Ерменија на нозе - отпорот продолжува | Свет | DW | 02.05.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Ерменија на нозе - отпорот продолжува

Улиците и владините објекти се блокирани, продавниците се затворени - во Ереван десетици илјади луѓе протестираат на повик на опозициониот лидер Никол Пашинјан.

Десетици илјади приврзаници на опозицијата, меѓу нив и многу постари луѓе и домаќинки, ги блокираа улиците и владините објекти во ерменскиот главен град Ереван. Сообраќајот е главно парализиран, а патот кон аеродромот - затворен. Според медиумски извештаи, кон денешниот протест се приклучил и персоналот на аеродромот во Ереван. Многу продавници се исто така затворени. Не вози ниту подземната железница.

Лидерот на опозицијата, Никол Пашинјан повика на масовна граѓанска непослушност откако вчера пропадна неговиот избор за премиер. Тој најавува нови протести и вели дека нема предавање. За агенцијата Ројтерс, Пашинјан денеска изјави: „Продолжуваме со нашиот штрајк и нашата граѓанска непослушност.“

Armenien Straßenblockade in Eriwan

Улична блокада во Ереван

Пашинјан вчера не доби парламентарно мнозинство за да биде избран за премиер на Ерменија. Партијата која досега имаше мнозинство, Републиканската партија на Ерменија (РПА) не сака да потклекне под притисокот создаден со протестите во земјата. Новото гласање во парламентот би требало да се одржи на 8 мај. На прашањето дали повторно ќе се кандидира, Пашинјан одговори: „Ќе размислиме за тоа и ќе преговараме.“

Armenien Oppositionsführer Nikol Pashinian

Никол Пашинјан вчера во ерменскиот парламент

Доколку пропадне и вториот обид во парламентот за избор на премиер, следуваат нови парламентарни избори. Во таков случај Пашинјан најави бојкот на изборите.

Претходниот премиер на Ерменија, Серж Саркисјан во април поднесе оставка по неколкунеделни протести во земјата на Кавказот. Состојбата во Ерменија се следи внимателно од страна на Русија. Во земјата со три милиони жители се стационирани руски војници. Руската влада е загрижена дека би можела да настане ситуација слична на онаа во Украина во 2014 година.

Гледај видео 00:47

Протести во Ереван