него. „Ако навистина Зоран Заев сака тоа да го направи, бидејќи досега брутално 100 пати го прекрши правилото за користење на европското знаменце, еве, зошто тоа не го направи сега и да го достави законот во рамките на Собранието со европското знаменце да можам јас да се идентификувам себеси како Македонец“, вели Мицкоски.

-повеќе на темата: Етничката припадност ќе влезе во личните карти?

Во меѓувреме пристигна и порака од Атина. Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција, Александрос Папајоану изјави дека очекуваат доследно почитување на предвиденото во Договорот од Преспа, што е еден од критериумите кои се однесуваат на пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ. 

Реклама