Ескалира спорот околу подморниците: Франција ги повлече амбасадорите од САД и од Австралија | Свет | DW | 18.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Ескалира спорот околу подморниците: Франција ги повлече амбасадорите од САД и од Австралија

Франција е гневна поради пропаднатата зделка за продажба на подморници на Австралија. Тоа што Австралија за соработка порадо ги одбра САД, Париз уште повеќе го разлути.

Emmanuel Macron und Malcolm Turnbull

Францускиот претседател Емануел Макрон и поранешниот австралиски премиер Малколм Турнбил на платформа на подморница во Сиднеј, во 2018 година

Француските амбасадори од двете земји се повикани да се вратат на консултации во Париз. Овој невообичаен чекор е преземен на желба на францускиот претседател Емануел Макрон, соопшти министерот за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан. Одлуката за откажување од веќе во 2016 година договореното купување на француски подморници во корист на партнерство со САДи Велика Британија, претставува недозволиво однесување меѓу сојузници и партнери, се вели во образложението од Париз. Последиците задираат во сржта на алијансите и партнерствата на Франција, како и значењето на Индопацификот за Европа. 

Австралија во четвртокот соопшти дека во рамките на новосклопенотобезбедносно партнерство со САД и Велика Британија, има намера да набави подморници на нуклеарен погон. Со тоа отпаѓа договореното лиферување на француски конвенционални подморници од фирмата Навал во вредност од околу 56 милијарди евра.

Алијансата на трите држави – САД, Австралија и Велика Британија според експертите за безбедност е насочена против воената закана од страна на Кина во Индопацификот.

Франција е целосно изненадена и тврди дека не е информирана претходно за одлуката. Ле Дриан изјави дека е исклучително гневен и постапката ја нарече „забивање нож во грб."

Вашингтон реагираше со жалење на повлекувањето на францускиот амбасадор, се истакнува дека американската влада во идните денови ќе продолжи да работи на решавање на спорот.