Естрадна или магнолија политика | Северна Македонија | DW | 15.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Естрадна или магнолија политика

Ситуацијата е извонредна од политичка гледна точка. Архи-непријателите, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, неочекувано се најдоа на истата страна на брегот, а сите други од спротивната. Пишува Љупчо Поповски

Вчера од две различни страни на Европа слушнавме две квалификации за начинот на водење политика, која може да ги сврти гласачите против политичарите и партиите. Едната е од Македонија, другата од Британија. Втората е речиси целосно непозната за македонската јавност, но е добар индикатор каде може да се движи политиката.

Еве ги примерите.

Македонскиот: „Има неколку естрадни политичари во парламентот кои кренаа голема врева во стилот дека, еве, опозицијата и власта го донесоа (законот за легализација на дивоградбите) и се чудам зошто тие естрадни политичари не поднесоа неколку илјадници амандмани да го блокираат овој закон ако не се сложуваат“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прашањето дали СДСМ и неговата партија сложно го донесле контроверзниот закон во вторникот.

Британскиот: „Мислам дека на многу луѓе им се допаѓа автентичноста. Долго време, луѓето чувствуваа дека политичарите го кажуваат само она што мислат дека сакаат да го слушнат. Или, тие се обидуваат да ‘триаголизираат’, тоа е зборот што го користат. Јас тоа го нарекувам ‘политика на магнолија’. Да не навредуваме никого и да немаме мислење за ништо… Мислам дека сите партии беа малку виновни за тоа. А Борис некако се провна низ тоа“. Ова се зборовите на Анџела Рајнер, заменик-лидер на Лабуристичката партија по тешкиот пораз што го претрпе на локалните ибори минатиот четврток. Шефот на лабуристите, Кир Стармер, вината за поразот ја најде токму кај Рајнер и експресно ја смени од местото шеф на кампањата и партиски претседавач. Така е тоа во политиката – жртва секогаш мора да има, па макар таа и да не била целосно виновна за настаните.

-претходни колумни од авторот:Чии ставови промовира Оливер Вархеји

Овие две изјави навидум може да немаат поврзаност, но на свој начин допираат до јадрото на политиката. А тоа е интересот. Изјавата на Мицкоски е посебна на свој начин. Тој призна дека на оној разговор во четири очи со Зоран Заев го договориле донесувањето на овој закон, при што секој се водел од своите партиски (а можеби и други) интереси. Мицкоски дури беше и некако навреден од „провокативното тврдење дека сложно сме го донесле“. За потоа да исфрли цел бараж напади врз власта за други различни теми, вклучувајќи ја и изградбата на новиот клинички центар. И ги повика сите „естрадни политичари“ да го искористат своето право за блокирање на законот и да не се криеле зад дневното политикантство. И, како што единствено знае ВМРО-ДПМНЕ, да го затрупаат Собранието со амандмани. Овие негови зборови ја покажаа суштината според која се води опозицијата – блокада до блокада. Во тоа влегува и најавата дека со амандмани ќе го блокираат донесувањето на законот за продажба на државното земјоделско земјиште. „Ние така функционираме“, рече Мицкоски, но за законот за дивоградбите, за кој е лута цела држава, не функционирале така.

Кои се „естрадните политичари“?

Клучното прашање е кои се тие „естрадни политичари“? Дали коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива (можните идни коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ), која ја поздрави одлуката на претседателот Стево Пендаровски да стави вето на законот и да го врати назад во Собранието? Коалицијата при тоа соопшти дека „македонската влада и опозицијата се обидоа да прошверцуваат легализација на урабистичките злосторства“.

Дали се тоа неколкутемина пратеници од малите партии во владејачката коалиција кои гласаа против усвојувањето на законот?

Или „естрадните политичари“ се Гордана Силјановска-Давкова и Рашела Мизрахи од кампот на ВМРО-ДПМНЕ кои, исто така гласаа против законот? Или, можеби, Силјановска-Давкова и Мизрахи се „рокенрол политичарки“?

-претходни колумни од авторот:Патот на Зоран Заев

Невнимателноста на овдешните политичари преминува дури и на ниво на легенда. Па, така, ако Мицкоски го слушнел говорот на професорката и претседателскиот кандидат на неговата партија (зад која тој застана со целата партиска машинерија и личен влог, а лани беше и носител на една од изборните листи), прашање е дали ќе зборувал така навредувачки за „естрадата“ во политиката. Или уште понепријатното, ако го знале тој говор, пресметал дека тој воопшто не е важен за интересите на неговата партија.

„Јасно ми е дека има различни ситуации во реалноста и има разлики од еден бесправно изграден објект и друг бесправно изграден објект, знам дека некои граѓани понекогаш од нужда се принудени да пристапат кон вакво нешто, но мислам да се повикуваме на владеење на правото, а да носиме закони за уредување на правен статус на бесправно изградени објекти од правен и етички аспект не е можно. Едноставно не можете да утврдите правен статус и легитимитет на нешто што е бесправно изградено. Не можам да судам за минатите ситуации, но мислам дека треба да собереме сила да ставиме крај на ваквите постапки и закони“, рече Силјановска-Давкова во Собранието при расправата за законот.

Јавноста понекогаш е како бура, која се крева од никаде, само да се најде поттик. Во овој случај, двете партии речиси да не најдоа ниту една позначајна поддршка во општествените слоеви. Оние кои може да имаат некаква корист од законот молчеа за да не го навлечат дополнително гневот, па сдсмовските и вмровските пратеници се најдоа осамени како оние несреќници од прочуената слика „Сплавот на Медуза“ на Жерико, кои се борат да преживеат во дивото море. Во таа ситуација, освен силните правни образложенија, Стево Пендаровски немаше никаква друга можност освен да стави вето на законот.

Кој ќе има поголема штета?

Ситуацијата е извонредна од политичка гледна точка. Архи-непријателите, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, неочекувано се најдоа на истата страна на брегот, а сите други од спротивната. Сега за нив е комплицирано да најдат подносливо објаснување за овој неочекуван сојуз од интерес. И да дадат дополнителни толкувања дека зад сцената не се случуваат и други „договори“ кои потоа се трансформираат во политички драмолетки. Христијан Мицкоски по денешната „естрадна“ изјава се обиде да спаси дел од штетата која самиот ја направи, па подоцна на Фејсбук напиша: „Овој пат нема да ја обновуваме Македонија, ќе треба да ја градиме од почеток, бидејќи ова мочуриште, кое се токми да ја потопи нашата Македонија, ќе треба да го пресушиме и од почеток да ја градиме тула по тула, камен по камен“.

-претходни колумни од автороКој остана уште да ја сака Русијат:

И тој обид за извлекување беше полош од естрадното заглавување во калта. Прво ја презеде реториката на Доналд Трамп за „сушење на мочуриштето“ (на тој пат цврсто зачекори со поддршката на протестот за ослободување на „уставобранителите“), а потоа се постави во епицентарот на вселената, тврдејќи дека тој ќе почнел да ја гради Македонија „од почеток, тула по тула“. Па целата македонска приказна во сите премрежија со соседите е дека државата е одамна изградена, пред речиси 80 години, а сега побавно или побрзо се додава спрат по спрат.

Надвор од правните последици што произлегуваат од овој закон (Пендаровски детално ги образложи), другите реперкусии ќе бидат сериозно политички. Ѓорѓи Спасов, внимателниот аналичар на политичките збиднувања, во својата реакција точно ги лоцира политичките последици. „И да се поништи и да не се поништи од овој закон штета ќе има пред сѐ СДСМ, бидејќи голем дел од нас и така го сметаме ВМРО за неодговорна партија. СДСМ не смееше да дозволи со еден ваков чин да им даде за право на оние што се обидуваат да докажат дека е ист со ВМРО“, вели Спасов, тврдејќи дека ова неочекувано партнерство„ќе ја зајакне улогата на Левица и на малите партии што не гласаа за овој закон“.

Mazedonien Ljupco Popovski

Љупчо Поповски, автор на текстот

И тука доаѓаме до онаа квалификација на Анџела Рајнер за „магнолија политика“ – дека луѓето чувствуваат оти политичарите го кажуваат само она што мислат дека сакаат да го слушнат. Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, Љупчо Николовски, вчера изјави дека „не смееме 50 илјади граѓани, семејства да ги оставиме без покрив над глава. Мора да носиме одлуки, решенија на проблемите коишто се генерациски, кои некој ни ги остави. СДСМ ги штити сиромашните, ранливите групи и во ниту еден случај нема да ги урива тие објекти“.

Има политичка логика во овие негови тврдења, но нема правна. Со магливите одредби во законот тие сиромашни семејства навистина ќе можат да го решат правниот статус на нивните објекти, но главната придобивка ќе ја имаат побогатите, оние кои граделе на места каде што не смеело да се гради, како национални паркови.

Тука СДСМ оди по сечилот на бричот. Да задоволи една катогерија луѓе, а да сврти огромни маси против себе, пред сѐ поради неочекуваното партнерство со ВМРО-ДПМНЕ во најчуствитетлната тема (не)владеење на правото. И тоа на неколку месеци пред локалните избори.

Да се вратиме на „магнолија политиката“ и траумата на лабуристите. Нивното лидерство по поразот на локалните избори размислува седиштето на партијата да го префрли некаде во централна Англија за да биде во поблизок допир со гласачите, а не да биде во декадентниот, буржоаски Лондон, каде за лабуристите се борат и победуваат воините на социјалните мрежи. Се разбира, дека тоа е самоизмама.

За СДСМ ветото на Пендаровски е добар политички подарок, само треба да знае да го искористи, а не да го отстапи теренот на малите политички формации кои од тоа можат да направат голем политички капитал – како бранители на правната држава.