„Ерусалим веќе сега е, а и ќе продолжи да биде главен град на Израел“ | Свет | DW | 23.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Ерусалим веќе сега е, а и ќе продолжи да биде главен град на Израел“

Резолуцијата за Ерусалим на Генералното Собрание на ОН соодветствува со досегашната позиција на ова тело, вели политикологот од Хајделберг, Јоханес Беке. Таа не може да биде променета ниту од страна на владата на Трамп.

ДВ: Мнозинството во Генералното Собрание на ОН се изјасни против одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го признае Ерусалим како главен град на Израел. Како го гледате овој чекор?

Јоханес Беке: Одлуката не ме изненади. Во меѓународната заедница е воспоставена шема која со децении постојано се повторува. Врз основа на одлуката на ОН, се инсистира на тоа меѓународната заедница да не одлучува за прашањето на Ерусалим сѐ додека двете страни не постигнат договор. Јас, исто така, не сметам дека унилатералната одлука на САД да го признае Ерусалим како главен град на Израел може да го промени тоа. Покрај тоа, гласачкото однесување во Генералното Собрание на ОН речиси и да се нема променето со децении. Постои релативно широка коалиција против Израел, со досега навистина еднострани резултати. Израелците знаат дека позицијата на мнозинството - вклучувајќи ги и Европејците - нема да се промени многу. Американците исто така го знаат тоа. Значи, тоа е не е некоја изненадувачка одлука.

Повеќе на темата:

-Трамп им се закани на членките на Генералното собрание на ОН

-ОН треба да го притиснат Трамп за Ерусалим

-Ќе се бара поништување на американската одлука за Ерусалим

Дали одлуката на Генералното собрание на ОН има некое политичко значење, или пак е симболична?

Палестинците, за разлика од многу други национални движења, кои се бореа за сопствената држава во последниве децении, секогаш уживаа изненадувачки големи симпатии во Генералното собрание. Ако погледнете други конфликти, како што се оние околу Западна Сахара, таму отсекогаш било многу потешко да се добие широко мнозинство против мароканската окупација. Палестинците отсекогаш имале среќа што арапско-исламскиот свет стои зад нив, а во минатото и Движењето на неврзаните. Во таа смисла, Генералното собрание има долга традиција на унилатерално позиционирање. Притоа, на пример, мислам на  резолуцијата на ОН - „Ционизмот е форма на расизам" од 1975 година, која беше повлечена во 1991 година. Затоа еднострано позиционирање, погледнато од израелска перспектива, не е некое изненадување.

Ерусалимската иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп крена многу политичка прашина. Дали потегот беше политички мудар?

Одлуката на долг рок не е корисна за ниту една од засегнатите страни. Во американската практика на теренот ќе се промени малку, особено во однос на конечниот статус на Ерусалим. На пример, на секој кој како американски државјанин ќе биде роден во Ерусалим во пасошот како родно место ќе му стои „Ерусалим" , но не и „Ерусалим / Израел" - и оваа практика во догледно време нема да се промени. Нетанјаху и Трамп можат на своите поддржувачи да им ја продадат одлуката како симболичен успех.

Deutschland Johannes Becke Hochschule für Jüdische Studien Heidelberg

Јоханес Беке

Но за приближувањето меѓу Израел и многу арапски држави, кое се одвива зад сцената, таквата одлука повеќе штети отколку што користи. Особено во поглед на зголемените ирански хегемонистички претензии во регионот, Израел има многу блиски контакти, не само со соседите со кои има постигнато мировен договор - на пример со Египет или Јордан - туку и со соседи без таков договор, како што е Саудиска Арабија.  Повторното отворање на добро познатото и болно Ерусалимско прашање, во една ваква ситуација,  јасно покажува колку малку сегашната американска администрација навистина разбира што се случува во регионот.

Како гледате на позицијата на арапските и на исламските лидери?

Прашањето на Ерусалим историски погледнатто беше инструмент за да стекнување со големо внимание како за палестинското национално движење, така и за ционизмот. Христијанските ционисти отсекогаш го сметаа за интересно еврејското враќање во Ерусалим. Кога во 20-те години на минатиот век Палестинците  успеаја да привлечат големо внимание во јавноста за прашањето за односот кон Ерусалим и Ридот на храмовите, овој конфликт доби регионалните димензии, а потоа прерасна во глобално следен судир. Особено во арапскиот свет, многу од тоа е ограничено само на празна реторика. Ми се чини дека во конкретниот однос кон палестинските бегалци и нивното потомство во арапскиот свет, веројатно подобро може да се види колкава е вистински солидарноста со Палестинците.

И колкава е таа солидарност?

Се разбира, многу е лесно да се каже: „Ерусалим е важен за нас, Палестинците ни се важни". Меѓутоа, во политичката реалност, токму поради превирањата од таканаречената Арапска пролет, арапскиот свет засега има други, а можеби и уште поитни проблеми, отколку точните градски граници на Ерусалим. И во геостратегиската реалност, повеќето арапски политичари знаат, прво, дека државата Израел ќе продолжи да постои и во иднина, и второ, дека Ерусалим веќе сега е, а и ќе продолжи да биде главен град на Израел. И трето, дека е мудро да се размислува за делумно вклучување на Израел во идните регионални сојузи.

Јоханес Беке е помлад професор на катедрата за Израел и за Блискиот Исток на факултетот за еврејски студии од Хајделберг.

DW.COM

Реклама