Ердоган под притисок пред средбата со Обама | Свет | DW | 16.05.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ердоган под притисок пред средбата со Обама

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган сака големи настапи. Исклучок не е ниту неговото патување во САД, пред кое упати обвинувањата на адреса на Сирија и барања на сметка на Вашингтон. Но, Ердоган е под огромен притисок.

До пред една недела се‘ изгледаше како турскиот премиер Реџеп Таип Eрдоган да ќе ги води разговорите со американскиот претседател Барак Обама од позиција на сила, како да ќе сака да го поттурне пред себе американскиот претседател кој во однос на Сирија е колеблив. Во интервју за американскиот телевизиски канал Ен-Би-Си Ердоган оцени дека многу цитираната „црвена линија“ на Обама - употреба на хемиско оружје - е одамна пречекорена. „Јасно е дека режимот употребил хемиско оружје и ракети“, рече тој и побара создавање зона на забрането летање во Сирија.

Но потоа, минатата сабота (11.05), во турскиот град Рејханли експлодираа два автомобили-бомби. Во нападите загинаа 51 лице. Ердоган одеднаш во Турција се соочува со протести поради неговата политика кон Сирија. Опозициони политичари изразуваат стравување дека тој ја води земјата во крвав конфликт со Сирија.

Германскиот експерт за безбедносни прашања Хорст Телчик, наспроти тоа, оценува дека политиката на Ердоган кон Сирија е резултат на добро промислен пресврт во односите кон соседот, со кој Турција долги години имаше добри политички и економски односи. За овој пресврт, според долгогодишниот советник за безбедност на канцеларот Кол и поранешен раководител на Минхенската безбедносна конференција, има различни причини.

Алевитското малцинство и курдското прашање

Покрај се‘ подраматичниот проблем со бегалците - во меѓувреме се зборува за повеќе од 400.000 сириски бегалци на турска територија - Телчик гледа и друга

причина: „Турција стравува од алевитско малцинство во граничниот регион со Сирија. Тоа сега е обвинето и дека соработувало со сириската тајна служба при последните атентати.“

Другото горливо прашање, курдскиот проблем, се чини дека е на пат на смирување по постигнатиот неформален договр со лидерот на Курдите кој е во затвор - Абдула Оџалан, но според оценка на Телчик, може да се разгори повторно многу бргу. „Ердоган е загрижен дека курдското прашање ќе стане повторно актуелно ако Сирија се распадне. Ако Курдите во Сирија, во Ирак, во Турција и Иран стартуваат нова иницијатива за независен Курдистан, тоа би бил кошмар за него“, оценува Телчик за ДВ.

Најважниот стратешки партнер на Обама

Дури и ако Ердоган во моментов е изложен на засилен внатрешнополитички притисок, тоа не го намалува неговото значење како стратешки партнер на САД. Географската состојба на југоисточниот бедем на НАТО, со долга заедничка граница со Сирија, е податок кој говори сам по себе. САД имаат итно потреба од партнер врз кој може да се потпрат во регионот, во кој со нерешеното палестинско прашање, внатрешнополитички нестабилен Ирак и тензичен однос со Иран и онака има доволно кризи.

Horst Teltschik / Sicherheitsberater

Хорст Телчик: Ердоган ќе бара Вашингтон да испрати оружје за сириската опозиција

Не случајно Обама, при својата последна посета на Израел, направи обид за повторно приближување на Турција и Израел, двата најважни американски сојузници во регионот. Односите меѓу Анкара и Тел Авив беа расипани по израелската акција врз брод со помош за Газа во 2010 година, кога загинаа деветмина турски активисти.

Иван Вејвода, од Германскиот маршалов фонд во Вашингтон, пак, вредноста на Турција во актуелната криза ја гледа помалку на дипломатски, а повеќе на воен план. „Турската армија, без сомневање, е најсилната и најмодерната армија во регионот. Таа со израелската армија има важна безбедносна и воена соработка.“ Таа е „одбранбен ѕид“ од можно прелевање на сирискиот регион во регионот и може да биде дел од трупи за интервенција, кои би се активирале по соодветна резолуција на Советот за безбедност на ОН.

„И да не заборавиме дека САД и Турција стационираа ракети за да ја заштитат земјата од можни напади од Сирија. И тоа зборува за тесно партнерство на полето на безбедноста“, вели Вејвода за ДВ.

Испраќање оружје и хируршки зафати

Хорст Телчик смета дека е многу веројатно оти Ердоган во САД ќе бара Вашингтон да испрати оружје за сириската опозиција. „По две години од почетокот на конфликтот, американските и европските тајни служби можат подобро да диференцираат кои сили може да се поддржат, а кои не. Тоа значи дека јас не би ја исклучил генерално темата снабдување со оружје.“

Recep Tayyip Erdogan bei Barack Obama Washington Flash-Galerie

Обама ќе се обиде да го убеди Ердоган во дипломатско решение

Освен тоа, во случај на конфликт, би можело да бидат преземени и „хируршки зафати“ како израелските: „Израел три пати изврши воздушни напади во Сирија, без притоа да следува контрареакција. Ердоган, според мене, би можел да разговара и за темата - целни хируршки напади во Сирија, кои би биле насочени можеби против воениот штаб или дури и претседателската палата.“

Вакво сценариот во моментов не е реално, ако се земе предвид конференцијата за Сирија, која ја договори американскиот министер за надворешни работи Кери во Москва. Американскиот претседател Обама многу повеќе би се обидел да го убеди гостинот од Турција во дипломатско решение. За успех на конференцијата за Сирија пак, не е од одлучувачко значење турскиот премиер, туку рускиот претседател Путин. А тој во разговор со Нетанјаху предупреди од опасноста од „дестабилизација“ на Сирија.