Естетика и политика - кој дух владее со Скопје? | Северна Македонија | DW | 25.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Естетика и политика - кој дух владее со Скопје?

Митологијата на Груевски може да се победи пред јавноста само во естетска смисла. Со тоа што ќе се „турне од престолот” неговата маскота -  споменикот на  Александар Велики. Колумна на Кица Колбе.

Политиката отсекогаш сакаше да владеее и преку естетиката со која се идентификуваше владетелот. Убавината на Фиренца сведочи за едно име - за династијата Медичи. И ќе сведочи за Медичи сѐ дури постои  Фиренца, најубавиот град на Ренесансата. Тој е сведоштво за генијалните уметници кои работеле по нарачка на прочуените ренесансни владетели. Доволно е да ја видите скулптурата на „Давид” од Микеланџело на Пјаца дела Сињориа, за да го препознаете духот на банкарската фамилија Медичи. И да знаете дека сте во прекрасната Фиренца.

Доволно е да го видите безимениот воин на коњ на плоштадот „Македонија“, за да го препознате духот на „фамилијата“ – на корумпираниот бивш македонски премиер Никола Груевски. И да знаете дека сте во најгрдиот град во светот - Скопје. Во него нема да препознаете дела на генијални уметници. Тие не му требаа на Груевски. Тој новата историја на градот ја создаваше преку ноќ, на јуриш, во скратен рок. Груевски од страв пред затворот ја напушти Македонија. Ама неговиот дух остана во Скопје. Што се однесува до грдоста на градот која тој ја остави зад себе за век-и-веков, неговиот дух, навистина, е поприсутен од кога било. И ќе биде сѐ додека постои „неговото дело” – Скопје 2014-та!

Естетиката е (не)потребен трошок

Едно, притоа, е јасно веќе денес. Сѐ дотогаш и сите нови македонски политичари ќе владеат во  сценографијата замислена од неговиот дух. Сите веќе се и ќе бидат статисти во неговиот театар на моќта и корупцијата. Тоа е небаре демонското во „визијата на Скопје 2014” на Никола Груевски. Таа ќе стои цврсто како негово дело и кога тој политички одамна ќе биде заборавен. И ќе ги присилува сите политичари да го одржуваат неговиот паноптикум од кич и невкус. Затоа што тој знаел дека тие нема да се осмелат да го урнат. Затоа што, очигледно, го знаел нивниот менталитет подобро и од нив самите. Знаел дека и тие самите ќе  паднат во неговата замка на лажниот блесок и луксуз. А тоа окружување неминовно ќе фрла сенка и врз нивните личности. Ќе им го одзема правото да имаат автентичен естетски вкус. Впрочем, кој политичар со естетско образование и култивиран вкус би прифатил да живее и работи во таков невкус? Затоа што, очигледно, многу добро ја знаел менталната матрица на своите Македонци, Груевски можел да биде сигурен дека никој никогаш нема да се осмели да помести ниту камче од неговата  „псевдо-хеленистичка сложувалка". Тоа што е направено во бетон и стиропор, летаргичниот дух македонски никогаш не го урива. Ја од штедливост, ја од мрзливост, ја од неукост и недостиг на сопствена естетска визија за градот. Што е, тука е, па било тоа и грдо – тоа  е логиката на просечниот ум. За него естетиката е непотребен трошок. Токму со тоа сметал Груевски. Но, може ли нешто вистинито и автентично, како демократија и уметност, воопшто да почне да живее среде лагата и кичот?

Други колумни од авторката:

Културата и македонскиот идентитет

Што значи „европска Македонија“?

Да беше можно, Германците по пропаста на Третиот Рајх ќе ги оставеа насекаде низ Германија грдите, расистички скулптури во духот на ариевската раса. „Панаѓурот“ од скулптури, кој во Скопје започнува со „Воинот на коњ” и завршува со камената историја на фамилијата на Аргеадите на плоштадот Пела, е исто сведоштво за една „фикс-идеја“ на „визионерот“ Груевски, според која Македонците потекнуваат од античките Македонци. Тие скулптури се изградени за да се покаже цивилизациската супериорност на античките Македонци. Инспирацијата за спомениците во Скопје е онаа од времето на Мусолини во Италија и на Хитлер во Германија. Тие се камена читанка по историја. Читанка со едно посебно толкување на македонскиот идентитет. Може ли таа воопшто да остане трајна, особено со оглед на Преспанскиот договор? Сѐ додека таа постои, не менува многу фактот што Преспанскиот договор јасно го разграничува идентитетот на Македонците во Република Северна Македонија - како словенски - од оној на античките Македонци. За „инсталацијата“ во бетон и стиропор на Груевски во центарот на Скопје, Преспанскиот договор уште не стапил во сила. И нема да стапи во сила сѐ додека во срцето на Скопје ќе се извишува тој коњаник со исукан меч. Проблемот со тој споменик не е само во тоа што секој знае дека се работи за Александар Велики. Проблемот не е само во неговата минорна уметничка вредност. Проблемот е во тоа што и неквалитетните, естетски минорните уметнички дела продолжуваат да „воспитуваат" во духот што го сугерираат. Тој споменик продолжува да сведочи дека Македонците се антички Македонци. Зошто, поинаку, во самиот центар на градот некој би изградил огромен споменик на Александар Македонски, освен како симболика за античкиот идентитет на Македонците? Впрочем, тоа, на што му даваме централно место во нашиот свет, тоа го определува и тој свет и нас самите. Уште подрастично, фактот што Александар Велики е претставен во „борбена поза“, небаре се подготвува повторно да го освои светот, не сугерира за посматрачите, особено за најмладите, мирољубива, туку милитантна естетика. Целта на Преспанскиот договор, меѓутоа,  е помирување со соседите и културна соработка. Милитантната естетика на голем број споменици во центарот на Скопје, од друга страна, не ја отвора Македонија кон светот, туку ја затвора во нејзината сопствена националистичка митологија. Тоа неминовно води во регресија.

