„Епл“ ја избриша апликацијата на „Њујорк тајмс“ во Кина | Свет | DW | 05.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Епл“ ја избриша апликацијата на „Њујорк тајмс“ во Кина

Веб-страницата на „Њујорк тајмс“ во Кина е блокирана веќе четири години. Американскиот весник сега повторно е погоден од цензура - избришана е неговата апликација.

„Епл“ ја избриша апликацијата за вести на „Њујорк тајмс“ од својата понуда. Американскиот весник известува дека нивната програма веќе не може да се најде во кинеските онлајн продавници за апликации. Одговарајќи на прашање на весникот, портпарол на концернот „Епл“ изјавил дека апликацијата е отстранета по интервенција на кинеските власти, зашто е во спротивност со „локалните правила“.

Блокирана и понудата на Дојче веле

Интернет-страницата на „Њујорк тајмс“ во Кина е блокирана веќе четири години. Тоа се случи откако весникот во серија статии критички известуваше околу огромното семејно богатство на поранешниот кинески премиер Вен Џиабао.

Од страна на кинеските цензори во земјата се блокирани и бројни други медиуми, меѓу кои и интернет-понудата на Дојче веле, новинската агенција Ројтерс и „Вол стрит журнал“. Кина ги блокира и социјалните медиуми како Фејсбук и Твитер, потоа интернет-услугите на Гугл или веб страници на кои се објавуваат критички текстови против политиката на кинеската влада или се отвораат „забранети“ теми, меѓу кои посебно место заземаат човековите права.

 

Реклама