1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ерман: Во Македонија се загрозени демократските вредности

Силвера Падори-Кленке22 октомври 2013

Социјалдемократот Зигмунд Ерман, член на комисијата за Култура и медиуми на Бундестагот за ДВ реагира за случајот Кежаровски. Германската амбасада во Скопје загрижена за слободата на медиумите

https://p.dw.com/p/1A3yS
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Со случајот на сега осудениот новинар Томислав Кежаровски, повторно преживуваме масовно непочитување и ограничување не само на основните демократски вредности, како слободата на информирањето и изразувањето, туку и на владеењето на правото. Ова е дури повеќе критично ако се знае дека ова се случува во европска земја која е кандидат за членство во Европската унија. Затоа и се’ поитно е потребно европската заедница да се повика и да ги брани нашите фундаментални вредности. Преговорите на Македонија за членството во Европската унија ни даваат в раце инструмент со кој треба да бараме исполнување на овие начела“, изјави за ДВ Зигмунд Ерман, довчерашен член на комисијата за Култура и медиуми во Бундестагот (17. Изборен период) и гласноговорник на работната група Култура и Медиуми на социјалдемократите.

Според Ерман, Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) чија задача е да ја советува Европската унија во сферата на почитувањето на човековите права, мошне критички го проценилa планираниот Закон за медиумите во Македонија. Во оваа смисла не само информациите за одделните случаи, како што е новинарот Томислав Кежаровски, туку генерално севкупниот развој критички се вреднува. Пред се’ што уште во 2011 година имало затворање на критички и независни весници, со што состојбата на медиумите во Македонија се влошила, оценува Ерман.

Тој, меѓутоа, потсетува дека не треба да се замиже ниту пред она што се случува во Германија. „Мора да се постави и прашањето според кои мерила и вредности во Источна и Јужна Европа се ангажираат германските медиумски претпријатија како на пример ВАЦ? Тие исто имаат одговорност, над економските фактори да го задржат високото ниво на слободата на информирањето и слободата на мислењето “, коментира за ДВ Зигмунд Ерман, од пратеничката група на социјалдемократите во Бундестагот.

По пресудата за Кежаровски, Дојче веле побара и реакција од Германската амбасада во Македонија. Во писмената реакција, кусо се оценува:

„Германската амбасада во потполност ги дели ставовите на амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, и сериозно е загрижена за слободата на медиумите во Македонија.“

Инаку, евроамбасадорот Орав при претставувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ, ги посочи и забелешките кoи се лоцирани во годинaшниот извештај, меѓу кои беше и потребата за унапредување на слободата на медиумите, со препорака да се отстрани притисокот врз новинарите и да се подобрат професионалните стандарди.