Ердоган замени речиси половина од Владата
Турскиот премиер замени речиси половина од владините министри, откако корупцискиот скандал во земјата натера тројца министри да поднесат оставка, а го загрози останувањето на власт и на самиот Ердоган. Тој во телевизиско обраќање објави дека поставува нови министри на местото на оние кои си поднесоа оставка – за внатрешни работи, економија и животна средина, како и на местото на министерот за европски прашања, за правда, транспорт, семејни прашања, спорт и индустрија, како и на местото на еден од неговите четворица заменици-премиери.
Ердоган во обраќањето не остави впечаток дека размислува за оставка, откако еден од министрите кои се повлекоа, Ердоган Бајрактар, го побара тоа од него, а во исто време во земјата избија антивладини протести.
Овој корупциски скандал станува огромен предизвик за Ердоган, кој е на власт во Турција 11 години. Неговиот имиџ е нарушен од протестите организирани во јуни.
Нов протест се случи вчера во Истанбул. И на него се бараше оставка на Ердоган. Полицијата со употреба на солзавец ги растера, како што се проценува, 5.000-те демонстранти. Корупцијата е насекаде!“, „Отпорот е насекаде“!, скандираа демонстрантите во Истанбул, користејќи ги паролите од масовните антивладини протести, кои ја потресоа Турција во првите три седмици на јуни. Протести се одржаа и во Анкара и во Измир.
На социјалните мрежи осамнаа повици за нови демонстрации против корупцијата и против Ердоган утревечер на плоштадот „Таксим“, што беше центар на јунските протести.
Ердоган смета дека истрагата што во моментот се води за корупција е „валкана кампања против неговата Влада“. Турската полиција, во рамките на истрагата која почна пред 10 дена, приведе десетици луѓе кои се сметаат за блиски до Владата на Ердоган.