Ердоган ја одобри уставната реформа | Свет | DW | 10.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ердоган ја одобри уставната реформа

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со својот потпис ја потврди уставната реформа. Сега на потег е народот, кој треба на референдум да даде согласност за новите поголеми овластувања на шефот на државата.

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска го одобри одржувањето на националниот референдум за уставните реформи.

Ердоган ја потпиша реформата на Уставот, со што е отворен патот за распишување референдум за воведување претседателски систем кој значително би ги проширил неговите овластувања.

Референдумот по тоа прашање најверојатно ќе биде одржан во средината на април, наведуваат новинските агенции.

Турскиот парламент во минатиот месец ги одобри уставните реформи. Реформата помина со минимален број гласови неопходни за да оди на референдум на кој конечно ќе биде одобрена. Гласаа 448 од вкупно 550 пратеници. За реформата беа 339 пратеници, додека 42 беа против.

Реформите на уставот ќе му овозможат на претседателот да именува министри и високи официјални лица, да го распушти парламентот, да прогласи вонредна состојба, да издава декрети и да именува половина членови во највисокото судско тело.

Бројот на пратеници ќе биде зголемен на 600, а минималната старост на пратениците е намалена на 18 години и се предвидува одржување на истовремени парламентарни и претседателски избори на секои 5 години.

Опозицијата ги смета промените како обид Ердоган, кој де факто претседателскиот систем го воспостави од денот кога стапи на должност во 2014 година, дополнително да ја зацврсти својата власт.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама