Ердоган и хомофобната теорија за коронавирусот | Свет | DW | 01.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Ердоган и хомофобната теорија за коронавирусот

Хомосексуалноста е соодговорна за избувнувањето на епидемијата на коронавирусот, рече во редовната петочна молитва претседателот на турската служба за верски прашања. Претседателот Ердоган смета дека тоа е сосема точно.

Али Ербас, претседател на турската државна служба за верски прашања Дијанет, е познат по своето конзервативно толкување на исламот, кое според мислењето на многу критичари не е соодветно за времето во кое живееме. За да не го загуби „добриот глас“, тој се погрижи уште на самиот почеток на рамазанскиот пост повторно да се пресмета со хомосексуалците и свесно ги стави на столбот на срам.

Имено, вината за избивање на епидемијата со коронавирусот ја префрли на хомосексуалците и на оние кои не живеат во брак. „Тоа е гнојарник на генерацијата, кој носи болести“. Исламот ја проколнува хомосексуалноста, рече турскиот врховен исламски свештеник.

Ердоган се позиционира против ЛГБТ

На оваа изјава со горчина реагираа претставниците на цивилното општество, секуларните политичари и адвокати. Тие сметаат дека Ербас со ова направи злосторство од омраза и отвори врата за дикскриминацијата. Но, за турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, Ербас само ја врши својата должност. „Проценката е направена земајќи ги предвид исламот и Куранот“, изјави Ердоган во понеделникот, по седницата на кабинетот. Тој нагласи дека изјавата на службата, која нему директно му е подредена, е „коректна од почеток до крај“.

Повеќе:

-Нема корона-милост за критичарите на Ердоган

-Коронавирус: Турбуленции во турската влада

-Коронавирус: Дали Турција ќе стане нова Италија?

Турскиот претседател особено остро реагираше на критиките од Адвокатската комора во Анкара која, исто така, жестоко се спротивстави на изјавите на претседателот на Дијанет. Ердоган смета оти нивните критики не се ништо друго освен напад на исламот и на турската држава. Адвокатската комора претходно во пишано соопштение нагласи дека изјавите на Али Ербас поттикнуваат непријателство. Правниците, исто така, се придружија на критиките и рекоа оти ваквите изјави не се осамен случај. Али Ербас, според нив, за време на својот мандат често во заштита ги зема силувачите на деца и женомрасците.

Владата се солидаризира со верските служби

Соопштението на Адвокатската комора отвори дебата за хомофобијата и за исламската традиција. На Твитер се мобилизираа силите на владеачката партија АКП, која се солидаризира со Ербас со хаштагот- Али Ербас не е сам. Голем број претставници од владата, исто така, ја поддржаа кампањата, а меѓу нив се и портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин и портпаролот на АКП, Омер Челик.

Челик на својот Твитер профил критиката ја означи како „фашистичка и непристојна“. Тој го зеде во заштита претседателот на Дијанет и вели дека тој, во рамки на својот систем на вредности, има право на слободно мислење. Веднаш по неговиот твит се приклучи и Државното обвинителство, кое всушност повело истрага против Адвокатската комора. Образложението е: „Навреда на религиозните чувства и вредности, кои ги делат најголемиот дел од населението“. За Елифчана Демитраш, членка на Адвокатската комора и специјалистка за ЛГБТ правата, ова е „тажен пример колку е распространета омразата“. Таа, исто така, нагласува дека префрлањето на вината на ЛГБТ лицата, претставува „сериозна опасност“, бидејќи се дава легитимитет на насилството во општеството.

„Уставно злосторство“

За Фират Сојле од советувалишето за ЛГБТ Ламбдаистанбул, изјавата на Ербас претставува „злосторство против Уставот“. „Ербас удри на принципот на мирен соживот и се става себеси над уставот. Бидејќи, според уставот, секој граѓанин е еднаков во општеството.“ Но, изгледа дека некои сепак не се еднакви. Бидејќи, државните служби веќе со години масовно ја напаѓаат ЛГБТ сцената. Минатото лето на геј парадата на главната истанбулска улица, полицијата против демонстрантите употреби солзавец и гумени куршуми. Иако градот не им го одобри протестот, тие сепак сакаа да демонстрираат за своите права. Последната Парада на гордост во Истанбул беше одобрена во 2014 година. Една година претходно на истата учествуваа дури 100.00 луѓе. Но, оттогаш, гуверенерите блиски до владата не одобрија ниту една демонстрација.

 

Реклама