1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ертуг: „Турција мора да се менува“

Бернд Ригерт / Александар Методијев6 јуни 2013

Исмаил Ертуг, член на Европскиот парламент и на германската Социјалдемократска партија, во интервју за ДВ зборува за судирите меѓу турската полиција и демонстрантите. Патот до прием во ЕУ, според него, се’ уште е долг.

https://p.dw.com/p/18kLD
Фотографија: picture alliance / dpa

Дојче веле: Постои огромна критика од Европа за прекумерната сила што премиерот Ердоган ја употреби против демонстрантите и неговата ограничена толерантност за нивното право на собирање. Дали критиките се оправдани?

Исмаил Ертуг: „Прекумерната употреба на сила од страна на полицијата верувам дека е неспорна. Тоа е развој кој го гледаме не само сега, туку сме го гледале во Турција и во неколку други претходни прилики. Тоа нема никаква врска со идеологијата или групното размислување. Прекумерната употреба на сила, за жал, се случуваше често во минатото. Ние треба да кажеме – еј, луѓе, ова не е во ред! Мирните протести на граѓаните и цивилното општество мора да бидат дозволени. Тоа не беше случај во минатиот петок и затоа критиките се оправдани“.

Дали бевте изненадени колку масовни станаа протестите во некои градови? Како го објаснувате тоа?

„Мислам дека политичката елита направи се’ погрешно што можеше да се направи. Ако дозволеше протести и демонстрантите мирно да учествуваат, тогаш ќе им дадеше можност на луѓето да бидат чуени. Ако функционери, како претседателот Ѓул, изразеа разбирање за загриженоста на луѓето, тогаш ситуацијата немаше да ескалира. Но, острата и неразбирлива употреба на сила само додаде масло на протестите, кои се проширија во различни провинции во Турција“.

Колкаво влијание има Европа врз владата на премиерот Ердоган? Дали Брисел може да има некакво влијание?

„Мислам, а и ЕУ веќе го прави тоа. Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц и лејди Ештон, високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика, изразија своја загриженост, како што направија и други, меѓу кои и германскиот министер за надворешни работи Вестервеле и претставници на американската влада. Тоа се обиди, главно преку апели, да се изврши умерено влијание. Сега не треба да ја оставиме Турција сама, туку треба да и’ се понуди добронамерно посредување меѓу оние кои се чувствуваат угнетени и политичката елита. Верувам дека можеме да помогнеме во координацијата и да послужиме како медијатор“.

Пристапните преговори меѓу ЕУ и Турција стагнираат со години. Дали ќе се согласите дека она што сега се случува веројатно нема да биде корисно за придвижување на разговорите нанапред?

„Точно, разговорите се заглавени, но со конкретна причина – нерешеното прашање со Кипар. Во ова прашање има две страни. На една страна ја имате Турција, која не е подготвена да го имплементира протоколот од Анкара (признавањето на Кипар како членка на ЕУ, н.з.). На друга страна го имате однесувањето на ЕУ, посебно она на поранешниот француски претседател Саркози, кој постојано провокативно се однесуваше кон Турција. Тоа ја објаснува ескалацијата на двете страни. Освен тоа, ЕУ во моментов има други проблеми покрај проширувањето, односно финансиската криза, економската криза и невработеноста меѓу младите. Претпоставувам, иако актуелната влада тоа не го покажува, дека инцидентиве би можеле да покажат дали пристапот на конфронтирање и високо авторитарно раководство сега се вистинската политика.“

„Тоа значи дека моменталните демонстрации и остриот одговор на нив покажуваат дека на Турција се’ уште и’ недостасува она што на една демократија и’ треба за да се приклучи кон ЕУ?

„Секако, Турција се’ уште не е подготвена. Никој тоа не го очекува. Фазата на пристапување и преговори е транзициона фаза. Земјите кои сакаат да и’ се приклучат на ЕУ секогаш се соочуваат со одреден број години на имплементирање реформи, за да станат подготвени за влез. Ако погледнете колку време им беше потребно на малите источноевропски земји, тогаш ќе видите колку е тешко, посебно за Турција со 74 милиони жители – мултиетничка земја во комплицирана географска ситуација. Потребно е време. Никој не ја гледа Турција како земја која е подготвена денеска да и’ се приклучи на ЕУ. Промената е потреба, а исто така и во однос на тоа како луѓето размислуваат, во однос на младите генерации... Тие млади луѓе имаат европско образование. Тие имаат повеќе контакти отколку актуелната политичка елита, која пораснала во Турција, која беше затворено општество 30 или 40 години. Мислам дека со младата генерација ќе биде полесно, но Турција се’ уште има долг пат да изоди“.

Исмаил Ертуг има 37 години и е член на Европскиот парламент од 2009 година. Тој е член на Социјалдемократската партија. Ертуг е и член на парламентарниот комитет ЕУ-Турција, кој ја промовира соработката меѓу Турскиот парламент и Европскиот парламент. Неговите родители се преселиле од Турција во Германија во 1972 година.