Епитаф на вековниот бугарски копнеж за Македонија | Северна Македонија | DW | 11.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Епитаф на вековниот бугарски копнеж за Македонија

Македонците да отстапат и Бугарија да го развее знамето на победата? Зошто тоа не е возможно, објаснува колумнистот на бугарската редакцијата на ДВ, Веселин Стојнев во следниов коментар.

Консултативниот совет за национална безбедност кај бугарскиот претседател Румен Радев, посветен на европската интеграција на Северна Македонија, покажа целосен консензус. Не дека позициите на различните партии застапени во парламентот не продолжуваат да се разликуваат, како и оние на Премиерот и на Претседателот. Едните се за тврд курс кон Северна Македонија, со фокус на историјата и на правата на Бугарите таму, додека други се за попрагматичен пристап, фокусиран на економската соработка. Но, никој не се осмели да се спротивстави на бугарската Рамковна позиција од 2019 година, ниту на категоричното јавно мислење кое се противи на какви било отстапки кон Скопје.

Советот испрати јасна порака до Северна Македонија - не си поставуваме краен рок за укинување на ветото, ќе следиме дали го исполнувате Договорот за пријателство и по започнувањето на преговорите за членство во ЕУ, сакаме гаранции за почитување на правата на граѓаните со бугарска самосвест, ќе ги прошириме преговорите во сите области со фокус на инфраструктурните проекти долж Коридорот 8, поврзувајќи го Црното Море со Јадранското Море преку Бугарија, Северна Македонија и Албанија.

Така, во пракса, бугарската позиција останува иста, вклучително и непризнавањето на македонскиот јазик. Само што сега не се споменати проблемите со историјата, туку тие се експлицитно содржани во Рамковната позиција, до која Софија цврсто се придржува. Додадени се стручни преговарачки тимови за сите теми од договорот, плус парламентарната соработка до нивоа на комисии.

Авторот на коментарот, Веселин Стојнев е колумнист на бугарската редакција на ДВ

Авторот на коментарот, Веселин Стојнев е колумнист на бугарската редакција на ДВ

Во оваа ситуација, „добрата волја“ што ќе ја покаже Кирил Петков, кога првпат ќе отпатува во Скопје (неговата посета на 18 јануари е одложена на неопределено време поради Ковид), ќе остане да виси во воздух. Затоа што неговиот нов македонски колега Димитар Ковачевски тешко дека ќе може да одговори со нешто друго освен со гола изјава за добра волја. Ентузијазмот на Кирил Петков да го засили дијалогот со Скопје и да го укине шестмесечното вето на Бугарија под француското претседавање со ЕУ, е уништен. Сега можеме да очекуваме единствено Северна Македонија да отстапи и Бугарија да го развее знамето на победата? 

Тоа, меѓутоа, нема да се случи, не толку брзо. Затоа што и Софија и Скопје се во позиција во која се принудени да делуваат, а сите можни потези пред нив се погрешни. Затоа, секој се вкопува во својата позиција и чека другиот прв да отстапи. Но, и така губат: Северна Македонија губи драгоцено време за почеток на преговорите, а Бугарија станува сѐ поизолирана и под притисок во ЕУ.

Политичките елити во двете земји не можат да отстапат од позициите бидејќи спорот се сведува на идентитетска политика. Бугарите се чувствуваат загрозени како нација затоа што сметаат дека Македонците им го крадат минатото и јазикот. Македонците се чувствуваат загрозени како нација, затоа што ако нивната историја и јазик се бугарски или заеднички, тогаш тие не се баш нација. Во оваа битка за  идентитетот, двете нации се реафирмираат, и постарата и поновата. Но, во оваа реафирмација, тие брзо се оддалечуваат една од друга.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Иронично, она што не успеа да го заврши антибугарскиот југомакедонизам, сега го прави бугарското вето. И, наместо со евроинтеграциите на Северна Македонија да го стекне посакуваното единство со своите вардарски браќа, Бугарија ќе коегзистира со народ целосно отуѓен од неа. За Бугарите, Македонците се претвораат во историски непријатели како Србите. Ова ќе биде епитафот на вековниот бугарски копнеж за Македонија, ова ќе биде конечно ослободување од бугарскиот комплекс за Македонците.

Од оваа ситуација речиси и да нема излез, бидејќи ако некој направи сериозни отстапки, тоа ќе се врати како бумеранг и ќе доведе до домашна политичка криза. И во Бугарија и во Северна Македонија има силни опозиции и закоравено јавно мислење кое веднаш ќе ја урне „предавничката“ влада. Шансата на Петков и на Ковачевски е секој на своите да им ја продаде приказната дека е непопустлив победник. Но, тоа не е возможно без повторно да бидат раскажани две паралелни истории, овојпат од совремието.

Меѓутоа, мора да се бара излез од рововите. Најбезбедно се патува по патишта - автопати, железници... Разговорите нека продолжат со ова. Плус да пуштиме македонски телевизии кај нас, а таму да не се гледа само БНТ4. Потоа ќе се вратиме на националниот идентитет. Така еден ден ќе признаеме дека македонската нација не се појавила наеднаш во Титова Југославија, ниту дека македонскиот јазик е помалку македонски, бидејќи е кодифициран дури во 1944 година. А Македонците ќе признаат дека токму поради ослепените воини на Самуил, Василиј Втори бил наречен бугароубиец и дека нивните предци го пречекале „бугарскиот фашистички окупатор“ како ослободител.

Авторот на коментарот, Веселин Стојнев е колумнист на бугарската редакција на ДВ