Ердоган лови погрешни | Свет | DW | 12.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ердоган лови погрешни

Нападите во Истанбул во саботата ѝ послужија како повод на турската влада за нови апсења на опозициски политичари во голем број. Тоа воопшто не помага во борбата против тероризмот. Напротив, смета Кристијан Буткерајт.

Иако турската држава  со месеци се бори против тероризмот, во напади во саботата загинаа 44 лица - во центарот на Истанбул. Само еден час по експлозиите, 13 осомничени се уапсени, а набргу потоа турската влада се покажа убедена дека зад убиствените напади стои курдската работничка партија ПКК , која е забранета како терористичка организација.

Сега од признанието на Слободарските соколи на Курдистан знаеме дека тоа не беше ПКК туку група поврзана со неа. Турската влада, со брзата одлука, според тоа, промаши за малку. Но за оваа работа, тоа сепак прави разлика.

 

Од мировен партнер до терористички клуб

Додека Слободарските соколи на Курдистан како милитантна група досега се истакнуваа само преку крвави напади , ПКК пред година и половина сѐ уште  вредеше како партнер за мировни преговори на турската држава. Сега, одеднаш, токму ПКК да се прогласи за одговорна за нападот, во исто време значи да се дискредитира како партнер за разговори за евентуално обновување на мировните преговори. Кој впрочем преговара со терористи кои убиваат десетици полицајци? Но, без ПКК, не може да има мир во југоисточниот дел на Турција, а без мир таму, тероризмот ќе биде пренесен во градовите, што впрочем можевме на страшен начин го доживеавме овој викенд.

Со својот бескомпромисен став кон ПКК, владата на Ердоган на Турција ѝ ги одзема сите шанси за мир. Преговорите со ПКК нема да гарантираат дека и натаму нема да има напади од страна на други организации, како што се Слободарските соколи на Курдистан. Но, ризикот ќе се намали. Однесувањето на турската влада, сепак, остава впечаток дека таа не е заинтересирана за мир со Курдите. Но, за што е заинтересирана? Впрочем изминатите 30 години покажаа дека  воено конфликтот може само да се спотаи, но не и да се реши.

Deutschland Christian Buttkereit

Кристијан Буткерајт

Покрај тоа, звучи гротескно дека турската држава со огромни напори гони наводни терористи и терористички поддржувачи, а затвора илјадници функционери, адвокати, професори и новинари. Само во минатата недела беа уапсени 56 универзитетски соработници, кои се осомничени  дека се поддржувачи на тероризам - дури и ако најверојатно воопшто не убиле никого и не направиле експлозивна направа. И сега нападите од саботата понудија изговор да бидат уапсени повеќе од сто политичари на прокурдската партија ХДП.​​​​​​ Тоа би било оправдано само ако на секој поединец може да му се докаже вклученост во злосторството, или барем дека знаел за неговото планирање .

Провоцирање на нови напади

Се наметнува впечатокот: Владата гони погрешни. Можеа ли  нападите во Истанбул да се избегнат ако државата целата своја енергија не ја користеше за прогон на политичките неистомисленици туку за гонење на  навистина опасни терористи? Каква улога играа разузнавачките служби, кои очигледно немаа никаков поим пред нападите, но затоа еден час подоцна веќе ги знаеја наводните извршители? Дури и ако владата си ги постави овие прашања, тоа нема да има голема полза. Во нападите, таа само ќе види причина за уште посилно да се бори против Курдите во југоисточна Турција и  со тоа да испровоцира нови напади - без оглед каде и од кого ќе бидат извршени тие.

 

DW.COM

Реклама