Духот на Никола Груевски

Крајно време е критички да се промисли и да се ревидира милитантната естетика во многубројните споменици во центарот на Скопје. Оти таму, навистина, врие од коњаници и воини, со сабји, копја и мечови. Примарно прашање е дали и понатаму смее со центарот на градот да доминира воинот на коњ – бил тој, притоа, Александар или некој друг? На што треба да ги научи идните генерации таа грдосија на коњ? На милитантност и борбен дух? На национална гордост? Но, на каква националона гордост децата можат да бидат научени од безимен воин, подготвен да напаѓа и убива? Чуму во 21-от век таква милитантна иконографија? Што говори тој споменик за Скопје и за неговиот дух? Мора ли со градот вечно да владее духот на Никола Груевски? Доколку македонската политика ги познаваше принципите на естетиката, таа одамна ќе го „турнеше од престолот” симболот на владееењето на Груевски. И ќе распишеше меѓународен конкурс за нов „симбол” на градот Скопје.

Оти, не треба да се заборави дека архитектурата е уметност која ги отсликува потребите, навиките и обичаите на едно време. Таа, во иста мера, и самата ги обликува навиките и естетскиот вкус на една заедница. Да не беше така немаше да се восхитуваме на Баухаус и сто години подоцна. Нашиот современ вкус, нашиот модерен сензибилитет е длабоко повлијаен од Баухаус. И тогаш кога не сме свесни за тоа! Во таа смисла, архитектурата навистина  не само што ги култивира сетилата и сиот животен сензибилитет на една заедница. Градбите во кои го поминуваме животот го обликуваат нашиот поглед на светот. Тие од нас може да направат отворени, слободни личности, но и борнирани, ограничени умови. Формите на градбите може да ја брануваат нашата фантазија и да нѐ инспирираат на нови уметнички форми. Но, архитектурата може и да ја затвори нашата самосвест во тесни граници. Особено доколку архитектурата станува средство за воспитување во национално самовљубен историски наратив. Од друга страна, архитектурата го одржува минатото живо. Тоа, најчесто, има позитивно вредносно значење. Една добро одржана келнска вила од времето на Југендстил, со сите свои стилски поединости постојано го повикува за окото духот на времето во кое е создадена. Но, сосема поинакво е доживувањето на градбите кои се сведоштво за некоја диктатура. Скопје 2014 е архитектонско сведоштво за едно тоталитарно време. Архитектурата, имено, прави од просторот место на историско паметење. Градбите се памтењето на историјата на градот. Постојат пријатни и непријатни места на паметење. Постои архитектура која ја ослободува мислата и фантазијата. Од друга страна, има градежни комплекси кои будат нелагодност, страв и непријатност. Такво непријатно место на паметење е денес центарот на Скопје. Непријатноста ја предизвикува сеприсутноста на духот од времето на Никола Груевски. Скопје 2014 е сценографијата на  неговата замисла за себе и за Македонија. Во таа сценографија лагодно се чувствуваат сите што учествуваа во владеењето Груевски.

Туркање од престолот

Во европската историја падот на тоталитарните режими се одвиваше со целосна демонтажа на сите симболи за власта на диктаторите. Таква беше и демонтажата на идеологијата и иконографијата на Советскиот сојуз. Од пиедесталите се уриваа гигантските бисти на Сталин, на Ленин, на Карл Маркс. Никој нов владетел не  милува да владее во сенката на старите идеологии или на старата тоталирарна иконографија. Зошто смената на режимот немаше таква симболика во Македонија? Зошто на новата македонска влада не ѝ пречи присуството на Груевски во изгледот на главниот град? Дали, можеби, затоа што се чинеше дека со Скопје 2014. Груевски не го инсталираше сопствениот култ на личноста? Дали затоа што никаде немаше негов споменик, од кој тој симболично ќе беше турнат од „престолот”? Но, дали е навистина така како што се привидува? Имено, сѐ говори дека сиот проект Скопје 2014. е дело во слава на култот на  „малечкиот дикататор” Груевски. Тој проект не го слави Александар. Груевски со него се слави себеси. Тој стои зад сиот  паноптикум од споменици. Само што тој не се јавува во непосредна форма. Туку во гигантската фигура на онаа историска личност, која тој  ја (зло)употреби како сопствена маскота -  Александар Велики.

„Болеста“ на Груевски беше „Александроманијата.“ Во лукавоста на малечките диктатори, на крајот, тој и него го „понижи” до безимен „воин на коњ”. Митологијата на Груевски може да се победи пред јавноста само во естетска смисла. Со тоа што ќе се „турне од престолот” неговата маскота -  споменикот на  Александар Велики.

DW.COM

Реклама