Ескобар: Силна поддршка за брзата интеграција на Северна Македонија во ЕУ | Северна Македонија | DW | 06.12.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ескобар: Силна поддршка за брзата интеграција на Северна Македонија во ЕУ

Работиме со европските партнери за да обезбедиме тоа наскоро да се случи, порача заменикот помошник државен секретар Габриел Ескобар, кој е во посета на Скопје.

Заменикот помошник државен секретар на САД Габриел Ескобар, имаше разговори со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, со кој одржаа и заедничка прес-конференција. 

Заменикот помошник државен секретар на САД Габриел Ескобар, имаше разговори со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, со кој одржаа и заедничка прес-конференција. 

„САД силно ја поддржуваат брзата  интеграција на Северна Македонија во ЕУ. Работиме со европските партнери за да обезбедиме тоа наскоро да се случи“, порача заменикот помошник државен секретар Габриел Ескобар, кој е во посета на Скопје. По средбата со претседателот Стево Пендаровски, тој имаше разговори со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, со кој одржаа и заедничка прес-конференција. 

Ескобар потенцираше дека Северна Македонија културолошки, историски и се повеќе и економски е дел од Европа и дека мора да има заслужено место на масата на членки на ЕУ. „Исто така истраживме можности за натамошното важно место на Северна Македонија во рамките на меѓународните односи во САД и во регионот. Се надеваме дека ќе најдеме начини да ги продлабочиме нашите одлични односи“, рече Ескобар, истакнувајќи дека Северна Македонија и САД имаат изградено сојузништво коешто има стратешка длабочина. Тој се заблагодари на „топлото добредојде“ во регионот, но и на континуираната поддршка којашто ја добиваат од Северна Македонија во рамките на мисиите на НАТО. 

Стратешки интереси 

„Нашите стратешки интереси се комплементарни со интересите на САД. Нема сомнеж дека сега е моментот ЕУ да започне преговори со Северна Македонија, тоа ќе биде потврда за напредокот којшто го постигна земјата, но и големо охрабрување и за другите земји во регионот“, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој ги пренесе впечатоците од средбата со Ескобар.

Ескобар и Османи пред зградата на македонското министерство за надворешни работи

Ескобар и Османи пред зградата на македонското министерство за надворешни работи

Османи вели дека САД се активно и силно ангажирани да се изнајде решение, бидејќи е од нивни стратешки интерес Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ. Со тоа ќе се охрабрат процесите, ќе се забрзаат евроатланските интеграции и ќе се потврди геостратешката определба на регионот. 

„САД се сериозно посветени целиот регион да стане дел од ЕУ“, дециден е Османи, кој смета дека „САД биле со нас, не поддржувале и добро и во лошо, во време на кризи и ни помогнале да останеме на вистинскиот пат“. 

Тој е оптимист дека до крајот на декември е можен позитивен развој на односите со Бугарија. „Во текот на цел декември постои можност за започнување преговори со ЕУ“, вели Османи, додавајќи дека „не планира да ја спушти тензијата и интензитетот на неопходноста за започнување преговори што поскоро“. „Ќе работам за 14 декември, но и за секој ден потоа во текот на словенечкото претседателство. Има разговори со Бугарија, се надеваме на што поскоро формирање влада во земјата и започнување преговори во текот на декември“, порача Османи. 

Ваквиот оптимизам тој го темели врз основа на средбите во Рига со шефот на бугарската дипломатија, Светлан Стоев, како и на средбите со словенечки министри. „На 14 декември е формалниот состанок на министрите за Европа, но тоа не значи дека е единствена шанса за декември“, вели Османи, споделувајќи со медиумите дека добил уверување дека и по 14 декември, до крајот на годината, словенечкото претседателство може да свика вонреден состанок за Европа, доколку добие позитивни сигнали за почеток на преговорите со ЕУ. 

Посилна динамика во односите 

Ескобар денеска имаше средба и со претседателот Стево Пендаровски на која е оценето дека двете држави во континуитет негуваат продуктивен политички дијалог и е изразено уверување дека билатералните односи ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика.

Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, ја истакнал и важноста на силната и континуирана поддршка од САД во остварувањето на стратешките цели на земјата, од прогласувањето на независноста до денес.

Македонскиот претседател Стево Пендаровски

Македонскиот претседател Стево Пендаровски

Во однос на аспирациите за членство во Европската Унија, македонскиот претседател го реафирмирал очекувањето за скорешен почеток на пристапните преговори за членство, истакнувајќи дека деблокирањето на интегративниот процес позитивно ќе се одрази на севкупната стабилност и развојот на регионот. Во тој контекст, претседателот Пендаровски се заблагодарил за поддршката на американската администрација, и лично на заменикот помошник државен секретар Ескобар, во однос на потребата за напредокот на земјите од регионот кон ЕУ.