Ердоган е заслепен пред ризиците | Свет | DW | 13.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ердоган е заслепен пред ризиците

Ердоган и сега е најмоќниот човек во Турција. Но, тој сака уште поголема моќ, заборавајќи дека потоа тој ќе биде одговорен за сѐ што не чини во државата, смета Петер Штурм од ФАЦ.

Цинички, ситуацијата во Турција, гледана од чисто политичко-научен аспект, претставува исклучително интересно експериментално сценарио. Една, во секој поглед растргната земја, си дозволува луксуз да го преврти на глава целиот свој политички систем и безусловно да се стави во рацете на еден единствен човек. Притоа, тоа минимизирачки се нарекува - уставна реформа. Вакво нешто би било проблематично дури и во обични времиња, и тоа не само од демократско-теоретски причини. Но, времињата не се обични. Турција е мета на напади од различни терористички групи. Делумно и од таа причина, економијата е во тешка криза. Ситуацијата ја влошува и целното изолирање, кое го врши владата кон дел од населението.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган всушност не може да ги затвора очите пред оваа реалност. Како мисли самиот да ги реши сите овие проблеми, останува негова лична тајна. Но, тој стреми натаму, упорно и со години. Уште сега Ердоган е најмоќниот човек во Турција, а сепак веќе од поодамна ситуацијата во Турција не се подобрува, туку во многу нешта се влошува. Дали Ердоган прикриено си признава дека не може да се изземе од вината за влошувањето, дека нема моќ да го промени тоа?

Sturm Peter Frankenberger Frankfurter Allgemeine Zeitung (Frankfurter Allgemeine Zeitung)

​Петер Штурм ​

Веројатно не. Привлечноста на вождовскиот раководен систем за луѓе како Ердоган е токму во тоа, што тие формално не мора никому да полагаат сметка. Притоа, авторитарните лидери во цел свет, а во меѓувреме ги има прилично на број, радо ги игнорираат ризиците. Меѓутоа, доколку единствено тие одлучуваат, и одговорноста за сите аномалии и неуспеси оди неизбежно на нивна сметка. И, порано или подоцна, неминовно се трошат и сите „пиони“ кои можат да ги жртвуваат, со цел да го одвлечат вниманието од сопствените потфрлувања. Тажно е што пратениците во турскиот парламент се впуштија во големиот експеримент на „создавање на авторитарна држава“ и се развластуваат самите себе си. Останува уште една, иако слаба надеж. Можеби народниот референдум сепак ќе го запре новиот устав. Пријателите на Турција од Запад, напнато и прилично немоќно ги следат случувањата во земјата.

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама